Мицотакис: Политиката на ЕУ во мигрантското прашање се приближи до грчките позиции

 Во овие години, миграциската политика на Европа се промени и многу повеќе се приближи до грчките позиции. Ова, веќе е очигледен заклучок, кој произлегува и од самите заклучоци на Европски совет. 

Надворешната димензија на миграцијата, заштитата на европските граници, Пактот за миграција и азил се успеси на Европа и се позиции блиски до грчките позиции, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис нагласи дека Европа донесе одлука, која им служи и на грчките интереси дека „не може криумчарите да одредуваат кој ќе влезе во Европската унија“.

- Она што сега треба да го додадеме е да одредиме европска рамка за враќањата. Бидејќи нашата аргументација ќе биде целосна само ако кажеме дека ние одредуваме кој сака да влезе во Европската Унија, но оној кој не може и нема место во Европа, затоа што нема право на азил, треба да се врати во земјата од која дошол. Токму тоа е целта на директивата што и ја дадовме на Европската комисија, брзо да разработи ново европско законодавство околу прашањата за враќањата. Значи, мислам дека Европа полека, но стабилно се движи во вистинската насока и во насока која дефинитивно им служи и на грчките позиции, истакна Мицотакис.

Дополнително, посочи дека не се вршат враќања на нелегални мигранти во Турција, иако тоа е предвидено во договорот со ЕУ, а паралелно истакна дека грчко-турската соработката во мигрантското-бегалското прашање е подобрена, но дека тоа се однесува на оперативната димензија и подобрата соработка меѓу државните органи на двете земји и пред сè подобрата соработка со крајбрежната служба.

- Грција врши враќања, но сакам да нагласам дека враќањата се тежок процес во целина, не само за Грција туку и за Европската унија. Статистички, само еден од пет од оние кои треба да се вратат во земјите на потекло, на крајот се враќаат, посочи Мицотакис.

Во однос на италијанскиот модел со центрите во Албанија, истакна дека „секоја земја има свои особености“, објасни дека тоа е билатерален договор меѓу Италија и Албанија и коментираше дека тоа е „ново, интересно решение“ за случаи на мигранти спасени во меѓународни води, но дека „Грција веројатно нема такви прашања“.

- Она што е важно е дека во писмото на г-ѓа фон дер Лајен, за враќањата има фраза дека „ќе разгледаме и иновативни решенија“. А меѓу иновативните решенија што може да се разгледаат е и идејата за центри надвор од Европската унија во кои ќе се испраќаат мигранти, чии барања за азил ќе бидат одбиени, доколку не можат да бидат вратени директно во нивните земји на потекло. Ова е само идеја, не е разгледано. Првично сметам дека е позитивна. И секако кога ќе ги видиме конкретните предлози на Европската комисија ќе можеме да излеземе со став, објасни грчкиот премиер.

Вевчани повторно во групата 100 најуспешни зелени дестинации во светот

 Општина Вевчани повторно се пласира во групата на 100 најуспешни дестинации во светот во конкуренција од над 200 апликанти, кои развиваат и практикуваат одржлив туризам на повисоко ниво.

Годинава, како што појасни градоначалникот Спасе Кочовски, се разгледувале 15 критериуми, а во следната фаза ќе бидат земени во предвид уште 15 нови, за искачување на повисоко ниво.

- Процесот продолжува додека конечно не добиеме сертификат, односно да станеме зелена дестинација во светот, истакна Кочовски.

Во оваа фаза, појасни, Општината покажала дека се грижи за природата, има соработка со локалната заедница, бизнисот, невладиниот сектор, ја зачувува културата и традицијата, се грижи за здравјето и безбедсноста на населението, управува со отпадот, го промовира туризмот и воведува одржливи пракитики.

- Ваквите признанија се плод на посветената работа на Општината, соработката со угостителите во Вевчани, како и со сите граѓански организации и локални жители, кои со своето дејствување допринесуваат кон поубаво Вевчани, со што општината е една од најпосакуваните дестинации во Македонија, нагласи Кочовски.

Во наредниот период, додаде, треба да исполнат критериуми за соработка со локалните производители за производство на здрава храна и нејзино послужување во рестораните, користење зелена енергија од фотоволтаици, изградба на енергетски ефикасни објекти...

- Ствањето на светската мапа за зелени дестинации ќе значи поголема промоција на Вевчани во светски рамки, ќе има економси бенефит за населението, отворање повеќе работни места во угостителството и сместувачките кпацитети. Тоа ќе биде дополнителна обврска за населението да се грижи за животната средина и да не ја загадува околината, воздухот и водата, рече градоначалникот.

Во изборот за 2024 година, Општината аплицираше со проектот „Вевчани зелено – Патување низ природата“, додека во првата фаза пред две години со проектот за развој на одржлив туризам „Vevcani Green”.

Мицкоски за обвинувањата на вишите обвинители: Државниот обвинител да ја каже вистината

Државниот обвинител да ја каже вистината, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор.

Шокантно е тоа што успеав да го прочитам и ако е навистина така, мислам дека државниот јавен обвинител треба да излезе пред јавноста и да ја објасни вистината, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со обвинувањата на обвинителите од вишото Јавно обвинителство дека државниот обвинител Љупчо Коцевски им вршел притисок во еден судски предмет.

Според премиерот, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор.

-Морам да кажам дека е шокантно тоа што успеав да го прочитам. И ако е тоа навистина така, мислам дека и државниот јавен обвинител треба да излезе и да објасни во јавноста што е вистината и мислам дека ако е ова точно и ако се потврди како точно, бидејќи се сеќавате ние уште писмото на Катица Јанева од затвор не сме го виделе. Се сеќавате, тоа писмо што од затвор го пишуваше Катица Јанева овозможи овие процеси што беа дел од поранешното СЈО кое, знаете, се распадна поради една чанта од марката Луј Витон полна со странски валути, продолжија да функционираат и ние како политичка партија сме се уште жртва на системот. Имаме блокиран имот, често пати блокирана сметка,... иако е јасна пресудата од вториот степен, односно од апелација, што треба да се направи. Така што, има многу работи за кои треба да се даде објаснување. Исто така, треба да се даде објаснување и од оние материјали што беа констатирани за снимање разговори на обвинители, судии, па тогашниот министер за внатрешни работи нешто друго зборуваше,.... Има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на ново училиште во Ченто.

Премиерот е дециден дека се потребни реформи и во Обвинителствто и во судството, зашто довербата на граѓаните, како што истакна, е под два отсто.

-Многу пати досега во јавните настапи сум кажал дека се потребни реформи и во обвинителството и во судството од проста причина што довербата кај граѓаните е многу мала, е под 2 процента. И логично е ако имате таква мала доверба да најдете начин да направите некаква реформа. Долго време чекав да пристигнат предлози, за жал не пристигна ниту еден предлог, така што во овој момент ни преостанува само тоа да си ја напишеме самите домашната задача и да може таа доверба барем да биде со двоцифрен број проценти за да можете вие граѓаните да чувствувате сигурност кога ќе имате некаков судски процес дека ќе ја добиете правдата, рече Мицкоски.

На прашањето за новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, Мицкоски уште еднаш кажа дека апсолутно верува во неговите професионални капацитети.

-Му посакувам многу среќа и успешна работа на Христовски во делот на обезбедување на безбедноста на Македонија како држава и на вас граѓаните за да можете слободно да се движите и да можете да функционирате. Тој преку фер судска постапка во минатото покажа и докажа дека е жртва на политички мобинг и прогон од претходната разбојничка влада на СДСМ и ДУИ и дека го заслужува местото каде што е назначен, подвлече Мицкоски.

Премиерот останува на ставот за спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање „зашто тоа е реформа што на најголемиот дел од сојузниците во НАТО ја имаат направено“. Тој потврдидека за ова е во комуникација со претседателката Сиљановска-Давкова, бидејќи Агенцијата е во нејзина надлежност.

-Ние сме го разговарале ова и апсолутно ова е резултат на потреба како реформа, не зашто некој има сега лична фрустрација па ќе спојува агенции. Така е направено во најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО Алијансата, рече Мицкоски.

УЈП ги повикува даночните обврзници навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите

Управата за јавни приходи ги повикува даночните обврзници навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период. Крајниот рок за поднесување е 25-ти октомври.

- Оваа обврска важи и за оние даночни обврзници кои во соодветниот период немаат реализирано оданочив промет, велат од УЈП.

Како што денеска соопштија од УЈП, до моментов поднесени се само 6.607 од очекуваните 40.975 ДДВ пријави, што укажува на значителен број обврзници кои сè уште не ја исполниле својата обврска.

Посочуваат дека навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е важно не само за даночната усогласеност на фирмите, туку и за општата финансиска стабилност на секој бизнис.

Управата за јавни приходи потсетува дека поднесувањето на ДДВ-04 пријавата не е само законска обврска, туку и начин да се заштитат даночните обврзници од непредвидливи трошоци и понатамошни постапки.

притисни ентер