Кинотеката ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Кинотеката денеска ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси. 

До крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.

-Среднометражниот игран филм ПИСМО е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE. На презентацијата ќе говорат преставници од Управата за заштита на културно наследство, од Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот, најавуваат од Кинотеката.

Воедно, од денеска до четврток, односно од 28 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2024 година. Пред сè, тука се краткиот документарен ДАЕ (1979) на Столе Попов и играниот ПРЕД ДОЖДОТ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за престижниот „Оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со подеднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – ДАЕ со „Гран при“ на МФФ во Оберхаузен, а ПРЕД ДОЖДОТ со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следи и партизанскиот трилер ПОД ИСТО НЕБО (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма НЕЛИ ТИ РЕКОВ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец ОГАН, повторно на Столе Попов, од 1974 година. Сите овие филмови во 2024 година одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање...

27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA –Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија, наведуваат од Кинотеката.

Зеленски: Путин сака да нѐ протера од Курската област до 20 јануари

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин поставил задача да ги протера украинските сили од регионот Курск до 20 јануари „бидејќи му е важно да покаже дека наводно ја контролира ситуацијата“.

„За Путин најважно е да нѐ истурка од регионот Курск. Сите овие приказни, сите овие индикатори, удари со нови проектили, сето тоа не е за џабе. Тој си ја постави оваа задача. Сигурен сум дека сака да нѐ протера до 20 јануари. За него е клучно да покаже дека ја контролира ситуацијата“, им рече Зеленски на новинарите за време на Третата меѓународна конференција за безбедност на храната „Жито од Украина“. , пренесува украински Интерфакс.

Зеленски додаде дека средбата со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп зависи од многу работи, особено од легитимноста на нејзиното одржување.

Исто така, наведе тој, можни се и подготвителни средби пред инаугурацијата на Трамп.

Зеленски истакна дека неодамнешниот Самит на Г20 се одржа со многу слаба поддршка за Украина, истакнувајќи дека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва „покажа слаба страна“.

„Бразил е голема земја, знам дека повеќето луѓе ја поддржуваат Украина, сакам да ви се заблагодарам за тоа. За жал, Г-20 се одржа со многу мала поддршка за Украина“, заклучи Зеленски.

Уапсено е уште едно, 13-то лице поради трагедијата во Нови Сад

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека 13-от осомничен е уапсен за уривањето на настрешницата во Нови Сад.

Како што соопштија, уапсен е и приведен 13-от осомничен со иницијали Ј.С.М., кој на денот на акцијата за апсење на останатите осомничени, бил недостапен за надлежните.

Неправилното извршување на градежните работи е кривично дело за кое се товари.

„Откако осомничениот е приведен и извршен распит во Вишото јавно обвинителство во законскиот рок, осомничениот Ј.С.М. е приведен кај судијата на Вишиот суд во Нови Сад за да одлучи по поднесениот предлог на јавниот обвинител за притвор.“ се наведува во соопштението за печатот.

Како што велат, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад итно и темелно ќе ги преземе сите доказни дејствија, по што ќе донесат понатамошни одлуки.

Симеоне се расплака среде интервју и си замина (ВИДЕО)

Атлетико Мадрид го победи Алавес со 2:1 во 14. коло од Ла Лига и сега заостанува пет бода зад лидерот Барселона.

Гостите поведоа од пенал на Гуриди во седмата минута. Атлетико се мачеше до 76. минута, а потоа Антоан Гризман погоди за 1:1 од пенал. Победата ја донесе Сорлот во 86. минута. Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне (54) беше особено емотивен на крајот од натпреварот, толку многу што мораше да го прекине интервјуто и да си замине во солзи.

"Мирен сум. Не знам што да кажам за годишнината. Го сакам ова место, овој клуб, овој град. Ова место, тоа сум јас... Ништо. Здраво", низ солзи изјави Аргентинецот. За Симеоне ова беше 700. натпревар на клупата на Атлетико. Има 412 победи, 156 нерешени и 131 пораз.

Два пати беше шампион на Шпанија, победник на Лига Европа и Суперкупот на УЕФА. Два пати загуби во финалето на Лигата на шампионите од Реал. Тој е во Атлетико од 23 декември 2011 година и има договор со нив до 30 јуни 2027 година.

притисни ентер