Јанчева: ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се единствени виновници за најлошиот јавен превоз во Европа

Извештајот на Европската Комисија јасно го  потврдува она што скопјани го чувствуваат секојдневно: јавниот превоз во Скопје е во катастрофална состојба, најлош во Европа!

Ваквата состојба е директен резултат на неспособноста на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска, кои, за само 3 години владеење, успеаја да го доведат Скопје на дното, не само во транспортот, туку и во сите други области.Наместо да ги исполнат ветувањата за инвестиции и модернизација на јавниот превоз, станавме сведоци на епско потфрлање и тотален хаос во јавниот градски сообраќај.Пред само 3 години ветуваа модерно Скопје, нови 250 автобуси, дури и бесплатен превоз.Ниту едно од ветувањата на ДПМНЕ не е остварено.Оваа ситуација секојдневно ги погодува граѓаните на Скопје, кои се соочуваат со проблеми поради нередовност, доцнење на редовните автобуси. Страдаат поради надостигот на нови автобуси и поради целосно нефункционалниот и застарен концепт на јавен сообраќај во Скопје.Одговорноста лежи кај советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се против проектот БРТ, и намерно не гласаат за набавката на нови автобуси, кои ги ветуваа, како и кај Владата на Мицкоски која не презема никакви мерки.Наместо да се грижат за потребите на скопјани, тие се фокусираат на своите неуспешни бизнис интереси и сојузништва, оставајќи ги граѓаните сами да се справуваат со хаосот.ВМРО-ДПМНЕ и нивната неспособност се најголемите виновници за катастрофата во јавниот превоз во Скопје.

Љубица Јанчева, совеничка и координаторка на советничката група на СДСМ во Скопје

Меџити оствари средба со министерот за животна средина на Косово, Либурн Алиу

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одржа важна средба со министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу. 

Ова е прва официјална посета на министерот Алиу по формирањето на новата влада.

На оваа средба, вицепремиерот Меџити изрази благодарност до министерот Алиу и неговата делегација, вклучително и амбасадорот на Република Косово, Флоријан Ќехаја, истакнувајќи ја неговата и владината определба за соработка на секое поле што е од интерес за граѓаните на двете земји.

Разговорите се фокусираа на прекуграничната соработка, при што беше споменат проектот за заштита на реката Лепенц преку интегрирано управување со водните ресурси.

На посебна средба одржана подоцна, министерот Меџити беше домаќин на делегација од Министерството за животна средина на Република Косово, на која се разговараше за унапредување на соработката меѓу двете министерства за решавање на важни еколошки прашања и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Косовската делегација го претстави проектот за хидросистем Ибер-Лепенц, финансиран од WBIF, и ја истакна потребата од продлабочување на соработката во областа на екологијата.

Двајцата министри се согласија дека е од суштинско значење да се продолжи со подобрување на односите и да се искористи потенцијалот за продлабочување на соработката во еколошките прашања.

Оваа посета и одржаните средби ја нагласуваат силната посветеност на двете земји да работат заедно за постабилна и побезбедна иднина за своите граѓани, се наведува во соопштението.

Во Северна Каролина речиси сто луѓе се водат како исчезнати по ураганот Хелен

Најмалку 92 луѓе се водат како исчезнати во американската сојузна држава Северна Каролина откако ураганот Хелен ги погоди САД кон крајот на септември.

- Сакам да предупредам дека ова не е конечната бројка, бидејќи работната група продолжува со работа, наведе гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер.

Хелен ги погоди САД на 26 септември, тоа е вториот најсмртоносниот ураган во земјата изминатите 55 години. Најмалку 243 лица загинаа во неколку сојузни држави, вклучувајќи 118 во Северна Каролина./МИА

Сиљановска Давкова го прими генерал Метин Ѓурак, началник на ГШ на Вооружените сили на Турција

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими генерал Метин Ѓурак, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција.

На средбата беше разговаранo за севкупните билатерални односи меѓу двете држави во областа на одбраната, коишто бележат континуиран развој, во духот на НАТО сојузништвото и стратешкото партнерство во сите области од заемен интерес.

Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова го нагласи исклучително значајниот придонес на турските вооружени сили преку воено-финансиските договори, како и годишните планови за соработка кои обезбедуваат финансиска поддршка, воена опрема, одбранбени системи и обука на нашиот воен персонал.

Изразувајќи задоволство од непоколебливата и конкретна поддршка од Турција и турските институции од осамостојувањето на македонската држава, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за дополнително негување и зајакнување на блиските врски меѓу двете држави и за поттикнување на меѓусебни посети на високо ниво, соопштуваат од Кабинетот на претседрателката .

притисни ентер