На 1 октомври почнува со работа терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи

Само неколку дена нè делат од почетокот на комерцијалната работа на станицата закажан за 1 октомври, датум кој официјално ќе го означи влезот во нова ера за улогата на Александруполи и Грција во енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа.

Комерцијалната работа на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Македонија, ќе се снабдуваат со природен гас ќе започне на 1 октомври годинава, јави дописничката на МИА од Атина.

Извршниот директор на „Гастрејд“, компанијата-оператор на проектот, Костис Сифнеос, заедно со амбасадорите во Грција на земјите-членки на Европската унија и на Швајцарија и Норвешка го посетиле терминалот и како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, биле информирани за начинот на функционирање, за стратешките цели, како и за геополитичката важност.

-Само неколку дена нè делат од почетокот на комерцијалната работа на станицата закажан за 1 октомври, датум кој официјално ќе го означи влезот во нова ера за улогата на Александруполи и Грција во енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа со важни можности за диверзификација на изворите на снабдување, особено по неодамнешниот договор во врска што се однесува на обврзување на една четвртина од капацитетот на терминалот од американската компанија „Venture Global LNG“, рекол Сифнеос, според АНА-МПА.

Посетата на амбасадорите била на иницијатива на унгарската амбасада во Атина, со оглед на тоа што Унгарија е актуелен претседавач со Европската Унија.

Од „Гастрејд“ на почетокот на месецов соопштија дека комерцијалното работење на терминалот доаѓа „по успешното завршување на сите тестови за пуштање во употреба“.

- Проектот ќе ја зајакне водечката улога на Грција во енергетиката и ќе придонесе за диверзификација на изворите на природен гас, енергетската безбедност и создавање на регионален трговски центар за гас во Југоисточна и Централна Европа. Проектот, исто така, ќе го поддржи проширувањето и ќе ја зајакне перспективата на иницијативата Вертикален коридор, соопштија од компанијата.

На средината на декември минатата година во Александруполи пристигна специјално адаптираниот танкер „Александруполис“, односно пловната единица за складирање и регасификација (FSRU) што воедно, во голема мера, го означи финализирањето на изградбата на регионалниот проект.

Пловната единица се очекува да испорачува природен гас до грчкиот преносен систем и од таму до крајните потрошувачи во Грција, Бугарија, Романија, Македонија, Србија и понатаму до Молдавија и Украина на исток и Унгарија и Словачка на запад и да има максимален одржлив капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.

Проектот е кофинансиран од средства на Европскиот фонд за регионален развој на Европската Унија преку Оперативната програма „Конкурентност, претприемништво и Иновации“ во рамките на НСРФ 2014-2020 година.

Во мај 2022 година во присуство на тогашните премиери на Северна Македонија, Грција, Бугарија, на претседателот на Србија, како и на претседателот на Европскиот совет во Александруполи се одржа свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG).

На крајот на март 2021 година, Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,

Тогаш, од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“.

Во батериите за воки-токи што беа детонирани во Либан бил сокриен експлозив

Батериите за воки-токи што експлодираа во средата во Либан, при што загинаа најмалку 25 лица, содржеле високоексплозивно соединение познато како ПЕТН, изјави либански извор запознаен со компонентите на уредот. 

Според него, овој тип на експлозив е тешко да се открие поради начинот на кој бил вметнат во батеријата.

Сликите од експлодираните воки-токи покажуваат етикети на кои пишува „ICOM“ и „Made in Japan“, а компанијата ICOM соопшти дека престанала да ги произведува уредите пред една деценија и дека повеќето од оние што се уште се продаваат се фалсификувани.

Јошики Еномото, генерален директор на одделот за безбедност и трговија на ИКОМ, изјави дека е можно постариот уред да бил модифициран за да се направи бомба.

-Би било тешко да се вметне експлозивна направа во главната преграда на воки-токито, бидејќи неговата електроника е цврсто спакувана, па поверојатно е дека била во батеријата што се вади, изјави Еномото за јапонската телевизија Фуџи.

Друг либански извор за британските медиуми изјави дека до експлозии дошло дури и во случаи кога батеријата била одвоена од остатокот од уредот.

Либански безбедносен извор претходно изјави дека во уредите биле вградени експлозиви што тешко се откриваат, додека уиште еден безбедносен извор објаснил дека во новите пејџери биле сокриени до три грама експлозив и тоа неколку месеци пред експлозиите.

Најмалку 37 лица, меѓу кои две деца, загинаа, а повеќе од 3.000 се повредени во сериите експлозии на двата типа комуникациски уреди во Либан во вторникот и средата.

Либанската влада и милитантната група Хезболах го обвинија Израел за нападот.

Тел Авив не ги коментираше овие наводи, но министерот за одбрана Јоав Галант најави дека Израел влегува во „нова фаза“ од војната.

Швјонтек нема да ја брани титулата во Пекинг

Полската тенисерка Ига Швјонтек се повлече од турнирот во Пекинг.

- Принудена сум да се повлечам од Отвореното првенство на Кина поради лични причини. Многу сум тажна - поминав одлично овде минатата година и победив, па со нетрпение очекував да се вратам.

Сигурна сум дека локалните фанови ќе можат да следат одличното ниво на тенис. Штета што овој пат нема да можам да се вклучам во тоа, изјави Швјонтек.

Светскиот рекет број еден минатата година на турнирот од серијата ВТА 1000 во Пекинг, во финалето ја совлада Русинката Људмила Самсонова со 6:2 и 6:2.

Турнирот во Пекинг годинава ќе се одржи од 25 септември до 6 октомври.

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии

Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии, новата Влада да не ги следи примерите на претходните кои беа против работниците.

Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии за кои укажувавме на почетокот на годината дека ја направија најголемата штета на синдикалното движење во Македонија, нешто што се нема случено ниту во Европа ниту во светот. Борбата што ја водевме овие осум месеци, ни овозможи да добиеме повторување на постапката и укинување на сите правни акти кои значеа конфискација на Работничкиот дом. Упатувам апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците, рече денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој на прес-конференција напомена дека Предлогот на ССМ за повторување на постапката врз основа на доказите со кои Сојузот располага уште од 1948 година, е прифатен од Врховниот суд со насоки да се укинат сите досегашни пресуди, вклучително и ревизијата на Врховниот суд со која се конфискуваше Работничкиот дом од работниците на штета на целокупното работничко движење и на штета на ССМ, со единствена цел, да се уништи ССМ.

-Работниците, правдата и ССМ победија за само осум месеци корумпиран систем составен од корумпирани судии. За наша среќа, не сите судии се во истиот кош. Сакам да се заблагодарам на судијката Оља Крстиќеска во Основниот суд Скопје, која дозволи по брза постапка да се случи повторувањето и да се прифати предлогот за повторување на постапката, како и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која овозможи согласно законските одредби, да даде приоритет на предметот за да може да се случи што е можно побрзо ваквото решение со укинување на срамната пресуда на Врховниот суд, односно, не на Врховниот суд, таму имаме и достоинствени судии, професионалци судии и судии кои работат согласно законите во Македонија, како двете судијки кои беа против уште при носењето на ваквата срамна пресуда од страна на овие тројца судии, како и судиите кои сега овозможија повторување на постапката во Македонија. Сакам да се заблагодарам и на сите судии кои беа вклучени како преку Основниот суд, така и преку Апелациониот суд кои се повеќе од 30 во овие години од 2005-та до денеска, кои судеа на страната на правдата, на страната на вистината, дека Работничкиот дом е граден од работнички плати, од работничка синдикална членарина од ССМ, истакна Трендафилов.

Според него, ССМ минатата година беше изненаден од пресудата во јануари 2024 година која значеше одземање на Работничкот дом од работниците.

-Тоа што сакам да нагласам е дека овој процес почна во 2005 од владата предводена од Владо Бучковски и заврши во 2023 година од страна на владата предводена од Димитар Ковачевски. Упатувам апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците со единствена цел - да го замолчат ССМ, особено поради една причина. Добивме информација дека е прифатена предлог-апликацијата поднесена до Стразбур и дека е повреден член 1 од Протоколот 1 кој значи право на сопственост. Сопственоста не може да биде предмет на политички и олигарсхиски игри. Сакаме да упатиме порака, Работничкиот дом е на работниците, сами бирате дали ќе бидете пријатели или непријатели на ССМ, подвлече Трендафилов.

притисни ентер