Кајакарот Златаров ги заврши настапите на меѓународниот турнир во Кина

Македонскиот кајакар Александар Златаров од клубот Арка Борец од Велес, изминатите пет дена учествуваше на меѓународен натпревар на диви води на реката Нуџианг во Лушуи (Кина).

Златаров во тим со Маринко Анже од Словенија и Јосип Слошњак и Зое Грзин Алба од Хрватска го освоија 4. место во категоријата групен рафтинг.

Во категоријата кајак крос Златаров натпреварите ги заврши во четвртфиналето, а во категоријата спринт го освои 9. место. Трката во категоријата кајак класик ја заврши на 25. место.

На последниот ден од натпреварите, вчера во најатрактивната дисциплина тигров скок, Златаров се пласира на 20. место.

Тренер на Златаров, Љубомир Спасиќ е задоволен од изданието на македонскиот репрезентативец.

- Нашиот репрезентативец на најдобар начин преку спортот ја популаризира Македонија. Воедно е наш спортски амбасадор со кој се гордееме и му посакуваме уште многу победи и успеси на сите претстојни меѓународни натпревари во 2025 година, изјави Спасиќ за МИА.

Инаку, Александар Златаров на овие меѓународни кајакарски натпревари во Кина учествуваше и лани во неколку дисциплини. /МИА

Кипар со нови мерки за привлекување странски професионалци и студенти

Кипар воведе нови политики за привлекување квалификувани работници и странски студенти, со цел пополнување на работните места во клучни сектори, објави весникот „Катимерини“.

Министерот за труд, Јанис Панајоту, потпиша уредби кои олеснуваат вработување на висококвалификувани работници од надвор од ЕУ и овозможуваат странски студенти да работат со скратено работно време.

Мерките се фокусирани на сектори како информатичка технологија, фармацевтски истражувања и морскиот сектор. Вработените од овие области можат да аплицираат за Европската сина карта, која дозволува престој и работа низ ЕУ. Минималната годишна плата е утврдена на 43.632 евра, околу 1,5 пати повеќе од просечната плата на Кипар.

Овие мерки имаат за цел да привлечат таленти, да ја подобрат конкурентноста на економијата и да помогнат во справувањето со недостигот од работна сила. /МИА

ЛДП: Забрана на Тик-Ток за малолетници по примерот на Албанија

Забрана на Тик-Ток за малолетници по примерот на Албанија и регулирање на работата на другите социјални мрежи.

По последните случувања во Република Албанија, убиството на 14-годишното момче и следствено на тоа, воведената рестрикција на Тик Ток, Либерално-демократската партија потсетува на предлогот за забрана на содржини кои поттикнуваат насилство на мрежата Тик Ток и регулирање на содржините на другите социјалните мрежи кои ги користат малолетници.

ЛДП уште еднаш потсетува на предлогот кој минатата година го достави до МОН непосредно по немилите настани во соседна Србија, со кој се бара контрола на содржината која се емитува на социјалните мрежи, како и забрана на содржини кои поттикнуваат насилство.

Апелираме до сите вклучени страни за започнување на итна постапка за регулација и контрола на содржината на социјалните мрежи, со цел спречување и избегнување на идни вакви немили настани и несакани состојби, особено кога се работи за здравјето и добросостојбата на нашите деца. Не смееме да дозволиме уште деца да бидат жртви на злоупотребата на Тик Ток и останатите социјални мрежи.

Република Албанија е првата земја во регионот која го забранува Тик Ток, откако премиерот Еди Рама директно ги обвини социјалните мрежи за споделување и поттикнување на насилство меѓу децата во и надвор од училиштата, а кулминираше со смртта на 14-годишно момче во ноември. Франција, Германија, Белгија и други земји веќе имаат воведено рестриктивни мерки на сила за регулирање на употребата на социјалните мрежи од страна на малолетниците.

Кај нас, Тик Ток беше актуелен неодамна, откако повеќе деца беа повредени додека го изведуваа предизвикот „Супермен“, каде најмладиот од повредените има само 10 години, а најстариот 17 години. Децата стануваат жртви на опасни игри кои се пласираат преку социјалните мрежи. Тие содржини, под маската на „забава“, претставуваат сериозна закана за нивното физичко и ментално здравје, а ние како општество мора да преземеме одговорност и да ги спречиме ваквите несреќи. Немањето соодветна контрола врз содржините кои се достапни на социјалните мрежи овозможува ваквите „игри“ да стигнат до најранливите корисници.

Како општество имаме обврска да направиме сѐ што е во наша моќ за да ги заштитиме од штетните влијанија на социјалните мрежи и да им овозможиме среќно и безгрижно детство.

ЛДП

Истражување: На „Ап стор“ забележани стотици апликации, несоодветни, но достапни за деца

Истражувањето ги зеде предвид апликациите означени како погодни за лицата со возраст 4+, 9+ и 12+ години, коишто се сметани за ризични. 

Нов извештај на американските групи за заштита и безбедност на децата, „Хит инишатив“ (Heat Initiative) и „Перентс тугедер екшн“ (ParentsTogether Action), посочува алармантно присуство на несоодветни апликации означени како погодни за деца на „Епл ап стор“ (Apple App Storе).

Групите работеле на проучувањето на повеќе стотици апликации во временска рамка од 24 часа и така идентификувале повеќе од 200 апликации коишто имале содржина или одлики несоодветни за деца. Меѓу нив има апликации за разговор со непознати, женски чет-ботови, игри со сексуални и насилни прикази, како и програми за оценување на изгледот со вештачка интелигенција.

Истражувањето ги зеде предвид апликациите означени како погодни за лицата со возраст 4+, 9+ и 12+ години, коишто се сметани за ризични. Тие вклучуваат апликации за чет (вклучувајќи и чет-ботови), за убавина, исхрана и слабеење, игри, непречен пристап до интернет (на пр. за содржини забранети од конкретно училиште) итн. Најмалку 24 игри поврзани со секс и девет апликации за разговор со непознати биле првично означени како соодветни за споменатите возрасни групи.

Од околу 800 програми, испитувачите забележале 40 апликации за нефилтриран пристап до интернет, 75 со совети за убавина и слабеење, како и 28 игри со пукање и криминал. Вкупно, околу 200 несоодветни апликации се откриени во одбраните 24 часа, а биле преземени повеќе од 550 милиони пати.

Според истражувањето, некои категории имаат поголема веројатност да содржат несоодветни апликации со ниска старосна оценка. Што се однесува до програмите и игрите за разговор, тие се помалку оценети како погодни за деца. Во повеќето случаи, тие се оценети како погодни за корисници со возраст 17+ години. Сепак, во категориите „Слабеење“ и „Нефилтриран пристап до интернет“, речиси сите анализирани апликации се одобрени за деца со 4+ години.

Извештајот го повикува „Епл“ да преземе повеќе и посериозни мерки за заштита и безбедност на децата. Компанијата е охрабрена да користи и проверки од трети страни за да ја потврди старосната оценка на апликациите пред тие да станат достапни за преземање. /МИА

притисни ентер