Парите од унгарскиот кредит наменети за компаниите ќе одат преку Развојната банка

Парите од унгарскиот кредит наменети за компаниите ќе одат преку Развојната банка, се очекува да бидат достапни до Нова година.

Парите од унгарскиот кредит наменети за бизнис секторот ќе одат преку Развојната банка која треба да преговара со комерцијалните банки под кои услови ќе им бидат дадени на компаниите. Парите се очекува да бидат достапни до крајот на годинава.

- Во текот на следната недела очекуваме да биде направен преносот на средствата. Тука ќе треба да се направи и прераспределба во рамки на Буџетот. Ние ќе ги префрлиме парите кон Развојната банка на принцип на позајмица и таа понатаму ќе ги пласира. Мојата обврска беше да го потпишам кредитот, да ги обезбедам средствата, да ги префрлам на Развојната банка со склучен договор меѓу Министерството и Развојната банка, а понатаму Развојната банка и луѓето вклучени во целата постапка, треба да си ги преземат обврските и да ја продолжат понатамошната комуникација со комерцијалните банки, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска на прес-конференција во Владата.

Се очекува парите од кредитот, што на 8 октомври беше потпишан во Будимпешта, да бидат достапни за компаниите пред Нова Година. Министерката вели дека такви се очекувањата, но дека се ќе зависи од ангажманот на сите институции инволвирани во процесот.

- Согласно разговорите што сум ги имала со премиерот, очекувам дека годинава тоа ќе биде, но не би знаела како ќе се одвиваат понатаму работите. Можам да гарантирам за нешто што е во рамки на Министерството за финансии, дали и другите така ќе се ангажираат, не можам да гарантирам и како резултат на тоа не можам да ви кажам дали би биле. Очекувањата се дека ќе бидат пред Нова година, рече Димитриеска-Кочовска.

Министерката не открива детали за Предлог-буџетот за 2025 година, но вели дека пари за ЕСМ во новиот буџет не се планирани. Парите ќе треба ЕСМ да ги обезбеди преку комерцијалните банки, а министерката за финансии вели дека банките го поддржуваат секој што има визија и план.

- Останувам на ставот дека пари од Буџетот нема да одат кон ЕСМ, а понатаму ќе видиме дали комерцијалните банки ќе одобрат или нема да одобрат кредити. Мислам дека тоа е веќе договорено и дека помина и на последната владина седница. Бидејќи бев во Будимпешта и целосно посветена на потпишувањето на кредитот, не ја следев комплетно ситуацијата, односно состојбата и одлуките на Владата, но, по мои информации, требаше да биде помината информација за ЕСМ дека ќе си ги обезбедат средствата од синдицирани заеми од комерцијалните банки. Јас воопшто не се сомневам дека имаат можности. Страшното е кога немате план и визија,тогаш ниедна банка не ве поддржува, но ако имате добри бизнис планови како ја гледате иднината на компанијата, тогаш банките може да го сменат размислувањето и да ве поддржат. Суштината е во тоа како ве гледаат и оценуваат банките. Доколку имаат доверба во вас не значи тоа што компанијата е толку задолжена. Точно е тоа дека компанијата буквално е уништена од претходната влада, но благодарение на новиот менаџмент и новиот директор, се реорганизираат и банките тоа го препознаваат, истакна Димитриеска-Кочовска.

Во однос на повратот на ДДВ кон компаниите, Димитриеска-Кочовска не се согласува со тезата дека се доцни. Вели имало многу злоупотреби во изминатиот период и одредени компании се задржани ако има отворени предмети за нив кај надлежните институции.

- Зависи со кого разговарате. Ако прашате некои од компаниите што се многу познати на пазарот и кои биле редовни плаќачи, ќе ви кажат дека повратот на ДДВ се одвива регуларно. Ние знаеме дека во делот на повратот на ДДВ имаше многу злоупотреби и таквите компании се задржани. Да не заборавиме и дека кога директорката на УЈП ја презема позицијата имаше отворени налози во износ над 1,5 милијарда денари. Можеби тие се парите што доцнат и секако има одредени ситуации каде што има компании коишто јас лично сум ги проверувала и коишто се предмет на дополнителни анализи, кога ќе се направат ќе си ги добијат средствата, вели Димитриеска-Кочовска.

СДСМ: Кочовска призна дека мерките на владата за замрзнување на цените немаат ефект

Министерката за финансии, Димитриевска Кочовска призна дека мерките на владата за замрзнување на цените на производите немаат никаков ефект.

И моментално состојбата во маркетите потврдува дека речиси и да нема производи со намалени цени, дури забележано е и намалување на грамажата на одредени производи.

Добро е што Димитриевска јавно кажа дека не се согласува со овие мерки на Владата и потврдува дека не се ефикасни.

Но ја потсетуваме Кочовска дека веќе не е опозиција туку е министерка во Влада и води едно од најважните министерства. Ако не се сложува нека даде решение. Граѓаните очекуваат решенија за намалување на цените а не само мислења.

Исто постапи и со кредитот од Унгарија кога не кажа ниту збор во Собрание.

Граѓаните се оптоварени од поскапувањата, особено во делот на храна. Владата на ДПМНЕ не успеа на време да воведе мерки кои ќе го заштитат стандардот на граѓаните и да ги намалат трошоците на живот за што цената ја плаќаат токму граѓаните.

За СДСМ е неприфатливо граѓаните да го носат товарот на економските потешкотии, Владата да презема мерки со задоцнување кои немаат никаков ефект а министерката којашто е најповикана да нема решение туку мислење.

Стандардот на граѓаните опаѓа, потребна е итна интервенција и нови мерки за конкретни резултати.

СДСМ

Маркус Смарт: Зак Иди ќе биде многу важен за нас, добро се движи

Зак Иди ќе биде многу важен за нас, добро се движи и има многу висок коефициент на интелигенција.

Кошаркарот на Мемфис, Маркус Смарт го пофали соиграчот и дебитант Зак Иди. Дваесет и двегодишниот центар беше избран како деветти пик на НБА драфтот во 2024 година и се смета за кандидат за дебитант на годината.

- Тој ќе биде многу важен за нас. Ви овозможува разнолика одбранбена игра. На мене и на Џерен Џексон ми дава шанса да покажеме што можеме. Прекрасно е да имате таков вид играч во тимот. Неговата висина од 224 сантиметри е многу значаен фактор. Одлично се движи, има многу висок коефициент на интелигенција и продолжува да се подобрува. Имаме многу високи амбиции, ако се фокусираме на нашите задачи и играме што е можно порано, можеме да покажеме многу високо ниво, особено во одбраната. Имаме доволно талент, момците го можат тоа, заклучи Смарт.

Мемфис го победи Далас во првиот претсезонски натпревар (121:116). Зак Иди за 18 минути постигна шест поени (3 од 4 од поле), седум скока, една украдена топка и една блокада.

„Макфест“ годинава ќе се одржи на 25 и 26 октомври

Оваа година ќе се реализира на 25 и 26 октомври, ќе биде во Домот на културата Ацо Шопов Штип. Новина оваа година е дека освен изведбата во живо, изведувачите ќе бидат пратени од мини оркестар кој ќе биде составен од 15 музичари.

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ годинава ќе се одржи на 25 и 26 октомври, информираше за МИА, Александар Арсовски организатор од Општина Штип. Тој посочи дека годинава има новитет, односно изведувачите ќе бидат придружувани од оркестар составен од 15 музичари.

-Оваа година ќе се реализира на 25 и 26 октомври, ќе биде во Домот на културата Ацо Шопов Штип. Новина оваа година е дека освен изведбата во живо, изведувачите ќе бидат пратени од мини оркестар кој ќе биде составен од 15 музичари. Сите организациски и технички припреми за фестивалот се завршени, вели Арсовски.

Тој посочи дека на фестивалот ќе се престават 26 изведувачи меѓу кои и позната македонска пејачка, Елена Ристевска. Единствена награда која ќе се додели ќе биде за најслушана песна меѓу двата фестивали.

-Единствена награда која ќе се додели оваа година ќе биде наградата за најслушана композиција во прериодот меѓу двата фестивали. Други награди не се предвидени. Можам да кажам дека интересот од година во година на изведувачите за учество на фестивалот се зголемува, рече Арсовски.

„Макфест“ е Фестивал на забавна музика кој традиционално се одржува секоја година во Штип, а финансиска поддршка ја обезбедува Општина Штип.

притисни ентер