Во соопшението се наведува дека многу групи граѓани зависат од јавниот превоз за да ги остварат своите основни човекови права како правото на образование, движење, здравје, работа, пристап до добра и услуги и други.
- Недостапноста на јавниот превоз непропорционално повеќе засега одредени групи на граѓани како жени, млади луѓе и ученици, пензионери и други возрасни лица, Роми, луѓе што живеат во населби пооддалечени од центарот на градот. Особено е загрижувачка состојбата со јавниот превоз од населбата Шуто Оризари, каде повремено возат само приватни превозници, со што се врши дополнителна дискриминација врз основа на етничка припадност и раса, соопштија од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Изразуваат загриженост и за неможноста учениците да посетуваат настава, да го остваруваат правото на образование поради недостапноста на јавниот превоз, гарантирано со член 44 од Уставот на Република Македонија, каде е наведено дека образованието е достапно на секого под еднакви услови.
Јавниот превоз, се подвлекува, има многу значајна улога во општеството и носи бројни економски, социјални, здравствени и еколошки бенефити. Преку јавниот превоз се промовира и зајакнува инклузивноста бидејќи тој овозможува сите луѓе да учествуваат во животот во градот и да ги остварат своите права. Со јавниот превоз се промовира независноста и мобилноста на граѓаните, се зајакнуваат социјалните интеракции и чувството на живеење во заедница. Клучна карактеристика на општества во кои има повисоко ниво на еднаквост е добро организиран, достапен и пристапен јавен превоз кој го користи голем дел од населението. Недостапноста на јавниот превоз ги продлабочува нееднаквостите на сметка на и онака помалку привилегираните групи во општеството.
- Исто така, недостапноста на јавниот превоз го зголемува користењето на приватните возила и ја зголемува фреквентноста во сообраќајот, што директно влијае на загадувањето на возухот и на оневозможување на правото за здрава животна средина. Согласно член 43 од Уставот секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и Републиката е должна да обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните за здрава животна средина, соопштија од Комисијата.
Од овие причини, од Комисијата апелираат до централните и локалните власти да ги остават настрана партиските интереси и итно да донесат долгорочни решенија за унапредување на достапноста и пристапноста на јавниот превоз.