Европјанин се станува со владеење на правото, со либерална економија, со борба против корупција и криминал, е сега почнуваат да излегуваат на виделина неверојатни нешта, за оние пред нас, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Според неа, формализирањето на европеизацијата ништо не носи и ако беа уставните промени гарант за европеизација, ние сега ќе претседававме со ЕУ. Таа смета дека во реалноста ниту Албанија, ниту Црна Гора се понапред од нас, а тоа, вели, го покажал и скрининг процесот.
-Триесет и шест амандмани за 30 години, крајно време е да ги мериме потезите. Јас не мислам дека доколку ние посегнеме по реформи, доколку ние си ги остваруваме Копенхагенските критериуми дека многу ќе изгубиме, ниту пак мислам дека ако речеме ајде и сега и уставни измени, па тоа е малку и спорно, бидејќи навредливо за пратениците да го менуваат Уставот по којзнае кој пат. Па тие ги претставуваат граѓаните. Ако 80 проценти од граѓаните имаат проблем со ваквиот начин на отварање на преговорите, јас морам да внимавам на легитимитетот, мене не ми извира легитимитетот од меѓународната заедница, туку од граѓаните. Јас не знам колку пати во Парламентот, а и било каде сме укажувале дека процедурата е гаранција за демократија. Не може некој да ја киднапира државата, да си ја присвои државата, тоа се случуваше, нагласи Сиљановска Давкова.
Претседателката истакна дека односот на ЕУ кон нас ќе се смени ако ние навистина опстоиме на реформите.
-Европската Унија покажала кретативност кога требало, може да посегне и сега по некое креативно решение, а мислам дека тоа ќе биде гаранција дека ќе биде загрозен процесот на проширување. И нема да остане овој преседан инспиративен за другите. Бидејќи веќе слушаме и од нашите соседи и од други, дека оваа приказна не е завршена, вели таа.
Сиљановска во однос на Реформската агенда за Планот за раст, вели дека имаме подобра легислатива од сите други во поглед на хармонизацијата на закободавството, а имаме и една од најдобрите оценки за Планот за раст.
-Мора да манифестирате политичка волја штом сте ја направиле агендата, интересно е што во случајот се работи за заедничко чекорење. Бидејќи и парите се врзуваат за успесите, тоа ве стимулира и на некој начин точно се предвидени активностите во институциите. Досега не сме имале таква прецизирана агенда, рече претседателката.
Во однос на уставните измени, Сиљановска Давкова повтори дека за тоа е неопходно двотретинско мнозинство.
-Претходната власт не убедуваше дека го има потребното мнозинство дури и дека прогресивни пратеници од опозицијата ќе застанеле зад нивните мудри одлуки. Тие тогаш ги прифатија, без да имаат согласност од опозицијата, затоа не може тоа така, да не зборувам за граѓаните... Претседателот на Собранието тоаш наспроти непочитување на процедурата за уставни измени, си тераше по свое, рече Сиљановска Давкова.