Десетина куќи поплавени поради интензивен дожд во тетовска Мала Речица

Силниот и интензивен дожд што доцна попладнево и вечерва ја зафати Општина Тетово предизвика делумно поплавување на улици, дворови и куќи во градот како и во Мала Речица. 

Поплавите се на неколкуте места каде постојано се јавуваат проблеми при поинтензивен дожд како на булеварот „Благоја Тоска“ спроти касарната и во Мала Речица.

-До 20 часот и 15 минути интервениравме со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде се поплавени дворови, подруми и приземните катови од објектите. Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите, информираше Авни Амети, командир на тетовската противпожарна единица.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот. Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација. /МИА

Остин во разговор со Галант ја истакна потребата за дипломатско решение за заканата од Хезболах

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно денеска разговарал со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, соопшти Пентагон.

Остин ја „повтори својата загриженост“ поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах, се наведува во соопштението, и ја нагласи вербата на САД во „важноста од постигнување дипломатско решение што ќе им овозможи на жителите безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата“.

Тој му рекол на Галант дека САД продолжуваат да вршат притисок за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ја потврдил посветеноста на САД за безбедноста на Израел. /МИА

Германија поднесе кандидатура за домаќин на женското ЕП 2029 во фудбал

Германија е кандидат за домаќин на Европското првенство во фудбал за жени во 2029 година, соопшти денеска Германската фудбалска федерација (ДФБ).

Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф изјави дека германската кандидатура е „главен проект“ на федерацијата и дека ќе му даде „дополнителен поттик“ на женскиот фудбал во Германија.

Противкандидати на Германија за организација на завршниот турнир се Португалија, Данска и Шведска.

Европската фудбалска унија (УЕФА) официјално ќе го објави името на земјата домаќин во 2025 година.

Генералниот секретар на ДФБ, Хајке Улрих, ја смета Германија за „сигурен домаќин со одлична стадионска инфраструктура и одлична соработка меѓу градовите домаќини и локалните власти“.

Германија беше домаќин на Европското првенство за мажи во 2024, а го организираше ЕП за жени во 1988 година, во Западна Германија и во 2001 година. /МИА

Истрагата за обидот за атентат на Трамп: Агентите премногу опуштени, протоколот прекршен

Истрага на американската тајна служба покажа недоволна комуникација и недоволна подготовка од страна на агентите пред о0бидот за атентат на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на митинг во Пенсилванија во јули.

Директорот на службата, Роналд Роу, денеска им изјави на новинарите дека некои агенти биле премногу опуштени додека го обезбедувале собирот во Батлер, што довело до „прекршување на безбедносните протоколи“. Тој нагласи дека тие вработени во агенцијата ќе одговараат за својата непрофесионалност.

Обидот за атентат на Трамп на 13 јули предизвика жестоки критики за службата што го обезбедува претседателот и другите високи функционери, што на крајот резултираше со оставка на поранешната директорка. На критичарите им е нејасно како осомничениот успеал да стигне до покривот со директен поглед на бината каде што поранешниот претседател го држел својот говор.

Во атентатот беше оштетен дел од увото на Трамп, еден од присутните беше убиен, а други двајца беа повредени. Безбедносните сили го убиле 20-годишниот напаѓач. Во меѓувреме, Тајната служба објави дека се „срами“ од нејзиното нарушување на безбедноста.

Властите го истражуваат и вториот обид за атентат врз Трамп, кој се случи во неделата на Флорида. Во тој случај, Тајната служба успеала да го уапси напаѓачот, а републиканскиот кандидат не бил застрелан. Роу нагласи дека Трамп има исто ниво на заштита како претседателот Џо Бајден и демократската противкандидатка Камала Харис на претстојните ноемвриски избори.

Извор: Индекс.хр

притисни ентер