Мицкоски: Очекувам до следната летна или есенска сезона нови 100 до 120 електрични автобуси

Премиерот Христијан Мицкоски очекува до следната летна или есенска сезона во земјава да има нови 100 до 120 електрични автобуси кои ќе сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите кои имаат организирано таков превоз.

-Во моментов го скенираме пазарот и анализираме за колкав најбрз период можат да дојдат помеѓу 100 и 120 автобуси, но истовремено и начинот на плаќање да биде со одреден грејс период и на неколку полугодишни рати за да не биде товар на ликвидноста на Буџетот. Потоа тоа, би било пренесено до сите општини кои имаат организиран јавен градски превоз заедно со придружната инфраструктура како што се полначите за електрични автобуси за кои пресметавме дека ќе ни бидат потребни околу 50-тина, рече Мицкоски во одговор на прашање по денешното пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.

Нагласи дека најголем дел од електричните автобуси би биле наменети за Градот Скопје.

За проблемот со недостигот на нафта поради кој ЈСП Скопје два дена имаше редуциран превоз рече дека Градот Скопје е тој што управува со Јавното сообраќајно претпријатие и додаде дека како Влада тоа што требаше веќе го направиле.

-На ЈСП Скопје му дадовме 250 тони нафта на заем. Преку Бирото за јавни набавки е договорено да се проследи барањето на Град Скопје за итна набавка на нафта по пат на преговарање. Сега очекувам да се консолидираат. За се останато доколку ценат дека треба советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи, очекувам да бидат повикани и да бидат објаснети политиките на Градот Скопје, порача Мицкоски.

Телефонски разговор Путин - Ердоган

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска телефонски разговараше со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган за билатералните односи и меѓународните прашања, соопшти Кремљ.

Путин и Ердоган разговараа и за зголемување на ефикасноста на трговската и економска соработка.

Двајца претседатели претходно разговараа на маргините на Самитот на БРИКС во Казан кон крајот на октомври, за изградба на нови нуклеарни централи и за изградба на центар за гас во Турција.

СДСМ: Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор

На 30-от Конгрес којшто се одржа денеска беше избран и новиот состав на Централниот одбор на СДСМ.

Новиот Централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани.

Внесуваме нова енергија во нашите редови. Ги отвораме вратите за сите кои се блиски до социјалдемократски идеи и вредности.

Директен линк со целата листа на сите избрани членови на Централниот одбор: https://sdsm.org.mk/organizacija/organi/centralen

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција

Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција, но според почетните имиња кои се брифираат од медиумите не очекувам опозициската СДСМ на Конгресот да понуди нов квалитет на политичката сцена, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.

- Морам да признаам дека и на нас како Влада ни е потребна квалитетна и конструктивна опозиција, но не очекувам Конгресот на СДСМ нешто повеќе да смени. Ќе продолжат лажните клевети, измислици, инсинуации, политика на ниски страсти, дневно политички теми, а не визија за иднината, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешното пуштање во употреба на нова спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопскиот село Булачани.

Им препорача да се преструктурираат и реконструираат и програмски и кадровски, но, додаде, од ова што го гледам понудата е тенка, а времето ќе покаже дали сум во право.

- Нивното членство и членовите на Конгресот најдобро знаат што и е потребно на партијата, но моја желба е СДСМ да наликува на конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност и ќе инспирира што е можно повеќе граѓани за следните избори, порача Мицкоски.

притисни ентер