Охрид ја заокружи 2024 година со една од подобрите туристички сезони

Годината што измина во Охрид секако може да се издвои како една од подобрите кога станува збор за севкупната туристичка посетеност.

Можеби бројките за тоа колку гости дошле во градот дали на летување, дали на продолжен викенд или пак на еднодневна посета и не покажуваат некаква блескава сезона, сепак, ситуацијата на терен односно самите граѓани се сведоци дека 2024 година, особено летниот период градот беше доста добро посетен и што е можеби најважно, главната туристичка сезона траеше значително подолго отколку претходните. Гости и туристи во градот имаше уште од април па се до пред месец, два.

Најчесто тоа беа организирани групни посети, дел од нив со гости само на ноќевање или две. Сепак, главните улици низ градот беа исполнети со туристи, најпознатите туристички атракции и локации одредени денови беа претесни да ги примат заинтересираните посетители.

Причините за тоа се повеќеслојни, но вреди да се споменат некои од нив. Причина за зголемената посетеност охриѓани гледаат, меѓу другото, и во завршувањето на неколкугодишните рестрикции за патувања наметнати со фамата Ковид-19. Покрај за останатите, после неколку години, Охрид повторно стана достапен за нашинците од прекуокеанските земји, најмногу оние од Австралија и Нов Зеланд кои можеби не се параметарот што ја детерминира туристичка посетеност, но нивниот број секако не е за занемарување, дотолку повеќе што тие важат за добри потрошувачи односно посакувани гости во угостителските објекти...

Како причина повеќе за добрата посетеност субјектите што работат во областа на угостителството и туризмот ја посочуваат и севкупната геополитичка состојба во светот. Несигурноста во иднината, каде тоа оди светот со новоотворените воени жаришта и стравувањата од економска криза како да ги натера луѓето да подзаборават на чипчење, штедење и малку повеќе од заработеното да издвојат за некое патување. Во Охрид ова лето видовме туристи од целиот свет, од дестинации што не се карактеристични за минатите времиња, дури посетители од далечни азиски земји...

Секако, и ова лето најбројни беа гостите од соседството, со тоа што најмногу гости имаше од Турција и тоа секој охриѓанец добро го знае и ќе го потврди.

За волја на вистината мора да се посочи и фактот што независно од критикувањата што се појавуваа по социјалните мрежи и некакви вести лиферувани од непроверени извори за астрономски цени на услугите, сепак Охрид е далеку поприфатлива дестинација кога станува збор за цените... Секој добронамерен, реален гостин ќе каже дека Охрид воопшто не е скап како што поединци се обидуваат да го прикажат. Впрочем, најдобра потврда за тоа се самите туристи, кои без исклучок не се имаат пожалено дека премногу платиле за нешто во градот. Случаи на измама, на наплата повеќе за услуга или можеби за дрскост на такси-превозник има, но тоа не е правило туку повеќе исклучок. Повеќе се тоа изолирани случаи што ја урнисуваат добрата слика што треба да ја остава туристичка дестинација со реноме какво што заслужува Охрид, со сите атрибути што ги поседува за таква титула, но не се тоа параметри што го креираат финалниот имиџ. Веројатно многу помалку внимание кај луѓето привлекуваат позитивните случаи и добрите искуства на туристите. За тоа потврда се бројните написи и објави, видеа со пораки, како од блогери, јутјуб инфлуенсери, дури и текстови во специјализирани магазини и списанија што обработуваат далеку поаналитички издржани теми од областа на туризмот како компленска стопанска дејност. Објави дека Охрид е дестинација што под обврзително вреди да се посети имаа и некои од најреномираните светски информативни агенции и веб-порталите на најпознатите светски новински куќи.

Дека Охрид не е прескап, не мора да се оди подалеку, доволно е да се посети некоја од соседните држави...Тука и не смее да се заборави и тоа што цените на производите и услугите во најголем дел на ги диктираат самите охриѓани кои исто толку плаќаат за се низ градот, туку ценовникот го формираат и високите давачки, што во изминатите години драстично се зголемија, од набавните репроматеријали, прехранбените производи, преку материјалите за градежништвото, се до кириите на објектите особено кај локалите на атрактивните локации.

Вистината како и секогаш е некаде на средината, но останува фактот дека цената на просечно сместување, па и оброк, услуга во Охрид не е повисока од ниту една од туристичките дестинации во соседните држави. Тоа го потврдуваат и самите гости кои во се поголем број се решаваат да дојдат и да летуваат или одмараат токму во Охрид. Ако по нешто Охрид се издвојува од сличните дестинации во соседните држави, тоа е секако прифатливата цена на сместувањето...

Она каде што најмногу како дестинација потфрлува Охрид, а нотирано и од самите гости, секако е инфраструктурата односно лошото сообраќајно поврзување на градот со другите центри во регионот.

Очајно лошиот пат во насока од Кичево одвраќа голем број туристи кои од летување во Грција планирале да поминат ден два на Охридското Езеро. Тука во најголем дел предничат гостите од Србија кои без исклучок од летување во соседна Грција секогаш последните пари ги трошеле во Охрид. Тука мора да се нотира и фактот дека Србите кај угостителите во Охрид важат за најдобри потрошувачи и како такви за најпожелни гости.

Ниту конекцијата од градот со Битола ниту со Свети Наум не е за фалење со оглед на заложбите Охрид да се наметне на пошироката туристичка сцена како посакувана дестинација.

Но, најгрдата слика, а првата што ја гледаат туристите што со авион ќе допатуваат во градот, е делницата на потегот од охридскиот аеродром до влезот во градот. Крајно неуреден простор, прашина, сообраќаен метеж, исклучително накарадно скрпената „клучка“ кај Подмоље наликува на се освен на крстосница на магистрални патни правци.

Забележителни се активности на терен последните седмици кога станува збор за доизградбата на историската автопатска делница до Кичево, со уверувања и ветувања од надлежните дека за наредната сезона ќе биде готов делот од автопатот до градот, барем до аеродромот. Во комбинација со најавените нови авионски линии од охридскиот аеродром, тоа е позитивен исчекор во подобрувањето на туристичката понуда на Охрид...

Очекувањата на упатените во индустријата укажуваат дека и оваа 2025 година нема причина да не се задржи позитивната динамика во туристичкиот сектор.

Најважниот адут го имаме, Охрид е посакувана туристичка дестинација. Останува на самите нас да поработиме за подобрување на севкупната слика за градот. Да се направи исчекор напред, ако не поинаку, тогаш со ситните работи што можеме да ги поправиме, корегираме, испегламе самите, дали со своето однесување кон гостите, дали со грижа за чистотата во градот, секако во насока на подобрување на понудата...За уште подобра наредна 2025 сезона... /МИА

Водата во Скопје безбедна за пиење

Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат најновиот неделен извшетај на ЈП „Водовод и канализација“. 

Секторот за санитарна контрола на претрпијатието од 30.12.2024 до 05.01.2025 земало 155 примероци за физичко-хемиска и 155 примероци за микробиолошка анализа од 41 мерни места во Градот Скопје. Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Прв случај на метапневмовирус во Грција, надлежните смируваат дека нема простор за паника

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во Солун е потврден првиот случај на човечкиот метапневмовирус ХМПВ, како што објавија медиумите, кај 71-годишен маж, кој е хоспитализиран, додека пак според грчките епидемиолози и министерот за здравство, нема простор за паника, бидејќи како што објаснуваат, станува збор за вирус познат над 20 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во интервју за грчката телевизија „Антена“ министерот за здравство Адонис Георгиадис рече дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус, но и објасни дека побарале темелна анализа на потврдениот случај за да видат дали можеби станува збор за сој што не е познат или дали има некои опасни карактеристики.

-Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет, објасни Георгиадис.

Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис за државната телевизија ЕРТ посочи дека метапневмовирусот е „вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека кај луѓето постои со децении“ и дека засега, не е особено опасен, „иако може да одведе многу деца, како и луѓе кои припаѓаат на високоризични групи, во болница“.

- Една студија покажа дека антителата за вирусот се откриени од 1958 година. Исто така, истражувањата покажаа дека во Холандија биле заразени сите деца до петгодишна возраст, што значи дека тоа е вирус што веројатно сите сме го фатиле кога сме биле мали и не е нешто ново, посочи Мајоркинис.

Професорот објасни дека не постои вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција и не станува збор за сериозен вирус.

Коментирајќи ја загриженоста што постои поради случаите во Кина, истакна дека непотребно зазема големи размери и создава паника бидејќи „врз основа на податоците што постојат, најверојатно станува збор за „hype“ на социјалните мрежи, без да има вистинска основа“. /МИА

Американската администрација отвори истрага за 2,6 милиони возила на Tесла

Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата отвори истрага за 2,6 милиони возила на Tесла поради извештаите за несреќи за кои постои сомневање дека биле предизвикани од системот за далечинско управување.

Оштетените возачи изјавиле дека, користејќи го тој систем, имале премалку време да избегнат судир.

Новата истрага доаѓа откако Националната управа за безбедност на сообраќајот на автопатите започна истрага за 2,4 милиони возила на Tесла опремени со софтвер за самоуправување во октомври лани, по четири пријавени несреќи предизвикани од софтверот.

Како дел од тековната истрага, се испитува паметен систем чија цел е да детектира паркирани возила или предмети. /МИА

притисни ентер