Индиец Гукеш Домараџу е најмладиот светски шампион во историјата на шахот (ВИДЕО)

Четиринаесеттиот натпревар од дуелот за титулата светски првак во Сингапур помеѓу бранителот на титулата Кинез Динг Лирен и 18-годишниот Индиец Гукеш Домараџу заврши со победа на Гукеш.

Четиринаесеттиот натпревар од дуелот за титулата светски првак во Сингапур помеѓу бранителот на титулата Кинез Динг Лирен и 18-годишниот Индиец Гукеш Домараџу заврши со победа на Гукеш и со тоа со вкупни 7,5-6,5 стана најмладиот светски шампион во шаховската историја.

Тоа беше резултат на невидена грешка на светскиот шампион во „конкретна“ реми позиција. По мирна позициска игра, предизвикувачот успеа да освои пион, а во сосема рамноправна завршница Динг „најде“ единствен пат до пораз и губење на титулата. Прво, тој го пасивизирал ловецот, а потоа, на запрепастување на сите љубители на шахот, понудил да го смени топот, по што се создал изгубениот пешак. Гукеш е вториот Индиец кој ја добива оваа титула по Вишванатан Ананд.

Натпреварот во Сингапур беше блиску до крајот, но грешките на 32-годишниот Динг на крајот го чинеа титулата што првпат ја освои во април 2023 година. Од друга страна, Гукеш не пропушти можност да го продолжи метеорскиот подем во светот на шахот.

Неговото назначување како предизвикувач благодарение на неговата победа за време на турнирот за кандидати во април 2024 година ги изненади сите, но тој продолжи да импресионира со одличната изведба за време на шаховската олимпијада во септември, која ја освои Индија. Со победата над Динг, тој стана најмладиот светски шампион во историјата, рекорд што го држеше Гари Каспаров, кој во 1985 година имаше 22 години.

Вонредно изборно Собрание на ФФМ: Прифатена оставката на досегашниот претседател, Муамед Сејдин

На Изборното Собрание присутните ја прифатија оставката на досегашниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини. 

Во својот говор пред присутните 62 делегати, фудбалски работници, наши истакнати поранешни фудбалски имиња и гости од УЕФА и ФИФА, Муамед Сејдини упати благодарност до сите кои во изминатите години дадоа придонес за развојот на македонскиот фудбал.

Од една страна чувствувам исклучителна гордост за сè што постигнавме заедно во овие седум години како претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Од друга страна, ова е момент за размислување, бидејќи секоја епоха има свој крај, а денес завршуваме едно поглавје кое носеше многу предизвици, но заврши со историски успеси.

Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас.

Денес си заминувам исто така на ист начин - со благодарност и можност да ве погледнам сите во очи, споделувајќи чувство на гордост за заедничките успеси кои ќе останат долго во историјата на нашиот фудбал.

Посакувам и во иднина да имаме уште поголеми успеси и нашиот фудбал да продолжи да биде извор на гордост за сите нас. На мојот наследник му посакувам успешна работа и многу успеси на неговиот пат“.

Путин: Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД, но не на сметка на руските интереси.

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД и другите западни земји, но не на сметка на руските интереси, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју објавено денеска, пренесоа руските медиуми.

-Се може да се направи ако има желба. Никогаш не сме ја изгубиле таа желба, рече Путин одговарајќи на прашање за можноста за воспоставување руско-американски односи.

Според него, сè се менува во меѓународните односи, а само интересите остануваат непроменети - во овој случај, „интересите на Русија и нејзиниот народ“.

-Ако видиме дека ситуацијата се менува на начин што дава можности и перспективи за градење односи со другите земји, ние сме подготвени на тоа, но не на штета на интересите на Руската Федерација, нагласи Путин.

Тој додаде дека кога противниците на Русија ќе ја разберат подготвеноста на таа земја да одговори на какви било предизвици, ќе сфатат и дека е време да се бараат компромиси.

-Секогаш ќе одговориме на секој предизвик, а кога нашите сегашни противници и можни партнери конечно ќе го слушнат и разберат ова, ми се чини дека тогаш ќе сфатат дека е неопходно да се бараат компромиси, заклучи Путин.

Дурмиши: Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат

Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Дурмиши, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, посочува дека не очекува манипулации со новогодишната кошничка, а слична мерка најавува и за Рамазан и Велигден, како и дека зголемување на границата за пензионирање не се предвидува.

Во однос на препораките од Фискалниот совет и Светска банка за зголемување на старосната граница за пензионирање и кој е неговиот став, Дурмиши посочува дека согласно реорганизацијата на институциите, надлежноста на трудот доаѓа кај Министерство за економија и труд, но надлежностите за пензиите се на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

-Јас на прашањето, како член на Владата би го повторил ставот на премиерот дека не е предвидено зголемување на старосната граница за пензионирање. Но, да ве известам дека, како што знам, се прават анализи за реформа на пензискиот систем, изјави Дурмиши.

Прашан дали е можно да се исполни барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 450 евра, Дурмиши вели дека синдикатите бараат да се зголеми минималната, но од друга страна ги имаме и работодавците кои се против зголемување на секоја вредност на минималната плата додека не се зголеми продуктивноста.

-Ние како Влада сме го отвориле како тема во рамки на Економско-социјалниот совет и сме оставиле тие да се усогласат. Како што се усогласени за Законот и правилата како да се зголемува минималната плата во март секоја година, пак ќе ги оставиме да се усогласат. Секоја одлука која ќе ја донесат работодавците и синдикатите, ние им стоиме на располагање и ќе ги поддржиме. Треба да се видат сите засегнати страни, треба да се видат и работодавците, на крај на краиштата тие се оние што ги отвораат работните места. Тие имаат барање да се зголеми прво продуктивноста, а потоа да се зголеми минималната плата. Во предлог-буџетот за 2025 година има предвидено средства да се зголеми минималната плата. На крајот на месец февруари, кога ќе ги земеме крајните податоци ќе ги направиме анализите и ќе видиме колку ќе дојде тоа зголемување на минималната плата. Според податоците што ги имаме досега, до 11 месеци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари, изјави Дурмиши.

Прашан дали во Економско-социјалниот совет разговарате и за ревизија на законското решение за „недела неработен ден“, Дурмиши вели дека и тука има спротивставени страни.

-Работодавачите бараат да се укине „недела неработен ден“, но од друга страна ги имаме синдикатите кои бараат да остане така како што е. Одредени дејности на занаетчии, од коморите итн., бараат одредени дејности ние да ги ослободиме од недела да биде неработен ден. Така што, оваа тема се отвора во рамки на Економско-социјалниот совет. Секој месец се одржува по една седница и ќе видиме кои дејности треба да ги ослободиме за да може да ги вршат своите задачи и да имаат повеќе производи, изјави Дурмиши.

Како министер, тој посочува дека одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не да се укине целосно „недела неработен ден“.

-Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени, изјави Дурмиши.

Прашан за акцијата Новогодишна кошничка, Дурмиши вели, дека се почитува и е применлива.

- Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати. Сега имаме друг вид на мерка која сами ја нудат трговците, производителите и дистрибутерите. На 5 декември кога беше најавена оваа мерка, ние до тогаш имавме повеќе од 10 состаноци и беа опфатени 675 производи од 58 трговци. Сега додека зборуваме, уште повеќе се надополнуваше таа бројка. Стигна до 1.068 и кошницата е отворена до 15 јануари.... Овие акции се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн, посочува Дурмиши. /МИА.

притисни ентер