Меџити со апел до општините: Аплицирајте со проекти, уште 50 милиони евра на располагање

Уште 50 милиони евра на располагање на општините.

Скопје, 08.11.2024 г. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска заедно со премиерот Христијан Мицковски и директорот на Европската инвестициска банка, Габриел Бјорн, одржаа информативна средба со 58 градоначалници, кои беа информирани за финансискиот договор во износ од 50 милиони евра, средства обезбедени преку Европската инвестициска банка (ЕИБ), а кои ги доделува Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Меџити рече дека средбата била во насока на зајакнување и подобрување на ефикасноста и координацијата во користењето на средствата наменети за „Подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија“, обезбедени од Европската инвестициска банка и Владата на Република Македонија, и кои ќе се доделуваат преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како неповратни средства на општините.

“Со доплонителните 50 милиони евра правиме, уште еден чекор напред за зајакнување и подобрување на условите за живот на сите граѓани на нашата држава, без исклучок. Како што направивме и минатиот пат, со 100-те милиони евра, не се залагаме истите да одат во одредени општини, туку да се распределат за сите локални самоуправи”, рече Меџити, додавајќи дека досега средствата не се искористени и не се распределувале меѓу општините, но процесот е веќе започнат и откако оваа Влада стапи на функција, постигната е реализација на 15 отсто од вредноста на средствата. Тоа ни овозможи да ги започнеме процедурите за реализација на овие грант средства со интензивна реализација на општинските проекти.

Средствата, како што информира Меџити, Република Македонија ги враќа од централниот буџет, а истите ќе се распределуваат според методологија и се неповратни дотации од Владата до општините.

„Проектите за водна инфраструктура во општините кои се финансирани од Европската инвестициска банка се однесуваат на водоснабдителните системи, фекална и атмосферска канализација, вода за пиење и третман на отпадни води, како и заштита од поплави“, изјави првиот вицепремиер Меџити пред медиумите.

Меџити рече дека тимот на Министерството за животна средина и просторно планирање и Проектната единица за реализација работат и на контрола на проектната документација испратена од општините, како и на изработка на документацијата за набавка за реализација на проектите.

До сега се одобрени вкупно 9 проекти со вкупна вредност од 7,33 милиони евра, одобрени од Европската инвестициска банка, од кои ЕИБ финансира 6,56 милиони евра.

Олаф Шолц е подготвен да разговара за нов датум на предвремените избори

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска посочи дека е подготвен за разговори за датумот на предвремените парламентарни избори, по распадот на владејачката коалиција.

„Во средата нагласив дека сакам што поскоро да побарам нови избори во Германија. А за датумот мораме да разговараме на мир“, рече Шолц на маргините на неформалниот самит на лидерите на Европската унија во Будимпешта.

Тој рече дека би било добро пратеничките групи во Бундестагот да се договорат кои закони би можеле да се донесат пред изборите.

„Овој договор потоа може да даде одговор на прашањето кога е вистинското време да се побара од Бундестагот гласање за доверба на владата - исто така во однос на евентуалниот нов датум за избори“, рече Шолц, пренесува Билд.

Шолц оваа недела го отпушти министерот за финансии Кристијан Линднер, а потоа предложи гласање за доверба на владата во јануари, што ќе го отвори патот за предвремени избори во март.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер вчера изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на „семафорската коалиција“ од три партии, предупредувајќи ги сите партии дека треба да се однесуваат одговорно.

Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби гласање за доверба.

Нетанјаху побара од Мосад план за спречување немири на спортски настани во странство

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска и нареди на шпионската агенција Мосад да подготви план за спречување на немири и насилство во странство.

Неговата одлука уследи по судирите откако заврши вчерашниот фудбалскиот натпревар помеѓу холандски Ајакс и израелскиот Макаби Тел Авив во Амстердам, при што се уапсени 62 лица.

- Им наложив на шефот на Мосад (на Давид Барне) и на другите официјални лица да ги подготват нашите правци на дејствување, нашиот систем за тревога и нашата организација за новата ситуација, истакна Нетанјаху.

Во Вашингтон најавен протестен марш пред инаугурацијата на Трамп

Десетици илјади противници на Доналд Трамп ќе организираат протестен митинг на 18 јануари во Вашингтон, два дена пред неговата инаугурација.

Протестот ќе се одржи под слоганот „Народен марш на Вашингтон“ со цел да се изрази незадоволство од најавените политички приоритети на Трамп, кои според организаторите ќе ги поткопа правата на жените, имигрантите, ЛГБТК плус заедницата и расните и верски малцинства.

Организатори на протестниот марш се водечките организации за граѓански права, расни права и репродуктивно здравје. Тие проценуваат дека на маршот ќе присуствуваат 50.000 луѓе.

притисни ентер