Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужба за Спасовски за несовесно издавање на личните исправи

 ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужба за Спасовски и барање за обесштетување на граѓаните поради непотребните финансиски трошоци за издавање на личните исправи на граѓаните кои несовесно биле издавани.

Поради неодговорноста и измеќарскиот однос на СДС, граѓаните се доведени во ситуација да бидат во притвор во сопствената држава.

Имено, изминатите години, надлежните институции, пред се МВР предводено од Спасовски, свесно работеле против интересите на државата и граѓаните, за сега да има целосен крах во издавањето на патни исправи поради што граѓаните не можат да ги остварат своите основни слободи и права.

Ова е директно нарушување на човековите и граѓанските права на секој поединец во Македонија, затоа што некој ја злоупотребил својата должност и несовесно работел во службата. Оливер Спасовски е директно одговорен за ова, бидејќи со години наназад набавувал обрасци за лични и патни исправи и истите ги издавал, иако бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред истекот на нивниот рок на важност.

Со тоа, Спасовски не само што го оштетил државниот буџет, туку ги оштетил и граѓаните кои денес се соочуваат со ограничување на движењето и материјална штета. За ова ВМРО-ДПМНЕ во име на сите граѓани ќе побара кривична одговорност од Оливер Спасовски, затоа што граѓаните кои извадиле пасош во период од 2018 година па до денес, а на кои државата не им издала соодветна патна исправа, се директно оштетени и доведени во омаловажувачка позиција да не можат да ги уживаат своите права.

Воедно во име на сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и тужба со цел обештетување на граѓаните кои свесно од страна на ова влада на ДУИ и СДС беа изложени на непотребни финансиски трошоци.

Почитувани, ова покажува дека оваа власт на ДУИ и СДС е жив зијан за граѓаните. СДС и Ковачевски треба да се засрамат и да им се извинат на граѓаните за овој хаос. Најмалку што може да направат е да ги прифатат измените на законите за лични документи и за безбедност во сообраќајот во итна постапка во Собранието, како прв чекор, за да ја ублажат катастрофата кои ја предизвикаа.

Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Видео: Новак Ѓоковиќ ги насмеа следбениците, танцуваше грчки танц на лента за трчање

На Дејвис куп тестот вчера Србија поведе со 2:0 против Грција во Белград, а тој втор бод го донесе Новак Ѓоковиќ совладувајќи го Гркот Јоанис Ксилас со 6:0, 6:1.

Новак пред натпреварот ги насмеа сите свои следбеници на социјалните мрежи објавувајќи видео во кое покажа како се подготвува за натпреварот.

„Смешен начин да се подготвите за натпреварите против Грција“, напиша тој во описот на неговото видео на TikTok, кое собра повеќе од 655.000 прегледи за само еден ден. Имено, додека бил во теретана, Ѓоковиќ на лентата за трчање го играл познатиот грчки танц - сиртаки.

@djokernole Fun way to prepare for the matches vs Greece 🇬🇷 brothers #tennis #serbia #greece #daviscup ♬ original sound - Novak Djokovic

Освен Срби и луѓе од соседните земји, во коментарите му одговорија и Грци. „Ве обожаваме во Грција. Секогаш сте добредојдени“, „Ви испраќаме голем поздрав од Грција“, „Дојди овде да танцуваме“, продолжија коментарите.

„Веќе можам да видам дека можеби ќе почне да танцува кога ќе се пензионира“, гласи еден од коментарите.

Рама: Австријци во Корча ќе го градат првиот ски-центар во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама најави изградба на првиот ски-центар во земјата, додавајќи дека тоа ќе биде во Корча, а инвеститорот ќе биде од Австрија.

- Наскоро со Божја помош, никогаш не се знае што ќе се случи следниот ден во овој живот, ќе започнеме со изградба на првиот ски-центар кој ќе биде во областа на Корча. Станува збор за фантастичен проект од група многу сериозни инвеститори од Австрија, рече Рама.

Според него, и архитектите се Австријци, автори на најпознатите одморалишта во Австрија и Швајцарија.

-Ова ќе биде првиот ски-центар. Владината намера е Албанија да ја претвори во туристичка дестинација и за зимската, а не само летната сезона, посочи Рама во поткастот „Зборуваме".

Додаде дека, како резултат на визијата на владата и вложувањата, неговата земја станала барана дестинација, која во изминатите осум месеци од годинава ја посетиле над 8,5 милиони туристи. /МИА

Зеленски: Украина трпи големи загуби поради бавната испорака на оружје

Украинските војници трпат големи загуби поради бавното пристигнување на западното оружје за соодветно опремување на вооружените сили, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.

Зеленски истакна дека ситуацијата во источниот дел на земјата е „многу тешка“, додавајќи дека половина од украинските бригади таму не се опремени, пренесува БТА.

- Затоа губиме многу луѓе. Ги губиме луѓето затоа што немаат борбени возила... немаат артилерија, немаат артилериски гранати, рече Зеленски.

Тој, исто така, забележа дека оружјето ветено од САД и европските земји пристигнува многу бавно.

- Потребни ни се 14 бригади за да бидеме подготвени. Досега... од овие пакети [со пратки оружје] не опремивме ниту четири, посочи украинскиот претседател.

Зеленски овој месец треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и ќе му претстави план за ставање крај на војната. Главните елементи се безбедносна и дипломатска поддршка, како и воена и економска помош, најави Зеленски.

Се очекува тој да му ги повтори на Бајден барањата да и се дозволи на Украина да користи американско оружје со долг дострел за да напаѓа длабоко на руска територија.

- Единственото нешто од што се плаши рускиот претседател Владимир Путин е реакцијата на неговиот народ ако цената на војната ги натера да страдаат. Направете ја Украина силна и ќе видите дека тој ќе седне и ќе преговара, рече Зеленски./МИА

притисни ентер