Меџити: Имаме усогласеност во владата за Закон за правична застапеност

Меѓу владините партнери има усогласеност за нов закон за правична застапеност во јавниот сектор, тврди првиот вицепремиер Изет Меџити. 

По бројните реакции во јавноста за злоупотреби на т.н. балансер и одлуката на Уставниот суд да го разгледува неговото евентуално укинување, Меџити во интервју за Радио Слободна Европа вели дека има политички договор тоа да се среди со нов закон каде предност ќе има квалитетот, а за етничката припадност да се води евиденција без да се навлегува во приватноста на информациите. Но кога и со каква содржина би го предложиле на Влада останува неизвесно.

-Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и квалитет.

По што ќе се разликува?

-Ако треба да се вработи Македонец, да ќе се вработи, но најквалитетниот. Ако треба да се вработи Албанец – да, но најквалитетниот, најобразованиот, најспремниот и утре, задутре подобро ќе им служи на граѓаните за нивните потреби. Само треба да најдеме начин евентуално да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се косиме со приватноста на информациите, изјави Меџити.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев во изјава за Канал 5 претходно кажа дека во моментов нов закон не се подготвува, а тоа ќе зависи од конечната одлука на Уставниот суд. За евентуално ново законско решение, министерството за јавна администрација ќе се залага за решение за професионална јавна администрација врз основа на стручност и знаење, а не на партиски или етнички кадри.

Од министерството за јавна администрација најавија соодветно упатство кое ќе го испратат до сите институции во однос на постоечките огласи за вработувања, откако Уставниот суд одлучи времено да ги замрзне вработувањата во јавниот сектор.

-Што се однесува до распишаните огласи за вработувања кои се во тек, Министерството за јавна администрација ќе постапи согласно содржината на донесените времени мерки од страна на Уставниот суд, по објавата во Службен весник. За истите ќе подготви соодветно упатство кое ќе го сподели и дистрибуира до сите институции, велат оттаму.

Во меѓувреме, Вреди и ДУИ ја продолжуваат партиската „војна“ преку соопштенија за тоа кој е виновен за одлуката на Уставен за балансерот, но и за Законот за бранители кој го предложи СДСМ во Собранието. Меџити порача дека очекуваат овој закон и натаму да остане „заглавен“ во комисијата која ја води пратеничката од Европскиот фронт“, Илире Даути, бидејќи според нив тој не е добар за државата и процесите.

Од ДУИ, пак, секојдневно ги прозиваат Вреди дека дозволиле укинување на правата на Албанците и нарушување на меѓуетничките односи.

Либански пратеник член на Хезболах: Војната со Израел влезе во нова фаза

Либанскиот пратеник Хасан Фадлалах, член на Хезболах, денеска изјави дека војната со Израел влезе во нова фаза и дека организацијата е подготвена за секое сценарио, војна или конфронтација.

На погребот на еден член на екстремистичкиот Хезболах убиен заедно со десетици други, вкупно 45 лица, во израелски воздушен напад во населба во Бејрут, Фадлала рече дека јужниот фронт одиграл клучна улога во притисокот врз Израел да ја запре војната во Газа.

Тој, исто така, оцени дека Израел нема да може да ја постигне својата главна цел да ги врати доселениците на север и ги пофали можностите на Хезболах.

-Имаме силен и способен отпор кој има способности, компетенции, бројни борци и опрема и може да се прилагоди на секоја нова ситуација, рече заменикот.

Албанија ги „дисциплинира“ и нотарите

 Паралелно со процесот на ветинг кај судиите и обвинителите, во Албанија се спроведува строга контрола и во работата на нотарите.

- Во периодот јануари-август 2024 година, Министерството за правда ги засили контролите во нотарските канцеларии низ државата, при што беа извршени 42 контроли, што е значително зголемување во однос на минатата година. Овие контроли дојдоа како одговор на поплаки на граѓаните, како и за гаранција за спроведување на законските правила од страна на нотарите, рече министерот за правда, Улси Мања.

Според него, во периодот јануари-август годинава, одземени им се лиценците за работа на 11 нотари, а изречени се и други мерки.

Како резултат на овие длабински проверки преземени се управни мерки против 22 нотари за кои е констатирано прекршување. Од нив, на 11 нотари им е одземена лиценцата, четворица други се суспендирани, додека на седум нотари се изречени управни мерки. Запленети се и 17 нотарски архиви, посочи Мања.

Инаку, деновиве разрешен е обвинителот Сабри Кастрати, од Обвинителството во Лежа, кој не можел да го аргументира потеклото на имотот што го поседувал. Од почетокот на процесот, 1 јануари 2018 година, ветингот не го минале над 200 судии и обвинители, меѓу нив и претседател на Врховен суд.

Пријателскиот кошаркарски меч Панатинаикос- Партизан пред 42 000 гледачи

Актуелниот освојувач на кошаркарската Евролига, Панатинаикос ја објави официјалната бројка на посетители кои од трибините на стадионот „Панатинаикос“ го следеа натпреварот со Партизан на турнирот „Павлос Јанакопулос“.

Иако првично информации беа дека дуелот во Атина меѓу европскиот шампион Панатинаикос и Партизан го следеле околу 35 000 гледачи сега најновите информации покажуваат дека таа бројка била многу поголема.

Дури 42.000 луѓе во живо го виделе поразот на „зелените“ од Атина од црно-белите од Белград со резултат 75:64.

Инаку овој дуел беше и последен тест за избраниците на Жељко Обрадовиќ пред сезонското деби во АБА лигата против Борац на 25 септември.

Најдобар во тимот на Партизан беше Двејн Вашингтон со 13 поени, додека Брендон Дејвис додаде 12.

притисни ентер