Лазаров пред реваншот со Клаипеда: Одиме на победа и на вториот меч

 Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, кажа дека неговиот тим на денешниот реванш со Клаипеда Драгунас нема да оди да ги брани 11-те голови предност, туку ќе игра на победа.

Евентуален триумф за младиот македонски тим би прва европска победа на гостински терен.

- Очекувам тежок натпревар затоа што во шест дена ќе играме три натпревари и тоа не какви било, туку два натпревари од Европски куп и еден дерби меч со Еурофарм Пелистер, а имаме едно долго патување. Свесен сум дека нема да биде лесно. Имаме хендикеп со повредата на Никола Костески, тоа треба да го споменеме. Внимателен сум, затоа што публиката во Автокоманда, виде, имаме за противник екипа што сака да игра, сака да се наттрчува цел натпревар. Анализиравме и видовме дека во 48 минута беше само шест разлика, а во 54 беше 13 разлика. Можеше да биде поинаку, можеби малку е нереален резултатот. Имаме голема залиха, но тоа не треба да не опушта, ќе се потрудиме да бидеме квалитетни и да одиме на победа, тоа ни е целта, изјави Лазаров.

На првата средба во Скопје, РК Алкалоид славеше убедлива победа со 42:31.

Натпреварот во Литванија од второто коло во квалификациите за Европскиот куп почнува во 15 часот.

Малолетник со нож рани 19-годишно момче на автобуска постојка

Насилството меѓу младите не запира. 

Малолетник со нож синоќа ранил 19-годишник, откако претходно со уште едно лице физички го нападнале. Инцидентот се случил на автобуска постојка во скопски карпош, а не се познати причините за нападот врз момчето. Неофицијално, момчето кое употребило ладно оружје имало 15 години.

-Деветнаесетгодишното момче било нападнато на оваа автобуска станица кај „Сити мол“. Кратко време после тоа, полицијата го уапсила 15-годишниот напаѓач.

Како што соопштија од МВР, нападот бил пријавен вчера околу 19.35 минути, а по половина час момчето било приведено и тоа го признало делото.

-На 25.10.2024 околу 20 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје привеле малолетник од скопско, постапувајќи по претходна пријава од Р.Т. (19) од скопско, дека околу 19.35 часот на автобуска постојка на територија на Карпош, две лица го нападнале и му била нанесена повреда со остар предмет. Кај малолетникот бил пронајден и одземен нож, извршен бил службен разговор во Полициската станица Карпош, во присуство на родител, при што малолетникот го појаснил начинот на извршување на кривичното дело. – МВР

Дел од граѓаните сметаат дека насилството кај младите е се почесто изразено. Тие велат дека надлежните треба посериозно да се занимаваат со овој проблем, а прстот за недоличното однесување кај младите го вперуваат и кај родителите.

Тепачките помеѓу младите на автобуските постојки, но и во самите градски автобуси се случуваа и во минатото. На почетокот на март годинава, осумнаесет годишно момче на автобуска постојка со нож избоде друго лице, при што доби кривична пријава.

Последната тепачка пак на автобуска постојка беше кај Бит Пазар на средината на месецов, откако две лица истепале малолетник од Скопје.

Бугарија утре гласа на избори – Мицкоски ќе „навива“ за Борисов

Премиерот Христијан Мицкоски во лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов гледа подобар соговорник во споредба со останатите бугарски лидери за надминување на несогласувањата на релација Скопје – Софија. 

Во пресрет на изборите во Бугарија, Мицкоски посакува Борисов да биде идниот мандатар за состав на Влада со оглед на тоа што партиите кои и двајцата ги водат се сестрински партии и дел од семејството на ЕПП.

-Со партијата ГЕРБ која ја води Бојко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам уште една политичка партија којашто доаѓа од нашето семејство да победи на изборите. Би било нелогично ако се однесувам како некои од лидерите коишто се дел од нашето семејство во Европската народна партија се однесуваа во минатото кои помагаа и соработуваа со левичарски опции вклучитолно и овде кај нас во Македонија. – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада

Во Бугарија утре се одржуваат седми по ред парламентарни избори во последните три години. Во условиу на длабока политичка поделеност, партиите ќе се обидат да формираат стабилна коалиција иако анкетите покажуваат дека тоа нема да оди лесно.

ГЕРБ на Борисов има убедлива, околу 10-процентна предност, пред Продолжуваме со промените на Кирил Петков и проруската „Преродба“ на Костадин Костадинов, кои се борат за второто место. Вчера партиите ги испратија последните пораки до гласачите, а Борисов порача дека ако не му дадат барем 80 мандати, да се спремат за осми по ред избори.

-Политичарите му се должни на народот и затоа треба да мора да ја вратат безбедноста и мирот, а тоа се прави со влада со 4-годишен мандат. Јас гарантирам дека ГЕРБ ќе стори сé што е можно за да формира кабинет што ќе ги врати стабилноста и безбедноста. Излезете и гласајте. -– Бојко Борисов – ГЕРБ

- Гласајте за број 26 за да продолжат инвестициите за народот, повисоки плати, подобро образование и здравствено осигурување. – Асен Василев – Копретседател на Продолжуваме со промените

По оптимистичките најави на Таравари дека процесот на уставни измени може да почне во декември, Мицкоски е дециден дека нема поместување на веќе познатиот став.

-За да почне процесот на уставните измени потребно е тоа што ние го предлагаме да биде прифатено. Кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор на нашата земја во рамките на ЕУ да важат уставните измени што мислам дека е фер решение за сите. Инаку нашата позиција поврзана со уставните измени ја знаете, и мојата лична и како ВМРО ДПМНЕ и мислам дека тука не треба никој да има дилема дека ќе има ни милиметар понапред ни милиметар поназад. – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада

Мицкоски потврди дека се откажува од испраќањето на писмото до ЕУ со кое имаше намера да ги потенцира нерационалните билатерални условувања од Бугарија на патот на евроинтеграциите и да предложи одложено дејство на уставните измени. Се што требало да има во писмото, рече дека е разговарано со лидерите на ЕУ вклучително и со шефицата на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

Уапсен 50 годишник поради поседување оружје во својот дом во кичевско Грешница

50-годишник од кичевско е уапсен во селото Зајас при претрес на неговиот дом, каде било пронајдена поголема количина оружје.

При претрес во неговиот дом во селото Грешница, извршен по судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа три автоматски пушки калибар 7,62 милиметри, една ловна пушка, 10 ловни патрони и 188 куршуми калибар 7,62 милиметри, кои неовластено ги поседувал.. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од министерството за внатрешни работи..

притисни ентер