Денеска се навршува точно една година од нејзиното грабнување утрината на 27 ноември а се започна откако нејзината мајка на социјалните мрежи објави дека Вања е исчезната. Шест дена подоцна нејзиното тело ќе биде пронајдено кај местото Дупки во близина на скопското село Бразда. Полицијата на 2 декември лани приведе пет лица кои ги поврза со исчезнувањето на Вања, а Влатко Кешишев, кој тогаш е еден од осомничените, го посочува местото каде е закопано девојчето. Вања била киднапирана од влезот на нејзината зграда кога излегла од домот за да оди на училиште.
-Двете од лицата кои биле со возилото цитроен, а по претходно добиена информација која ја имале вечерта пред извршувањето на грабнувањето, дека девојчето ќе биде само и во колку часот, во влезот од зградата го земаат и е ставено практично со врзани раце и нозе и во една вреќа за спиење и го ставаат во цитроенот,- изјави – Оливер Спасовски – Поранешен министер за внатрешни (04.12.2023).
На сето ова му претходи исчезнувањето на 74 годишниот велешанец Панче Жежовски. Неговиот цитроен ќе биде клучен двата случаи да се поврзат и да ја однесе полицијата до реното кангу и првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.
-Панче должел некои 500 евра и така веројатно е избран како жртва за да се земе колата и да се изврши грабнувањето,- изјави – Гаврил Бубевски – ОЈО Скопје (04.12.2023).
Љупчо Палевски, ќе соопшти тогаш МВР, на 5 декември е уапсен во Беликесир, Турција. Неколку месеци подоцна ќе биде екстрадиран во Македонија а во меѓувреме скопското обвинителство поднесе обвинение за случајот. Заедно со него на обвинителна клупа седнаа и Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видевски, како и Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања на првото судско рочиште на 20 септември годинава. Мотивот, според обвинението е да се изнудат пари од мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.
Сите обвинети тогаш негираа вина, а судската постапка продолжи со испитување на сведоци кои ги предложи обвинителството. Полициските инспектори кажаа дека обвинетите признале и го посочувале Палевски за организатор, потоа Кешишев достави изјава со која го бранеше Палчо за потоа да каже дека истиот му ја наметнал. Обвинителството пак уверуваше дека сепак располага со цврсти докази првообвинетиот.
-ОЈО Скопје има доволно цврсти докази со коишто ќе докаже, товарот којшто на обвинетите им се става на терет дека го сториле во критичните моменти. По изведувањето на вербалните докази, следи изведувањето на материјалните докази со кои во целост ќе се доразјаснат одредени околности коишто во јавност оставаат прашалници што и како се случило,- изјави - Жаклина Крстевска Јосифовска – Обвинител (25.11.2024).
Она што за што јавноста се уште не доби одговор е зошто Вања била убиена без да се бараат пари од семејството со оглед на тоа и мајката Зорица и нејзините родители во судница кажаа дека такво нешто немало. Се спомена само порака во вибер група, но и експертската јавност смета дека обвинителството има тешка задача пред себе во докажувањето на мотивот. Одговор се очекува од испрашувањето на обвинетите кое ќе се случи на крајот од судската постапка.