Мицотакис за планот за набавка на четврта фрегата: Грција станува сè посилна

 Грција станува сѐ посилна, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Грција станува сѐ посилна, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за одлуката да набават уште една, четврта по ред фрегата Белара, што според него е „неопходна за заштита на земјата и приоритет за кој не се преговара“, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на вчерашната церемонија на бродоградилиштата на компанијата „Навал груп“ во Лорен, Франција, за лансирање на втората фрегата Белара, министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас соопшти дека земјата има намера да започне преговори за набавка и на четврта фрегата.

- Додека нашата земја се подготвува да ја пречека првата фрегата Белара, на денот кога втората беше лансирана во бродоградилиштата на „Навал груп“ во Лорен, додека третата се гради, започнуваат процедурите за набавка на четврти брод од овој тип. Така, се реализира големата програма за зајакнување на вооружените сили што лично ја најавив. Трошоците за купувањето се буџетирани на начин што не ја нарушува нашата фискална конзистентност. Сепак, беше оценето дека е неопходно бидејќи заштитата на татковината е приоритет за кој не се преговара. Грција станува сѐ посилна, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Пред три години Грција и Франција потпишаа Договор за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка, во кој беше вклучена набавката на три модерни француски фрегати Белара.

Главчев: Тонот кој го користи Македонија не е во корист на членството во ЕУ

Сметам дека тонот кој го користи Република Македонија нема да и помогне да стане членка на Европската Унија, изјави денеска во Софија бугарскиот технички премиер Димитар Главчев. 

-Бугарија е предвидлив партнер, лојален на ЕУ. Нема со што да ги изненадивме останатите земји-членки. Го поддржуваме проширувањето и европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Доволно компромиси направивме со националниот идентитет. Република Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ, изјави Главчев.

Изјавата на Главчев е една од серијата реакции на бугарски политичари по забелешките од македонска страна за непоставувањето на македонското знаме за време на неформалната средба на претседателите на двете држави, Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев, минатата недела во Софија, особено по изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации“.

Европратеникот од ЕПП/ГЕРБ Андреј Ковачев, во изјава за Бугарската национална телевизија рече дека ја информирале Европската народна партија за, како што рече однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека побараат да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕПП.

-Мислам дека тие на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕПП и европската демократија, истакна Ковачев, кој смета дека геополитичката насока која ја избираат властите во Скопје е на линија на политиките на Вучиќ, Орбан, Кина и Русија.

Во врска со изјавата на Николоски за непоставување на македонското знаме, Ковачев смета дека таа била искоординирана со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

-Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија, смета Ковачев. кој се осврна и на, како што рече „нивните активности за блокирањето на Коридотот 8“.

Според него, Бугарија не дала повод за провокација и се однесувала цивилизирано и европски и не го користи прашањето за односите со Скопје во предизборната кампања.

Николоски вчера во интервју за Канал 5 изјави дека изградбата на брзата пруга на Коридoрот 10 е најголем приоритет за државата и оти ќе ја почне и ќе ја изгради во два мандатa, при што потенцира дека не е против изградба на пругата со Бугарија, но оти нема да се гради траса која е неизводлива.

-Не сум против изградба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција врз мене и претседателот на Владата, што јавно беше истакнато, нагласи министерот во врска со третата фаза од пругата кон Бугарија.

Со реакција за последните случувања на релација Скопје-Софија денеска и лидерот на Преродба, Костадин Костадинов. Тој бара од бугарското Собрание да донесе декларација, со која Бугарија ќе ги информира своите партнери во ЕУ „за тоа што се случува од другата страна на границата - дека има саботажа против паневропските политики и дека еден од нив е Коридорот број 8“.

-Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство. Потпишавме Договор за пријателство и добрососедство со Македонија. што во моментов гледаме дека искрено се прекршува. Се разбира, сфаќаме дека тоа е намерна политика за провокации, рече смета Костадинов.

Претходно со реакции за како што се наведуваат, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Република Македонија имаше од Кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев и Министерството за надворешни работи во Софија, додека поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов за изјавата на Николоски рече дека „за речникот што го користат има само едно оправдување - оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“.

Премиерот Мицкоски вчера од Брисел порача дека интеграцијата во ЕУ треба да биде процес во кој одлучувачки фактор ќе бидат постигнувањата, а не билатералните прашања, бидејќи ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и за нас е неприфатлив принципот „тие се таму, а вие сте надвор“.

Тој по средбите со високи европски претставници порача дека на нив се разговарало за европската перспектива на регионот и на нашата држава, при што потенцирал дека ние остануваме фокусирани да предлагаме решенија за предизвиците.

- Поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век, ние не можеме да се развиваме како држава за 21-от век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и принципот тие се таму, а вие сте надвор и ако сакате да бидете таму, треба тоа да го прифатите... простете, но ние не можеме да го прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин, нагласи Мицкоски.

Синер именуван за амбасадор на Зимските олимписки игри 2026 во Италија

 Светскиот рекет број еден Јаник Синер ќе стане амбасадор на Зимските олимписки игри 2026 година во Милано и Кортина д'Ампецо, Италија, објави прес-службата на Игрите.

- Горд сум што сум дел од олимпискиот тим во 2026 година, бидејќи ова е искуство кое се случува еднаш во животот, кое ќе ни донесе емоции, нови пријателства и неочекувани средби. Но, пред сè, тоа ќе ни овозможи да бидеме дел од еден извонреден проект - Зимските олимписки и Параолимписки игри во Милано и Кортина д'Ампецо, рече Синер.

Тенисерот не учествуваше на Летните олимписки игри во Париз. Тој се повлече од турнирот поради здравствени проблеми.

Дваесет и тригодишниот Синер годинава Австралија Опен и УС Опен.

Минчев: Законското решение за„балансерот“не е во подготовка, се чека конечна одлука на Уставен

Вчера Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони општо се предмет на дебата тоа се законите за вработените во јавниот сектор и законот за административните службеници. 

Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд за „балансерот“, законското решение ќе почека додека нема конечна одлука, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев на втората јавна дискусија од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која се одржа во Куманово. Тој потенцираше дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд и повтори дека „балансерот“ со години се злоупотребувал.

- Вчера Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони општо се предмет на дебата тоа се законите за вработените во јавниот сектор и законот за административните службеници. Во принцип Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд, затоа што таа е извршна и се спроведува. Ако ме прашате за мој личен став јас досега кажав дека „балансерот“ како една од тие одредби коишто со времената мерка се стопираат мислам дека „балансерот“ како дигитална алатка во минатото навистина беше предмет на злоупотреби и ако разгледуваме во тој контекст одлуката на Уставниот суд ја поздравувам, изјави Минчев.

Во однос на законските решенија, министерот Минчев рече дека во моментот не може да каже дали ќе има ново и какво ќе биде законското решение, ќе се чека на конечната одлука на Уставниот суд.

- Што се однесува до законските решенија јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или пак каква ќе биде содржината на тоа законско решение секако би ја причекал и секако Министерството за јавна администрација конечната одлука на Уставниот суд во зависност од тоа каква ќе биде ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение коешто патем мора да кажам дека е уставна категорија, изјави министерот за јавна администрација.

Одговарајќи на новинарски прашања, Минчев кажа дека осудува какви било протести и дека во рамки на владината коалиција ќе има отворена дебата. Како Влада додаде, се залагаат за сеопфатна реформа на администрација која треба да се базира на професионалност, стручност, квалитет и знаења.

- Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува, каков било повик на протести или пак на дестабилизација на државата за укинување или пак за времена мерка на „балансерот“ ги осудувам затоа што сметаме дека сите заедно дека приоритет и во општеството и во државата и сметам дека е дојдено времето и ние како Влада сме подготвени за таков исчекор е да направиме една сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност односно на професионалниот, само така можеме како држава да одиме напред. Јас досега повеќе пати кажав дека јавната администрација ја сметам за столб на една држава практично за постоење на една држава и на една нација, кажа Минчев.

притисни ентер