Кик боксерите на прием во Агенцијата за млади и спорт

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше прием за македонската кикбокс репрезентација, која на неодамна завршеното Балканско првенство во Ниш, Србија, постигнаа одлични резултати и освои шест медали.



- Освоените шест медали во конкуренција на преку 220 репрезентативци на 10 држави говори за тоа дека македонскиот кик бокс има светла иднина. Тоа се докажа и во минатото на Европските и Светските првенства, каде нашите репрезентативци во континуитет имаат одлични настапи и се освојувачи на највисоките одличија, изјави Спасески.

Тој им го честиташе успехот на медалистите и им посака уште многу вакви блескави моменти во нивната спортска кариера.

Спасески и го честиташе изборот на претседателката на Македонската кикбокс федерација, Александра Неделковска за претседател на Балканската Кик боксинг федерација и како што рече, тоа е уште една потврда за високото реноме и угледот кој го ужива Македонскиот кик бокс во меѓународни рамки.

Македонските репрезентативци беа задоволни од постигнатиот успех и искажаа надеж дека овој успех ќе се повтори и на Светското првенство, на кое наесен домаќин ќе биде Белград.

Неделковска се заблагодари на поддршката која федерацијата ја добива од страна на државата и Агенцијата за млади и спорт и најави дека во 2016 година, Република Македонија повторно ќе биде домаќин на едно големо меѓународно натпреварување во Кик бокс.

Се урна едрилица во Австрија, загина 56-годипниот пилот

Во општина Бистрица во Корушка, Австрија, вчера загина 56-годишен пилот при пад на едрилица. 

Причината за несреќата засега не е позната, пишува 24ур.

Според досега познатите информации, мажот рано попладне полетал од аеродромот во Клагенфурт и влетал во словенечкиот воздушен простор. На враќање, од засега непознати причини, тој се урнал во северното подножје на планината Вајнеж веднаш зад границата.

Медиумите јавуваат дека австриските контролори добиле итен повик од леталото околу 16:40 часот. По неколку неуспешни обиди да се контактира со пилотот, започна операција за пребарување во која учествуваа полицијата и спасувачки хеликоптер. Околу 20 часот, остатоците од леталото се пронајдени во долината Рута во подножјето на Вајнеж.

Извор: 24ур

Фејсбук и Инстаграм ги прекршиле регулативите на ЕУ, следи истрага

Фејсбук и Инстаграм ќе бидат предмет на истрага за можни прекршувања на регулативите на ЕУ за онлајн содржини поврзани со безбедноста на децата, објави во четвртокот Европската комисија.

Од социјалните мрежи на Мета се бара да направат повеќе за борба против нелегалната и штетна содржина на нивните платформи според Законот за дигитални услуги на Европската унија (DSA), кој е во сила од минатата година.

Европската комисија објави дека одлучила да отвори детална истрага за Фејсбук и Инстаграм поради загриженоста дека тие не реагирале соодветно на ризиците за децата. Мета поднесе извештај за проценка на ризикот во септември.

„Комисијата е загрижена дека системите на Фејсбук и Инстаграм, вклучувајќи ги и нивните алгоритми, можат да стимулираат зависни однесувања кај децата, како и да создадат таканаречени „ефекти на зајачка дупка“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Дополнително, Комисијата е загрижена и за методите за проверка на возраста на корисниците воведени од Мета.

Од друга страна, Мета тврди дека веќе има бројни онлајн алатки за заштита на децата.

„Сакаме младите луѓе да имаат безбедни онлајн искуства соодветни за возраста“, рече портпаролот на компанијата, истакнувајќи дека тие поминале една деценија работејќи на повеќе од 50 алатки и политики насочени кон заштита на децата.

„Ова е предизвик со кој се соочува целата индустрија и со нетрпение очекуваме да ги споделиме деталите за нашата работа со Европската комисија.

Мета веќе е под лупа на ЕУ за изборни дезинформации пред важните избори за Европскиот парламент следниот месец. Прекршувањето на „DSA“ може да резултира со казни до 6% од годишниот глобален промет на компанијата.

Извор: Б92

Манчестер сити четврти пат по ред шампион на Англија

Манчестер сити е шампион на Англија во сезоната 2023/24. 

Во натпреварот од 38. коло „Граѓаните“ на домашен терен го победија Вест Хем (3:1). Двоен стрелец беше Фил Фоден. Играчот од средниот ред погоди во 2. и 18. минута. Родри постигна уште еден гол од додавањето на Фоден во 59. минута.

Стрелец на единствениот гол за гостите беше Мохамед Кудус (42. минута).

Манчестер сити заврши на првото место во Премиер лигата со 91 бод пред Арсенал кој собра 89. Тимот на Пеп Гвардиола ја освои шампионската титула четврти пат во низа. Покрај тоа, ова е шеста титула за Гвардиола во Премиер лигата.

Вкупно Манчестер сити има 10 трофеи. По бројот на шампионски титули, пред Сити се само Арсенал (13), Ливерпул (19) и Манчестер јунајтед (20).

Вест Хем ја заврши сезоната на деветтото место на првенствената табела. /МИА

притисни ентер