Пуштен во работа нов трансформатор во ТС Битола 2 - клучен чекор за енергетската стабилност

Со ставањето во функција на новиот 400/110 kV трансформатор, целосно ќе се обнови енергетскиот систем ТС Битола 2, значително намалувајќи го притисокот врз преносната мрежа. 

АД МЕПСО соопшти дека официјално го стави во полна функција 400/110 кV трансформатор во трансформаторската станица (ТС) Битола 2 што претставува пресвртница во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападна Македонија и за целиот национален енергетски систем.

Според компанијата, пуштањето во функција на новиот трансформатор го зајакнува клучниот дел од енергетската инфраструктура, враќајќи ја сигурноста во регион што беше изложен на сериозни ризици. Благодарение на проактивната интервенција на новото раководство, се посочува, решен е еден од најголемите системски проблеми и се обезбеди стабилност на енергетскиот систем каде што беше најпотребна.

Со ставањето во функција на новиот 400/110 kV трансформатор, целосно ќе се обнови енергетскиот систем ТС Битола 2, значително намалувајќи го притисокот врз преносната мрежа. Ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци и ќе обезбеди непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола, кој е клучен снабдувач на електрична енергија во државата.

-Ова не е само техничка надградба – ова е обезбедување на стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните на југозападна Македонија. Наследивме систем на работ на колапс, но со фокус, итност и експертиза, испорачавме решение кое ја враќа стабилноста, довербата и отпорноста, истакна генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи вчера по повод ставњето на трансформаторот во функција.

Проектот, се посочува, првично започнат во 2023 година, но занемарен од претходното раководство, беше оптоварен со доцнења и пропусти. Под водство на новото раководство, проектот беше оживеан и забрзан за да одговори на итните потреби на регионот. Успешното испорачување и монтажа на трансформаторот вклучуваше навигација низ логистички предизвици, сложени транспортни рути и неповолни зимски услови. Без оглед на пречките, техничките тимови на МЕПСО работеа неуморно за да осигураат дека опремата е инсталирана и подготвена за работа.

-Граѓаните заслужуваат резултати, а не изговори. Со пуштањето во функција на овој трансформатор, докажавме дека кога постои волја, постои и начин. Продолжуваме да работиме неуморно за изградба на посилен и поотпорен енергетски систем за иднината на Македонија, нагласуваат од МЕПСО.

Ова достигнување е само почеток на сеопфатниот план на МЕПСО за модернизација на енергетската инфраструктура во нашата држава. Компанијата останува посветена на зајакнување на националната мрежа, елиминирање на наследените слабости и обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија за сите граѓани, стои во соопштението.

Водата во Скопје безбедна за пиење

Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат најновиот неделен извшетај на ЈП „Водовод и канализација“. 

Секторот за санитарна контрола на претрпијатието од 30.12.2024 до 05.01.2025 земало 155 примероци за физичко-хемиска и 155 примероци за микробиолошка анализа од 41 мерни места во Градот Скопје. Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Прв случај на метапневмовирус во Грција, надлежните смируваат дека нема простор за паника

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во Солун е потврден првиот случај на човечкиот метапневмовирус ХМПВ, како што објавија медиумите, кај 71-годишен маж, кој е хоспитализиран, додека пак според грчките епидемиолози и министерот за здравство, нема простор за паника, бидејќи како што објаснуваат, станува збор за вирус познат над 20 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во интервју за грчката телевизија „Антена“ министерот за здравство Адонис Георгиадис рече дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус, но и објасни дека побарале темелна анализа на потврдениот случај за да видат дали можеби станува збор за сој што не е познат или дали има некои опасни карактеристики.

-Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет, објасни Георгиадис.

Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис за државната телевизија ЕРТ посочи дека метапневмовирусот е „вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека кај луѓето постои со децении“ и дека засега, не е особено опасен, „иако може да одведе многу деца, како и луѓе кои припаѓаат на високоризични групи, во болница“.

- Една студија покажа дека антителата за вирусот се откриени од 1958 година. Исто така, истражувањата покажаа дека во Холандија биле заразени сите деца до петгодишна возраст, што значи дека тоа е вирус што веројатно сите сме го фатиле кога сме биле мали и не е нешто ново, посочи Мајоркинис.

Професорот објасни дека не постои вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција и не станува збор за сериозен вирус.

Коментирајќи ја загриженоста што постои поради случаите во Кина, истакна дека непотребно зазема големи размери и создава паника бидејќи „врз основа на податоците што постојат, најверојатно станува збор за „hype“ на социјалните мрежи, без да има вистинска основа“. /МИА

Американската администрација отвори истрага за 2,6 милиони возила на Tесла

Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата отвори истрага за 2,6 милиони возила на Tесла поради извештаите за несреќи за кои постои сомневање дека биле предизвикани од системот за далечинско управување.

Оштетените возачи изјавиле дека, користејќи го тој систем, имале премалку време да избегнат судир.

Новата истрага доаѓа откако Националната управа за безбедност на сообраќајот на автопатите започна истрага за 2,4 милиони возила на Tесла опремени со софтвер за самоуправување во октомври лани, по четири пријавени несреќи предизвикани од софтверот.

Како дел од тековната истрага, се испитува паметен систем чија цел е да детектира паркирани возила или предмети. /МИА

притисни ентер