Милев: Осминафиналето против Италија круна на нашите кариери

Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска ќе го одржи официјалниот тренинг во Спортскиот комплекс „Полифлорио“ во Бари, каде утре од 18 часот ќе игра против домаќинот Италија во осминафиналето на Европското првенство.

Еден од најискусните во македонската репрезентација Владо Милев посочи дека дуелот против актуелниот европски и светски првак ќе биде натпревар за уживање и круна на кариерата.

-Денеска ќе тренираме и ќе се подготвуваме за Италија. Во тој натпревар ќе влеземе да уживаме, бидејќи играме против една од најдобрите репрезентации во светот, изјави Милев.

Македонските одбојкари својот историски пласман во осминафиналето го остварија со освоеното четврто место во групата Ц која се одигра во Скопје.

-Во нашите редови сè уште трае еуфоријата од големиот успех што го постигнавме со пласманот во осминафиналето. За нас натпреварот против Италија ќе биде круна на нашите кариери. Италија е меѓу главните фаворити да златниот медал, но наше е да излеземе на теренот и да го дадеме максимумот, додаде Милев. /МИА

Таравари во посета на САД

Министерот за здравство и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, е во официјална посета на Соединетите Американски Држави.

Како што е најавено, Таравари ќе присуствува на идниот самит на Генералното собрание на ОН „Мултилатерални решенија за подобро утре“ во Њујорк, на кој ќе присуствуваат лидери од целиот свет.

Се очекува Таравари да има и бројни средби во Њујорк и Вашингтон со високи претставници на американската држава.

Луиза Марија Алкалде е нова претседателка на мексиканската владејачка партија - МОРЕНА

МОРЕНА моментално управува со 23 од 32 држави во Мексико и има мнозинство во двата дома на парламентот.

Владејачката партија во Мексико, Националното движење за обнова (МОРЕНА) ја избра министерката за внатрешни работи, Луиза Марија Алкалде, за нов претседател на партијата и му додели висока функција на синот на претседателот во заминување во оваа латиноамериканска земја, Андрес Мануел Лопез Обрадор, јавија британските медиуми.

Адвокатката Алкалде( 37), која потекнува од истакнато политичко семејство, ќе има задача да ги консолидира крилата на МОРЕНА по заминувањето на основачот на партијата, Лопез Обрадор, кој се сметаше за неизбежен фактор во националната политика во последниве години.

МОРЕНА моментално управува со 23 од 32 држави во Мексико и има мнозинство во двата дома на парламентот.

Алкалде, цврст поддржувач на Лопез Обрадор, беше конгресменка од 2013 до 2015 година, министерка за труд од 2018 до јуни 2023 година, а потоа беше назначена за министерка за внатрешни работи, функција која се смета за една од најважните во земјата.

Таа е и еден од основачите на МОРЕНА во 2011 година, кога ја извршуваше функцијата младински координатор.

-Нема да ве разочарам, изјави Алкалде по нејзиниот избор за партиски лидер пред поддржувачите на МОРЕНА.

Новоизбраната претседателка на Мексико, Клаудија Шајнбаум, подоцна на својот профил на социјалната мрежа Х изјави дека е убедена дека „новото раководство на МОРЕНА ќе заврши одлична работа“.

За организациски секретар на партијата е назначен синот на Лопез Обрадор, Андрес Мануел Лопез Белтран.

Британските медиуми наведуваат дека иако претседателот Лопез Обрадор во 2017 година се огради од раководството на МОРЕНА за да се кандидира за претседател на Мексико на изборите следната година, аналитичарите велат дека партијата отсекогаш му останала под контрола. /МИА

Галант: Израелците да останат смирени во следните денови

Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, денеска ја информира израелската јавност дека ИДФ ги интензивирала нападите врз Хезболах во Либан и дека Израелците треба да останат мирни во следните неколку дена.

-Ги продлабочуваме нападите во Либан, акциите ќе продолжат се додека не ја постигнеме целта и не ги вратиме жителите на север безбедно во нивните домови, рече Галант во видео порака објавена од неговиот кабинет, пренесоа британските медиуми, укажувајќи дека Галант очекува зголемени оган од другата страна на границата.

„Тајмс оф Израел“ денеска објави дека Галант учествува на состанокот за проценка на подготвеноста на домашниот фронт во услови на зголемени борбени операции против Хезболах во Либан.

-Во оваа нова фаза кога влеговме во војна, нашиот успех зависи и од соодветното однесување на домашниот фронт, изјави Галант.

Како што додаде, разликата меѓу успехот и неуспехот ќе зависи од „влегувањето на граѓаните во заштитени простории и други подрачја“, во согласност со упатствата што ќе ги добијат. Тоа спасува животи“, заклучи тој.

ИДФ соопшти дека рано утринава извршила десетици воздушни напади во јужен Либан и ги повика жителите на регионот итно да ги евакуираат домовите и другите објекти каде што милитантната група Хезболах складира оружје.

„Тајмс оф Израел“ пишува дека ИДФ изведува „широки“ напади врз цели на Хезболах во јужен Либан.

Последниот бран воздушни напади уследи по напнатиот ден во кој Хезболах истрела повеќе од сто ракети во северен Израел, од кои некои паднаа во близина на градот Хаифа.

Израел одговори со изведување на стотици воздушни напади врз цели на Хезболах./МИА

притисни ентер