Израелски претставник пред Советот за безбедност на ОН: Израел ќе се брани

Постојаниот претставник на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, изјави пред Советот за безбедност на организацијата дека Израел не ја исклучува можноста за нови напади врз цели на либанската шиитска група Хезболах, јави ДПА.

-Нема да дозволиме Хезболах да продолжи со своите провокации. Нејзините дејствија се во спротивност со меѓународното право и Израел ќе се брани... Израел не бара проширување на конфликтот во регионот. Сепак, ќе направиме се што е потребно за да ги вратиме нашите граѓани кои живеат во северен Израел во своите домови, изјави израелскиот амбасадор во ОН во Њујорк.

Во меѓувреме, Розмари Ди Карло, потсекретарка на ОН за политички прашања, ги повика сите земји со влијание врз Израел и Хезболах да „го користат сега“ за да спречат ескалација на насилството на Блискиот Исток. Таа истакна дека „ескалацијата на конфликтот може да ги надмине димензиите на опустошувањето и човечкото страдање во регионот“ видени досега.

-Никој на овој свет отсега не е безбеден. Тука сум да ве повикам јасно и категорично да ги осудите израелските терористички напади, рече либанскиот министер за надворешни работи и миграција, Абдула Бу Хабиб пред Советот за безбедност на ОН.

Во израелски воздушен напад во либанската престолнина Бејрут, вчера беа убиени двајца високи команданти на Хезболах. Вкупниот број на жртви на нападот е најмалку 14 лица.

Хавиер Тебас проговори за наместените натпревари во Ла Лига

 Претседателот на најсилната фудбалска лига во Шпанија, Хавиер Тебас изјави дека пред многу години бил наместен натпревар на крајот од сезоната.

- Пред многу години имаше претседател на клуб јужно од Кастелон. Неговиот тим успеа да остане во Ла Лига, а по мечот отиде во соблекувалната кај играчите со зборовите: „Не го добивме натпреварот поради вас, победивме затоа што јас наместив се, изјави Тебес во поткастот на Џорди ел Салваје.

Се шпекулира дека станува збор за еден од следниве клубови: Валенсија (2022/23), Леванте (2014/15, 2010/11, 2006/07), Елче (2020/21, 2013/14) или Виљареал (2001/02).

Видео:Во Техеран на воената парада Иран претстави нов камиказе дрон

Иран ја претстави најновата верзија на својот камиказе дрон на воената парада во Техеран, јави ДПА.

Државната телевизија ИРИБ денеска објави дека дронот Шахед 136-Б има домет од 4.000 километри и е еден од најнапредните дронови во светот.

Иран тврди дека направил голем напредок во производството на дронови во последните години. Се вели дека тие играат централна улога за рускиот агресор во војната во Украина, иако Техеран категорично ги отфрла обвинувањата дека ја снабдува Москва со оружје за нејзината инвазија на Украина, наведува германската агенција.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека земјата работи со Москва на воено ниво, но тврди дека тоа не е поврзано со војната во Украина.

Техеран, исто така, вели дека секогаш се залагал за брз крај на војната во Украина и тврди дека ги поддржувал дипломатските мировни иницијативи.

Најмалку 13 цивили загинаа во израелски воздушен напад врз училиште во Газа

Најмалку 13 цивили загинаа денеска во израелски воздушен напад врз училиште во кое се сместени раселени лица во населбата Ал Зејтун, јужно од градот Газа, јавуваат палестинските медиуми.

Се додава дека десетици цивили претрпеле различни повреди во нападот на училиштето Ал-Фалах во истата населба.

Израелската армија објави дека денеска извршила воздушен напад врз група оперативци на Хамас во командна просторија сместена во поранешно училиште во градот Газа, пишува Тајмс оф Израел.

Според соопштението на израелската армија, Хамас го користел училиштето Ал-Фалах во населбата Зејтун за планирање и извршување напади врз израелската армија и израелската територија.

Израелската војска го обвини Хамас дека „систематски“ користи цивилни локации за терористички акции.

притисни ентер