Јохауг победи на женската Тур де ски 2025

Норвежанката Тереза ​​Јохауг е победничка на женското повеќедневно натпреварување Тур де ски 2025 година.

Триесет и шестгодишната атлетичарка го освои турнирот по четврти пат во кариерата.

Јохауг се најде на врвот во генералниот пласман со време од 3 часа, 46 минути и 59 секунди.

Норвежанката Астрид Слинд (+47 секунди) го зазеде второто место, а Американката Џесика Дигинс (+2 минути 41 секунда) го зазеде третото место.

Кај мажите, трофејот го освои сонародникот на Јохауг, Јоханес Клебо.

Јохауг е четирикратна олимписка шампионка, 14-кратен светска првенка и трикратна победничка на Светскиот куп./МИА

Сиљановска-Давкова: Ниту сум имала намера, ниту ќе употребам вето за да навредам некој јазик

Во изјава за медиумите дадена денеска по литургијата во Соборниот храм во Скопје, Сиљановска-Давкова рече е должна да ги почитува Уставот и законите. 

Ниту сум имала намера, ниту некогаш ќе направам такво нешто да употребам вето за да навредам некој јазик, ниту пак сум се водела од партиски совети, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со ветото што го стави на Законот за заштита на децата.

Во изјава за медиумите дадена денеска по литургијата во Соборниот храм во Скопје, Сиљановска-Давкова рече е должна да ги почитува Уставот и законите.

- Објаснив дека не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и уште еднаш да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување. Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации. Јас само тргнав од еден ноторен уставен и правен факт дека најпрво во самиот закон има одредба во која се вели дека меѓу остантото начинот на полагањето и начинот на издавањето на лиценците се уредува со акти на министерот. Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преобмисли, изјави Сиљљановска-Давкова.

Она на што укажува, како што појасни, е и тоа што во предложеното законско решение, формулацијата најмалку 20 проценти, не е како што е во Уставот и законите.

- Ако пратениците одлучат да го задржат ова решение, јас ќе морам да го потпишам законот, но не мислам дека ова е намерно, претпоставувам дека дошло до превид, изјави Сиљановска-Давкова.

За нејзината постапка, како што рече, ја информирала Владата и надлежните министри.

По непотпишувањето на указот од страна на претседателката, од Владата информираа дека законот ќе се доработи и ќе се достави во Собранието во закониските ркови.

Денеска и премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите го потврди ова.

- Како што сум информирам станува збор за членовите 9 и 10 и тие така што се формулирани се спротивни на Уставот и на Законот за јазиците така што мислам дека е рутина и формалност. Ќе бидат корегирани и ќе бидат согласно Уставот и Законот за јазици и очекувам дека успешно ќе бидат усвоени. Мислам дека малку несмасно е тоа направено. Тоа е една формулација којашто ќе се надмине. Инаку се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик, но сите оние кои ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање, тоа сега ќе биде прецизно формулирано согласно Уставот и законите и ќе биде овозможено, изјави Мицкоски пред Соборниот храм во Скопје.

Пуштен во работа нов трансформатор во ТС Битола 2 - клучен чекор за енергетската стабилност

Со ставањето во функција на новиот 400/110 kV трансформатор, целосно ќе се обнови енергетскиот систем ТС Битола 2, значително намалувајќи го притисокот врз преносната мрежа. 

АД МЕПСО соопшти дека официјално го стави во полна функција 400/110 кV трансформатор во трансформаторската станица (ТС) Битола 2 што претставува пресвртница во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападна Македонија и за целиот национален енергетски систем.

Според компанијата, пуштањето во функција на новиот трансформатор го зајакнува клучниот дел од енергетската инфраструктура, враќајќи ја сигурноста во регион што беше изложен на сериозни ризици. Благодарение на проактивната интервенција на новото раководство, се посочува, решен е еден од најголемите системски проблеми и се обезбеди стабилност на енергетскиот систем каде што беше најпотребна.

Со ставањето во функција на новиот 400/110 kV трансформатор, целосно ќе се обнови енергетскиот систем ТС Битола 2, значително намалувајќи го притисокот врз преносната мрежа. Ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци и ќе обезбеди непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола, кој е клучен снабдувач на електрична енергија во државата.

-Ова не е само техничка надградба – ова е обезбедување на стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните на југозападна Македонија. Наследивме систем на работ на колапс, но со фокус, итност и експертиза, испорачавме решение кое ја враќа стабилноста, довербата и отпорноста, истакна генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи вчера по повод ставњето на трансформаторот во функција.

Проектот, се посочува, првично започнат во 2023 година, но занемарен од претходното раководство, беше оптоварен со доцнења и пропусти. Под водство на новото раководство, проектот беше оживеан и забрзан за да одговори на итните потреби на регионот. Успешното испорачување и монтажа на трансформаторот вклучуваше навигација низ логистички предизвици, сложени транспортни рути и неповолни зимски услови. Без оглед на пречките, техничките тимови на МЕПСО работеа неуморно за да осигураат дека опремата е инсталирана и подготвена за работа.

-Граѓаните заслужуваат резултати, а не изговори. Со пуштањето во функција на овој трансформатор, докажавме дека кога постои волја, постои и начин. Продолжуваме да работиме неуморно за изградба на посилен и поотпорен енергетски систем за иднината на Македонија, нагласуваат од МЕПСО.

Ова достигнување е само почеток на сеопфатниот план на МЕПСО за модернизација на енергетската инфраструктура во нашата држава. Компанијата останува посветена на зајакнување на националната мрежа, елиминирање на наследените слабости и обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија за сите граѓани, стои во соопштението.

Охрид ја заокружи 2024 година со една од подобрите туристички сезони

Годината што измина во Охрид секако може да се издвои како една од подобрите кога станува збор за севкупната туристичка посетеност.

Можеби бројките за тоа колку гости дошле во градот дали на летување, дали на продолжен викенд или пак на еднодневна посета и не покажуваат некаква блескава сезона, сепак, ситуацијата на терен односно самите граѓани се сведоци дека 2024 година, особено летниот период градот беше доста добро посетен и што е можеби најважно, главната туристичка сезона траеше значително подолго отколку претходните. Гости и туристи во градот имаше уште од април па се до пред месец, два.

Најчесто тоа беа организирани групни посети, дел од нив со гости само на ноќевање или две. Сепак, главните улици низ градот беа исполнети со туристи, најпознатите туристички атракции и локации одредени денови беа претесни да ги примат заинтересираните посетители.

Причините за тоа се повеќеслојни, но вреди да се споменат некои од нив. Причина за зголемената посетеност охриѓани гледаат, меѓу другото, и во завршувањето на неколкугодишните рестрикции за патувања наметнати со фамата Ковид-19. Покрај за останатите, после неколку години, Охрид повторно стана достапен за нашинците од прекуокеанските земји, најмногу оние од Австралија и Нов Зеланд кои можеби не се параметарот што ја детерминира туристичка посетеност, но нивниот број секако не е за занемарување, дотолку повеќе што тие важат за добри потрошувачи односно посакувани гости во угостителските објекти...

Како причина повеќе за добрата посетеност субјектите што работат во областа на угостителството и туризмот ја посочуваат и севкупната геополитичка состојба во светот. Несигурноста во иднината, каде тоа оди светот со новоотворените воени жаришта и стравувањата од економска криза како да ги натера луѓето да подзаборават на чипчење, штедење и малку повеќе од заработеното да издвојат за некое патување. Во Охрид ова лето видовме туристи од целиот свет, од дестинации што не се карактеристични за минатите времиња, дури посетители од далечни азиски земји...

Секако, и ова лето најбројни беа гостите од соседството, со тоа што најмногу гости имаше од Турција и тоа секој охриѓанец добро го знае и ќе го потврди.

За волја на вистината мора да се посочи и фактот што независно од критикувањата што се појавуваа по социјалните мрежи и некакви вести лиферувани од непроверени извори за астрономски цени на услугите, сепак Охрид е далеку поприфатлива дестинација кога станува збор за цените... Секој добронамерен, реален гостин ќе каже дека Охрид воопшто не е скап како што поединци се обидуваат да го прикажат. Впрочем, најдобра потврда за тоа се самите туристи, кои без исклучок не се имаат пожалено дека премногу платиле за нешто во градот. Случаи на измама, на наплата повеќе за услуга или можеби за дрскост на такси-превозник има, но тоа не е правило туку повеќе исклучок. Повеќе се тоа изолирани случаи што ја урнисуваат добрата слика што треба да ја остава туристичка дестинација со реноме какво што заслужува Охрид, со сите атрибути што ги поседува за таква титула, но не се тоа параметри што го креираат финалниот имиџ. Веројатно многу помалку внимание кај луѓето привлекуваат позитивните случаи и добрите искуства на туристите. За тоа потврда се бројните написи и објави, видеа со пораки, како од блогери, јутјуб инфлуенсери, дури и текстови во специјализирани магазини и списанија што обработуваат далеку поаналитички издржани теми од областа на туризмот како компленска стопанска дејност. Објави дека Охрид е дестинација што под обврзително вреди да се посети имаа и некои од најреномираните светски информативни агенции и веб-порталите на најпознатите светски новински куќи.

Дека Охрид не е прескап, не мора да се оди подалеку, доволно е да се посети некоја од соседните држави...Тука и не смее да се заборави и тоа што цените на производите и услугите во најголем дел на ги диктираат самите охриѓани кои исто толку плаќаат за се низ градот, туку ценовникот го формираат и високите давачки, што во изминатите години драстично се зголемија, од набавните репроматеријали, прехранбените производи, преку материјалите за градежништвото, се до кириите на објектите особено кај локалите на атрактивните локации.

Вистината како и секогаш е некаде на средината, но останува фактот дека цената на просечно сместување, па и оброк, услуга во Охрид не е повисока од ниту една од туристичките дестинации во соседните држави. Тоа го потврдуваат и самите гости кои во се поголем број се решаваат да дојдат и да летуваат или одмараат токму во Охрид. Ако по нешто Охрид се издвојува од сличните дестинации во соседните држави, тоа е секако прифатливата цена на сместувањето...

Она каде што најмногу како дестинација потфрлува Охрид, а нотирано и од самите гости, секако е инфраструктурата односно лошото сообраќајно поврзување на градот со другите центри во регионот.

Очајно лошиот пат во насока од Кичево одвраќа голем број туристи кои од летување во Грција планирале да поминат ден два на Охридското Езеро. Тука во најголем дел предничат гостите од Србија кои без исклучок од летување во соседна Грција секогаш последните пари ги трошеле во Охрид. Тука мора да се нотира и фактот дека Србите кај угостителите во Охрид важат за најдобри потрошувачи и како такви за најпожелни гости.

Ниту конекцијата од градот со Битола ниту со Свети Наум не е за фалење со оглед на заложбите Охрид да се наметне на пошироката туристичка сцена како посакувана дестинација.

Но, најгрдата слика, а првата што ја гледаат туристите што со авион ќе допатуваат во градот, е делницата на потегот од охридскиот аеродром до влезот во градот. Крајно неуреден простор, прашина, сообраќаен метеж, исклучително накарадно скрпената „клучка“ кај Подмоље наликува на се освен на крстосница на магистрални патни правци.

Забележителни се активности на терен последните седмици кога станува збор за доизградбата на историската автопатска делница до Кичево, со уверувања и ветувања од надлежните дека за наредната сезона ќе биде готов делот од автопатот до градот, барем до аеродромот. Во комбинација со најавените нови авионски линии од охридскиот аеродром, тоа е позитивен исчекор во подобрувањето на туристичката понуда на Охрид...

Очекувањата на упатените во индустријата укажуваат дека и оваа 2025 година нема причина да не се задржи позитивната динамика во туристичкиот сектор.

Најважниот адут го имаме, Охрид е посакувана туристичка дестинација. Останува на самите нас да поработиме за подобрување на севкупната слика за градот. Да се направи исчекор напред, ако не поинаку, тогаш со ситните работи што можеме да ги поправиме, корегираме, испегламе самите, дали со своето однесување кон гостите, дали со грижа за чистотата во градот, секако во насока на подобрување на понудата...За уште подобра наредна 2025 сезона... /МИА

притисни ентер