Во три американски држави започна предвременото гласање за претседателските избори

 Во Минесота, Јужна Дакота и Вирџинија денеска започна предвременото гласање за претседателските избори во САД, со што започна шестнеделниот процес кој ќе заврши на 5 ноември.

До средината на октомври ќе гласаат уште десет сојузни држави.

„Кога би можел да мавтам со магично стапче во моментов, би сакал две работи, од сега до 5-ти ноември сакам да видам голема излезност и малку драма“, рече државниот секретар на Минесота, Стив Сајмон.

Директорот за избори во округот Ферфакс во Вирџинија, Ерик Спајсер рече дека околу една третина од локалните гласачи излегле на гласање на денот на изборите за време на претседателските избори во 2020 година, додека останатите гласале по пошта или порано.

Тој додаде дека очекува годинашниве претседателски избори да имаат голема излезност во Вирџинија.

Во Јужна Дакота, највисокиот изборен функционер во округот Минехаха предвидува конечна излезност од 80 проценти. Во зградата на администрацијата на округот во Сиукс Фолс е поставен простор за предвремено гласање.

Окружниот ревизор Леа Андерсон рече дека претседателските избори, како и неколкуте референдуми, особено оние кои се однесуваат на заштитата на абортусот и легализацијата на марихуаната, ќе привлечат гласачи.

Многу гласачи кои гласале порано сега може да се одлучат за рано лично гласање наместо гласање по пошта за да се осигураат дека нивните гласови ќе бидат пребројани, со оглед на големите проблеми со американската поштенска служба./МИА

Киев ја забрани употребата на Телеграм од страна на армијата и официјалните лица

„Русите лесно го хакираат“.

Украинскиот Совет за одбрана и национална безбедност објави дека ќе ја забрани употребата на „Telegram“, популарната апликација за пораки основана од Русинот Павел Дуров, на деловните електронски уреди на повеќето нејзини војници и офицери, сомневајќи се дека руските служби имаат пристап до пораките. .

„Донесена е одлука да се забрани инсталирањето и употребата на „Telegram“ на службените уреди на владини претставници, воен персонал, вработени во безбедносниот и одбранбениот сектор, како и на компании кои управуваат со критична инфраструктура“, се вели во соопштението на Советот.

Војската „често го користи за да разговара за доверливи оперативни прашања“, изјави за АФП висок функционер на украинската безбедност, кој сакаше да остане анонимен. „Тоа е голем извор на протекување информации бидејќи Русите многу лесно ја хакираат апликацијата „Telegram“ “, објасни тој.

Вработените од кои се бара да користат „Telegram“ како дел од нивните должности, особено за дистрибуција на официјални соопштенија за печатот, не се опфатени со ова правило, појаснуваат од Советот, бидејќи апликацијата е главниот канал за комуникација помеѓу војската и јавните органи.

Оваа одлука е донесена за време на состанокот за „заканите по националната безбедност“ што ги носи апликацијата, додава Советот, институција под надлежност на украинското претседателство.

Шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов презентираше „потврдени информации“ кои покажуваат дека руските разузнавачки служби „имаат пристап до личната кореспонденција на корисниците на „Telegram“, дури и до избришаните пораки, како и до нивните лични информации“, според Советот.

И претставници на украинските безбедносни служби тврдат дека Москва користи „Telegram“ за сајбер напади или геолокација на корисници.

Хамас ја осуди „ескалацијата на ционистичката агресија“ по убиството на високиот командант

Терористичката организација Хамас соопшти дека го осудува „бруталниот“ израелски напад врз Бејрут, во кој ИДФ го уби високиот командант на Хезболах Ибрахим Акил.

Во соопштението, терористичката група од Газа вели дека „ја осудува бруталната и терористичка агресија започната од армискиот авион на ционистичкиот непријател врз јужното предградие на Бејрут“ и тврди дека нападот бил „ескалација на ционистичката агресија“, јави Тајмс оф Израел. /МИА

Македонските шахисти поразени од Шведска, дамите убедливи против Нов Зеланд

Половичен успех забележаа македонските селекции на 45 шаховска Олимпијада која до недела се одржува во Будимпешта.

Македонската машка селекција загуби со 1.5 – 2.5 од Шведска, додека дамите извојуваа максимална победа од 4-0 во дуелот со Нов Зеланд.

Шведска ја обезбеди победата над македонските шахисти на третата и четвртата табла на кои Емил Ристески и Антон Златков претрпеа порази. Евгени Романов забележа победа на првата, а Никола Николовски ремизираше на втората табла.

Убедливиот триумф на шахистките во дуелот со Нов Зеланд го донесоа Моника Стојковска, Ивана Манова, Моника Жежовска и Сања Трајковска.

Пред денешното 9 коло, македонските шахисти беа позиционирани на 31 место, а дамите на 65 место.

Пласманот и противниците на македонските селекции во следното коло ќе биде познат по комплетирање на сите дуели од денешната програма.

притисни ентер