Револтирана од тоа што и покрај укажувањето на бројни неправилности, не добила никаков одговор кој, како што вели, би ги побил нејзините тврдења за злоупотреби, Славјанка Петровска преку официјално писмо ја известила Централната изборна комисија на СДСМ дека ја повлекува кандидатурата за претседател на СДСМ. Ваквата одлука, во пресрет на утрешните избори Петровска тврди дека ја донела сакајќи да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегне да биде соучесник во погазување на статутот. Таа вчера обвини за злоупотреби на податоците на членството на еден од кандидатите и побара внатрепартиските избори да бидат одложени.
-Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда, вели Петровска.
Денеска никој од партиските функционери не сака јавно да коментира за случувањата и очекувањата од утрешните избори. Нема најави ниту кога ќе продолжи отчетниот конгрес кој беше одложен поради барањето на општинските организации за повеќе време да го разгледаат обемниот извештај за изборните резултати, иако очекувањата беа дека тоа ќе се случи пред да се бира партискиот лидер.
Покрај Петровска, кандидати за лидер на партијата се и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.
За познавачите евидентно е дека кај социјалдемократите владее големо неединство. Според новинарот Зоран Иванов иако можни се изненадувања, сепак очекува главната битка да се води меѓу Филипче и Деспотовски. Не ја исклучува можноста тие да се соочат и во втор круг.
- Ниту розата им цвета, ниту тупаницата е стегната. Евидентно е дека СДСМ е во големо неединство. Нешто повеќе од 20.000 членови што ќе гласаат на толку еминентна и со традиција голема партија, навистина во негативна смисла е изненадување, но сепак тоа е значајна партија која граѓаните ја препознаваат во услови на криза и ја бараат. Не знам што ќе се случува утре на изборите, ова што Славјанка Петровска се повлекува од чинот на гласање и не бара да се гласа за неа, само кажува дека партијата е во уште поголема криза. Очигледно дека струмичкото и скопското крило ќе бидат фаворити. Ќе се води битка меѓу Филипче и Деспотовски. Третиот кандидат не е многу познат во пошироката македонска јавност, можеби не и во пошироките партиски кругови, но можни се секакви изненадувања, вели Иванов.
Утре 23.373 членови кои се пријавиле, ќе имаат можност да гласаат за нов претседател на СДСМ, а гласањето ќе се спроведе во општинските организации од 8 до 20 часот. Пред три години, кога за претседател на партијата беше избран Зоран Заев, на непосредното гласање од членството се пријавија 68.999 членови.
За да биде избран нов лидер на партијата потребно ќе биде еден од кандидатите да освои повеќе од половина гласови од тие што ќе излезат на гласање.