Ердоган во дводневна посета на Србија

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ ќе биде домаќин на претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган, кој денеска попладне и утре ќе престојува во официјална посета на Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според програмата на посетата, претседателите Вучиќ и Ердоган утре ќе одржат состанок по што ќе се одржи четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Република Србија и Република Турција. По средбите предвидено е свечено потпишување на договори и изјави за медиумите, а Вучиќ и Ердоган ќе присуствуваат и на бизнис форум.

Ердоган пред да пристигне во Белград денеска ќе ја посети Тирана.

Според турските медиуми ова ќе биде почеток на „дипломатски маратон“ на Ердоган, бидејќи по Белград тој на 22 октомври ќе отпатува за Казан, Русија, каде што ќе се одржи 16. Самит на БРИКС, каде е предвидено да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Ова е трета посета на Ердоган на Србија во изминатите пет години. Тој последен пат ја посети Србија во септември 2022 година.

Вучиќ тогаш побара од турскиот претседател помош за испорака на струја од Азербејџан во Србија и изјави дека со Ердоган разговарал за поголема воена соработка и поголема соработка помеѓу наменските индустрии на Србија и Турција. Тој повтори дека Србија сака да купи турски беспилотни летала „Бајрактар“, но набавката никогаш не е реализирана. Тогаш беше потпишан и протокол со кој им се овозможува на државјани на Србија и на Турција патување само со лична карта.

Маркус Смарт: Зак Иди ќе биде многу важен за нас, добро се движи

Зак Иди ќе биде многу важен за нас, добро се движи и има многу висок коефициент на интелигенција.

Кошаркарот на Мемфис, Маркус Смарт го пофали соиграчот и дебитант Зак Иди. Дваесет и двегодишниот центар беше избран како деветти пик на НБА драфтот во 2024 година и се смета за кандидат за дебитант на годината.

- Тој ќе биде многу важен за нас. Ви овозможува разнолика одбранбена игра. На мене и на Џерен Џексон ми дава шанса да покажеме што можеме. Прекрасно е да имате таков вид играч во тимот. Неговата висина од 224 сантиметри е многу значаен фактор. Одлично се движи, има многу висок коефициент на интелигенција и продолжува да се подобрува. Имаме многу високи амбиции, ако се фокусираме на нашите задачи и играме што е можно порано, можеме да покажеме многу високо ниво, особено во одбраната. Имаме доволно талент, момците го можат тоа, заклучи Смарт.

Мемфис го победи Далас во првиот претсезонски натпревар (121:116). Зак Иди за 18 минути постигна шест поени (3 од 4 од поле), седум скока, една украдена топка и една блокада.

„Макфест“ годинава ќе се одржи на 25 и 26 октомври

Оваа година ќе се реализира на 25 и 26 октомври, ќе биде во Домот на културата Ацо Шопов Штип. Новина оваа година е дека освен изведбата во живо, изведувачите ќе бидат пратени од мини оркестар кој ќе биде составен од 15 музичари.

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ годинава ќе се одржи на 25 и 26 октомври, информираше за МИА, Александар Арсовски организатор од Општина Штип. Тој посочи дека годинава има новитет, односно изведувачите ќе бидат придружувани од оркестар составен од 15 музичари.

-Оваа година ќе се реализира на 25 и 26 октомври, ќе биде во Домот на културата Ацо Шопов Штип. Новина оваа година е дека освен изведбата во живо, изведувачите ќе бидат пратени од мини оркестар кој ќе биде составен од 15 музичари. Сите организациски и технички припреми за фестивалот се завршени, вели Арсовски.

Тој посочи дека на фестивалот ќе се престават 26 изведувачи меѓу кои и позната македонска пејачка, Елена Ристевска. Единствена награда која ќе се додели ќе биде за најслушана песна меѓу двата фестивали.

-Единствена награда која ќе се додели оваа година ќе биде наградата за најслушана композиција во прериодот меѓу двата фестивали. Други награди не се предвидени. Можам да кажам дека интересот од година во година на изведувачите за учество на фестивалот се зголемува, рече Арсовски.

„Макфест“ е Фестивал на забавна музика кој традиционално се одржува секоја година во Штип, а финансиска поддршка ја обезбедува Општина Штип.

Лајен ги повика Молдавците да гласаат на референдумот за членство во ЕУ

Референдумот е закажан на 20 октомври, во истиот ден како и претседателските избори, на кои актуелната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен при денешната посета на Кишињев ги повика Молдавците да гласаат на референдумот, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали членството во Европска Унија како „стратешка цел“ треба да биде вметнато во Уставот на Молдавија.

Референдумот е закажан на 20 октомври, во истиот ден како и претседателските избори, на кои актуелната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат.

- Народот на Молдавија се соочува со епохален настан … Ги повикувам Молдавците да го искористат својот глас и да ја изразат својата слободна волја … На вас, Молдавци, е да донесете одлука. Тоа е ваш суверен избор каде треба да оди вашата земја и никој не може да се меша во тоа, истакна Лајен, додавајќи оти местото на Молдавија е во ЕУ.

Санду истакна дека Лајен пристигнала во Молдавија во клучен момент.

- Нашата мисија е да ја градиме Европа дома, посочи Санду.

Таа додаде дека 65 отсто од извозот на Молдавија оди во ЕУ и тоа покажува „каде се стратешките интереси на земјата“.

Молдавија претпристапните преговори со ЕУ ги почна во јуни, а Санду се надева дека целта ќе биде постигната до 2030 година.

Молдавија е поранешна советска република, со 2,5 милиони жители лоцирана помеѓу Украина и Романија.

Санду остро ја осуди руската инвазија врз Украина. Односите на Молдавија со Русија се влошени изминатите години. Прозападната молдавска Влада ја обвинува Русија за обид за соборување и мешање во внатрешните работи. Додека Москва ја обвинува Санду дека поттикнува русофобија.

Анкетите покажуваат дека Санду е фаворит за победа на изборите и има убедливо водство пред останатите 10 кандидати. Испитувањето на јавното мислење, исто така покажуваат и дека мнозинството Молдавци се за членство во ЕУ.

притисни ентер