Клоп: Мојата улога е да бидам ментор на тренерите во системот на Ред Бул

Германскиот тренер Јирген Клоп го коментираше неговото назначување на функцијата „Фудбалски шеф“ во Ред Бул.

- Да се ​​биде дел од ваков проект по речиси 25 години тренерска работа не е ништо повозбудливо. Иако мојата улога се промени, мојата страст за фудбалот и луѓето кои се вклучени не се промени. Работејќи во Ред Бул на глобално ниво, сакам да ги развивам и поддржувам нашите неверојатни играчи. Ја гледам мојата улога како ментор за тренери и менаџери на клубови во системот на Ред Бул, изјави Клоп.

Според „Скај Спорт“, Клоп ќе биде одговорен за развојната стратегија на РБ Лајпциг, Салцбург, Њујорк Ред Булс и други тимови од франшизата на Ред Бул. Педесет и седумгодишниот Германец ќе започне со работа на 1 јануари 2025 година.

Клоп ќе има и опција да го раскине долгогодишниот договор доколку добие покана да стане селектор на германската репрезентација.

„Политико“: Европските и германските избори ја блокираат ЕУ

Во услови кога поголемиот дел од оваа година европските институции се во режим на бирократско ресетирање, во Брисел се чувствува изразен недостиг на потребата од итност, оценува анонимен дипломат на ЕУ во изјава за бриселскиот портал „Политико“.

Порталот оценува дека прво, институциите на ЕУ беа парализирани од јунските европски избори, а сега во блокот се предвидува уште една година на застој, бидејќи европските бирократи ќе ги чекаат резултатите од германските избори во есента 2025 година.

Според „Политико“, дипломати и официјални претставници на ЕУ изразуваат загриженост оти во вакви услови Брисел ќе биде заглавен со месеци во рутински активности.

- Европските избори за 720 членови на Европскиот парламент го потрошија Брисел во првата половина на 2024 година. Институциите во Брисел застанаа, бидејќи претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен, водеше кампања за втор мандат и чекаше реизбор од новиот Парламент. Сега, таа чека тој Парламентот да го одобри нејзиниот тим од 26 комесари, кој ќе ја предводи извршната власт на ЕУ, се наведува во текстот.

Во анализата натаму се нагласува дека се очекува новите членови на Европската комисија да ги седнат во своите фотељи на 1 декември, со што имаат само малку време пред декемвриските празници.

- Најмалку што можеме да направиме е да избереме нова Европска комисија до изборите во САД, вели европскиот дипломат.

Според „Политико“, ЕУ е во очекување на претседателските избори во САД предвидени за 5 ноември, од чии исход се очекува да зависи идната политика на Вашингтон кон Украина.

- Додека кандидатката на демократите Камала Харис вети дека ќе ја продолжи воената, политичката и економската поддршка на американскиот претседател Џо Бајден за Украина, тоа истото не може со сигурност да се каже и доколку Доналд Трамп ја преземе власта во ноември. На неодамнешните предизборни настапи, Трамп ја повика Украина да склучи договор со Русија за прекин на инвазијата, а дури се закани и дека ќе ја запре американската помош за Украина доколку биде реизбран, наведува „Политико“.

Во тексот се наведува дека сепак дури и новата Европска Комисија да биде формирана во планираните роково, „играта на чекање“ во ЕУ ќе продолжи поради германските федерални избори следната година.

Така, според „Политико“, наместо да се фати за работа и да се врати на креирањето политики, вклучително и изработката на буџетката рамка за периодот 2028-2034 година, од која ќе зависи се во блокот – од помошта за земјоделството, до поддршката за Украина, ЕУ најверојатно ќе го одложи носењето на важни одлуки за по изборите во Германија.

Ова особено, што за Германија, кој е позната по своите заложби за штедливост, од голема важност се прашањата за зголемување на буџетот на ЕУ или овозможување на заеднички долг на Унијата.

- Така, економската сила во ЕУ, Германија, ќе биде политички парализирана пред изборите во септември 2025 година, особено кога станува збор за какви било одлуки за поголем европски буџет. За време на кампањата, германските партии ќе бидат принудени да го отфрлат предлогот на Комисијата, кој најверојатно ќе бара поголем европски буџет, наведува „Политико“, повикувајќи се на „високи европски дипломати“.

Буџетот на ЕУ се носи со консезус, за што е потребна поддршка од сите земји членки, па тој не би можел да усогласен без јасниот став на Берлин. Според експертите, не можеме да се оелкуваат никакви одлуки околу буџетот или нови даноци и финансирање се до изборите во Германија.

- Сите се во режим на чекање и токму кога мислите дека можеме да тргнеме, вниманието ќе се префрли на Берлин, вели претставник на ЕУ, а него колега смета дека е „тешко да се замисли носење одлука за трошоците пред гласањето“ во Германија.

Според „Политико“, дури и новиот претседавач со ЕУ од 1 јануари 2025 година – Полска нема да може да направи нешто повеќе додека Берлин е во режим на кампања.

- Во годината кога направи многу малку и нема да може да направи нешто многу повеќе и во очекување на судбоносните избори во САД, Европската Унија ќе продолжи со напорите да и помага на Украина, препуштајќи им на другите глобални сили да се справат со руската инвазија, заклучува „Политико“.

Ердоган во дводневна посета на Србија

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ ќе биде домаќин на претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган, кој денеска попладне и утре ќе престојува во официјална посета на Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според програмата на посетата, претседателите Вучиќ и Ердоган утре ќе одржат состанок по што ќе се одржи четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Република Србија и Република Турција. По средбите предвидено е свечено потпишување на договори и изјави за медиумите, а Вучиќ и Ердоган ќе присуствуваат и на бизнис форум.

Ердоган пред да пристигне во Белград денеска ќе ја посети Тирана.

Според турските медиуми ова ќе биде почеток на „дипломатски маратон“ на Ердоган, бидејќи по Белград тој на 22 октомври ќе отпатува за Казан, Русија, каде што ќе се одржи 16. Самит на БРИКС, каде е предвидено да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Ова е трета посета на Ердоган на Србија во изминатите пет години. Тој последен пат ја посети Србија во септември 2022 година.

Вучиќ тогаш побара од турскиот претседател помош за испорака на струја од Азербејџан во Србија и изјави дека со Ердоган разговарал за поголема воена соработка и поголема соработка помеѓу наменските индустрии на Србија и Турција. Тој повтори дека Србија сака да купи турски беспилотни летала „Бајрактар“, но набавката никогаш не е реализирана. Тогаш беше потпишан и протокол со кој им се овозможува на државјани на Србија и на Турција патување само со лична карта.

Парите од унгарскиот кредит наменети за компаниите ќе одат преку Развојната банка

Парите од унгарскиот кредит наменети за компаниите ќе одат преку Развојната банка, се очекува да бидат достапни до Нова година.

Парите од унгарскиот кредит наменети за бизнис секторот ќе одат преку Развојната банка која треба да преговара со комерцијалните банки под кои услови ќе им бидат дадени на компаниите. Парите се очекува да бидат достапни до крајот на годинава.

- Во текот на следната недела очекуваме да биде направен преносот на средствата. Тука ќе треба да се направи и прераспределба во рамки на Буџетот. Ние ќе ги префрлиме парите кон Развојната банка на принцип на позајмица и таа понатаму ќе ги пласира. Мојата обврска беше да го потпишам кредитот, да ги обезбедам средствата, да ги префрлам на Развојната банка со склучен договор меѓу Министерството и Развојната банка, а понатаму Развојната банка и луѓето вклучени во целата постапка, треба да си ги преземат обврските и да ја продолжат понатамошната комуникација со комерцијалните банки, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска на прес-конференција во Владата.

Се очекува парите од кредитот, што на 8 октомври беше потпишан во Будимпешта, да бидат достапни за компаниите пред Нова Година. Министерката вели дека такви се очекувањата, но дека се ќе зависи од ангажманот на сите институции инволвирани во процесот.

- Согласно разговорите што сум ги имала со премиерот, очекувам дека годинава тоа ќе биде, но не би знаела како ќе се одвиваат понатаму работите. Можам да гарантирам за нешто што е во рамки на Министерството за финансии, дали и другите така ќе се ангажираат, не можам да гарантирам и како резултат на тоа не можам да ви кажам дали би биле. Очекувањата се дека ќе бидат пред Нова година, рече Димитриеска-Кочовска.

Министерката не открива детали за Предлог-буџетот за 2025 година, но вели дека пари за ЕСМ во новиот буџет не се планирани. Парите ќе треба ЕСМ да ги обезбеди преку комерцијалните банки, а министерката за финансии вели дека банките го поддржуваат секој што има визија и план.

- Останувам на ставот дека пари од Буџетот нема да одат кон ЕСМ, а понатаму ќе видиме дали комерцијалните банки ќе одобрат или нема да одобрат кредити. Мислам дека тоа е веќе договорено и дека помина и на последната владина седница. Бидејќи бев во Будимпешта и целосно посветена на потпишувањето на кредитот, не ја следев комплетно ситуацијата, односно состојбата и одлуките на Владата, но, по мои информации, требаше да биде помината информација за ЕСМ дека ќе си ги обезбедат средствата од синдицирани заеми од комерцијалните банки. Јас воопшто не се сомневам дека имаат можности. Страшното е кога немате план и визија,тогаш ниедна банка не ве поддржува, но ако имате добри бизнис планови како ја гледате иднината на компанијата, тогаш банките може да го сменат размислувањето и да ве поддржат. Суштината е во тоа како ве гледаат и оценуваат банките. Доколку имаат доверба во вас не значи тоа што компанијата е толку задолжена. Точно е тоа дека компанијата буквално е уништена од претходната влада, но благодарение на новиот менаџмент и новиот директор, се реорганизираат и банките тоа го препознаваат, истакна Димитриеска-Кочовска.

Во однос на повратот на ДДВ кон компаниите, Димитриеска-Кочовска не се согласува со тезата дека се доцни. Вели имало многу злоупотреби во изминатиот период и одредени компании се задржани ако има отворени предмети за нив кај надлежните институции.

- Зависи со кого разговарате. Ако прашате некои од компаниите што се многу познати на пазарот и кои биле редовни плаќачи, ќе ви кажат дека повратот на ДДВ се одвива регуларно. Ние знаеме дека во делот на повратот на ДДВ имаше многу злоупотреби и таквите компании се задржани. Да не заборавиме и дека кога директорката на УЈП ја презема позицијата имаше отворени налози во износ над 1,5 милијарда денари. Можеби тие се парите што доцнат и секако има одредени ситуации каде што има компании коишто јас лично сум ги проверувала и коишто се предмет на дополнителни анализи, кога ќе се направат ќе си ги добијат средствата, вели Димитриеска-Кочовска.

притисни ентер