ИДФ синоќа изврши 11 напади врз бејрутското предградие Дахија

 Израелската армија (ИДФ) синоќа изврши 11 напади врз јужното предградие на главниот град на Либан, Бејрут, што е бастион на Хезболах.

Нападите беа извршени врз предградието Дахија, а мета на нападите беше Хашем Сафиедин, наводниот наследник на убиениот лидер на Хезболах Хасан Насрала. Не е позната судбината на Сафиедин.

Тоа беше еден најсилен напад од 23 септември откако ИДФ ги интензивира нападите врз цели во Либан.

Според Министерството за здравство на Либан во изминатите 24 часа во израелските напади загинале 37 луѓе, а 151 се повредени, а од 23 септември убиени се приближно 1.000, а 1,2 милиони луѓе се раселени.

И Хезболах синоќа истрела низа ракети вез воена индустрија во заливот Хаифа на брегот на Средоземното Море.

Додека во борбите со Хезболах во јужен Либан загинаа најмалку девет израелски војници.

Судот на правдата на ЕУ ја одби жалбата на забраната за давање адвокатски услуги на Руси

Судот на правдата на Европската унија ги отфрли жалбите на адвокатски здруженија од Белгија, Франција и Германија против одлуката на ЕУ со која се забранува давање правни совети на руската Влада или на други субјекти основани во Русија. 

Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ, станува збор за одлука на ЕУ донесена во рамки на пакетот санкции воведени поради руската инвазија на Украина.

Меѓутоа, неколку адвокатски здруженија сметаат дека со оваа одлука се кршат основните права кои гарантираат пристап до правни совети од адвокат, како и принципите за почитување на професионалната тајна и независноста на адвокатите. Дополнително, според подносителите на жалбата, забраната ги крши и вредностите на владеењето на правото и принципите на пропорционалност и правна сигурност.

- Очигледно е дека силно ја поддржуваме Украина и нејзините жители, кои трпат неприфатлива агресија од страна на Русија. Но, војната и нејзините злосторства не смеат да не натераат да заборавиме дека правото и правдата не се услуги како сите други. Тие се гаранти на здрава демократија, изјави претседател на Франкофонската адвокатска комора од Брисел, Емануел Плашер.

Според Плашер. ако се следи оваа логика, еден ден би можело да им се каже на адвокатите дека не смеат да бранат лице кое се смета за несовесно.

- Ова е почеток на крајот на владеењето на правото, додаде Плашер.

Меѓутоа, Судот на правдата оцени дека оваа забрана не го ограничува правото на секој поединец да биде советуван и застапуван од адвокат.

- Забраната не се однесува на правни совети дадени во врска со правните постапки, а дополнително со неа не е опфатено давањето совети на поединци, заклучи Судот.

Највисокото судско тело во ЕУ, исто така, ги отфрли и жалбите во кои се тврди дека со забраната се кршат принципите на професионална тајна или независност на адвокатите.

Таравари: Комисија ќе утврдува дали имало пропусти со починатата родилка од Куманово

Формирана е комисија која треба да утврди дали имало пропусти со починатата родилка од Куманово.

Формирана е комисија, која треба да утврди дали имало пропусти во случајот со починатата родилка во Куманово, а првичните информации ќе може да се очекуваат денеска, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.

Литванија го ратификуваше договорот за распоредување на 5.000 германски војници во земјата

Литванија вчера го ратификуваше заедничкиот договор со Германија за распоредување на германска борбена бригада во балтичката земја-членка на НАТО, при што сите 88 пратеници присутни на гласањето го поддржаа планот, јави ДПА.

Договорот, склучен во Берлин на 13 септември, предвидува распоредување и на германски војници и на цивили од германските вооружени сили во Литванија.

Како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа по руската инвазија на Украина, Германија одлучи трајно да ја распореди својата борбена бригада во Литванија, која треба да биде подготвена до 2027 година. Планот предвидува распоредување до 5.000 германски војници во земјата, од кои 80 отсто ќе бидат сместени во воената база во Руднинкаи, а останатите во јужниот литвански град Рукла.

Германска командна единица од околу 20 војници дојде во Литванија уште на 8 април, а уште 120 се очекува да пристигнат на почетокот на октомври.

Литванските пратеници почнаа да расправаат за планот минатата недела, откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус се обрати во Парламентот. Литванскиот министер за национална одбрана Лауринас Кашунас го поздрави чекорот како „уште еден камен-темелник на стратешкото партнерство“ со Германија.

Германските пратеници исто така мора да го ратификуваат договорот, иако сè уште не е одреден датум. За време на неговата неодамнешна посета на Литванија, Писториус рече дека очекува процесот на ратификација да биде завршен следната година.

притисни ентер