Илиоски ја обедини европската и светската кик бокс титула

Македонскиот кик боксер Бобан Илиоски ја освои титулата на Светското првенство кое се одржува во португалскиот град Албуфеира, откако во денешното финале го совлада Нурбек Уришбоев од Узбекистан со убедливи 3-0.

На патот до златниот медал во категоријата лоу кик до 86 килограми Илиоски дојде со три убедливи победи од по 3-0.

Настапот на Светското првенство во кик бокс македонскиот натпреварувачот го почна со триумф во четвртфиналето над Алберт Угринчиќ од Босна и Херцеговина, а во полуфиналето беше поуспешен од Елјан Алкишијев од Азербејџан.

Минатиот ноември Илиоски ја освои и титулата европски првак во категоријата лоу кик до 86 килограми.

Српскиот претседател очекува документи за американските санкции кон НИС на 10 или 13 јануари

Вучиќ посочи дека има две непознати, кои се однесуваат на условите и дали проблемот е што Русија го има мнозинскиот пакет акции или што воопшто учествува во сопственоста на НИС.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека на 10 или 13 јануари очекува да пристигнат документите од САД за воведување санкции против српската нафтена компанија НИС (Нафтена индустрија Србије), во која руски компании имаат мнозински удел,пренесува Радио Слободна Европа.

Во емисија на српската национална ТВ РТС, Вучиќ посочи дека има две непознати, кои се однесуваат на условите и дали проблемот е што Русија го има мнозинскиот пакет акции или што воопшто учествува во сопственоста на НИС.

- Ќе останат ли санкциите против НИС ако Русите останат со 40 отсто сопственост, дали е доволно да немаат мнозински или контролен пакет акции или пак се инсистира тие целосно да излезат од сопственоста, рече Вучиќ.

Од 2008 година руската државна компанија „Газпром нефт“ и нејзината матична компанија „Газпром“ имаат мнозински удел во НИС од 56,15 отсто, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.

Вучиќ додаде дека Србија има доволно средства за да го откупи НИС, но останува прашањето што ќе направи Русија со парите добиени од евентуалната продажба./МИА

Оланд: Макрон треба да го заврши својот мандат за да избегне институционална криза во Франција

Оланд, кој сега е пратеник во францускиот парламент, нагласи дека, без оглед на критиките упатени кон Макрон, тој беше реизбран на изборите пред три години и треба да го доврши мандатот. 

И покрај зголемените повици до францускиот претседател Емануел Макрон да поднесе оставка, тој треба да го заврши својот втор претседателски мандат за да избегне голема институционална криза, изјави поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд во интервју за „Вест Франс“.

Оланд, кој сега е пратеник во францускиот парламент, нагласи дека, без оглед на критиките упатени кон Макрон, тој беше реизбран на изборите пред три години и треба да го доврши мандатот. Во спротивно, Франција би се соочила со сериозна институционална криза.

Во однос на можните предвремени парламентарни избори, Оланд вели дека не гледа како распуштањето на парламентот по шест месеци би довело до значителни промени во составот на Долниот дом, кој сега е поделен на три блока без апсолутно мнозинство.

Оланд исто така повика на „смирена парламентарна демократија“ и изрази став дека владата на центристот Франсоа Бајру може да опстане до 2027 година, под услов да направи значителни компромиси, особено во однос на пензиите и фискалната правда, за да избегне гласање за недоверба.

Тој изрази желба за обновување на Социјалистичката партија како независен политички субјект, кој ќе биде отворен за социјалдемократи. Оланд повика на одржување партиски конгрес пред летото за утврдување на стратегијата за претседателските избори во 2027 година. /МИА

Шолц и СПД ги демантираат тврдењата за наводна средба со Путин пред изборите

Кизеветер на платформата „Икс“ објави дека „канцеларот Шолц може да отпатува во Москва за средба со Путин пред изборите“.

Германската Социјалдемократска партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц го обвини опозицискиот конзервативен политичар Родерих Кизеветер за ширење лажни информации за наводна планира средба помеѓу Шолц и рускиот претседател Владимир Путин пред предвремените парламентарни избори во Германија, закажани за 23 февруари, пренесува ДПА.

Лидерот на парламентарната група на СПД, Ролф Мицених, изјави дека изјавата на Кизеветер е „чисто фабрикување“. Генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш, додаде дека тврдењето е „подмолно и ниско“.

Кизеветер на платформата „Икс“ објави дека „канцеларот Шолц може да отпатува во Москва за средба со Путин пред изборите“.

Германската влада најави правни чекори против овие тврдења, наведувајќи дека нема планови за такво патување и дека овие изјави се клевета. Мирш побара од опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) да се огради од објавата на Кизеветер, додавајќи дека ова го нарушува договорот за фер изборна кампања.

притисни ентер