Комити Запад: Актуелното раководство во целост е неспосбно да води клуб како Вардар

Навивачите на Вардар, Комити Запад, побараа смена на актуелното раководство на клубот. Тие се незадоволни од резултати на тимот во тековната сезона, како и од состојбата на клубот.

Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на Комити Запад:

Навивачите на фудбалскиот клуб Вардар, незадоволни од резултатите,организацијата и целосната катастрофална ситуација во која се наоѓа клубот, одлучија да се спротивстават, обединувајќи се во голем „НАРОДЕН ФРОНТ-ЗА ВАРДАР”. Како што е веќе познато, по финансискиот крах, клубот за време на изминатите две сезони беше целосно управуван од страна на здружението на навивачите, односно народот кој апсолутно даде поддршка на оваа приказни. Благодарение на нашата напорна работа, но и на помошта од страна на неколкуте Општини, Градот Скопје, како и на многуте компании кои ја видоа нашата искрена намера и се приклучија кон оваа борба, клубот успеа да опстои и по две сезони минати во Втората лига, да се врати во елитата. По завршувањето на минатата сезона, беше постигнат договор помеѓу Здружението ,,35 години Вардарци”, односно ВД раководството на клубот составено од искрени вардарци и навивачи на овој клуб и новата сопственичка структура, на чело со Атилла Бижен Жалили. Верувавме дека ваквиот расплет ќе донесе подобра иднина за клубот, финансиска стабилности дека ќе се воспостави вистински правец по кој ќе се движи клубот, секако незанемарувајќи ги основните постулати на борбата ,,за клубот на народот” за која деноноќно, волонтерски се бореа искрените Вардарови навивачи. Меѓутоа, неколку месеци подоцна, не само ние, туку и целата македонска јавност сведочи за катастрофалната ситуација, во која од ден на ден се повеќе тоне и клубот и приказната која со многу труд и љубов ја создаваа навивачите и народот. Причината за катастрофалниот тек на сезоната ја гледаме во лошата кадровска политика, односно во неформалното раководството на клубот, начело со Миленко Неделковски, кој заедно со својот тим, докажаа дека се во целост неспособни за да водат клуб каков што е големиот Вардар. Поучени од искуството и минатото во кое во неколку наврати сме биле обвинети за виновници, кои не дозволиле влез на нови сопственички структури, овојпат одлучивме да дадеме време и можност, како што од нас побара и самиот инвеститор, иако уште на самиот почеток го потенциравме нашиот сомнеж во капацитет на предложеното раководство. Но, за жал, веќе е и повеќе од јасно дека е потребна промена ВЕДНАШ. Оваа агонија мора да заврши час поскоро, а за тоа да се случи, потребна е масовна мобилизација на сите Вардарови навивачи, симпатизери, на целокупната јавност која ја повикуваме да се приклучи кон оваа борба и да застане повторно во одбрана на клубот.

Во среда, на 23.10.2024, на Арената Тодор Проески во Скопје, ќе се одигра1/8 финалето од Купот на Македонија, помеѓу екипите на Вардар и ГФКТиквеш од Кавадарци. На овој натпревар, од западната трибина јасно и гласно ќе биде искажан ставот на навивачите. Затоа упатуваме апел до сите, да дојдат и да бидат дел од Западната трибина, да бидат дел од НАРОДНИОТ ФРОНТ! Народен фронт за Вардар! Бараме одговорност, бараме професионализам! Бараме инвеститорот да го разреши постоечкото раководство и да постави вистински професионалци кои Вардар ги заслужува. Натпреварот ќе биде одигран во 14:00 ч. а најважно од се е, сите заедно да бидеме обединети на западната трибина. Без разлика дали сте Комити, Вардарци, навивачи или симпатизери, сите заедно рамо до рамо. Западната трибина повторно застанува во одбрана на нашата светост. Тука се брани Вардар, тука се брани приказната за ,,клубот на народот”, тука се брани црвено-црното! – стои во соопштението на Комити Запад.

По десет кола во Првата македонска фудбалска лига Вардар е на претпоследното 11. место со седум освоени бода.

СДСМ: Мерките на Владата немаат ефект - ја виде ли Бојан Стојановски минималната кошничка?

Ја виде ли Бојан Стојановски висината на синдикалната кошничка? Ете денеска е објавена, минималната синдикална кошничка за месец октомври изнесува 61.249 денари, односно во споредба со минатиот месец разликата е само 57 денари.

На вчерашната прес конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека партијата нема да го поддржи Законот за минимална плата од 450 евра предложен од СДСМ и коалицијата со образложение дека треба да се почека синдикалната кошничка за да се види ефектот од мерките на Владата.

Ја виде ли Бојан Стојановски висината на синдикалната кошничка? Ете денеска е објавена, минималната синдикална кошничка за месец октомври изнесува 61.249 денари, односно во споредба со минатиот месец разликата е само 57 денари.

Ова е најголема потврда на она што граѓаните веќе го знаат, мерките на Владата за намалување на цените немаат никаков ефект, воопшто не се намалени цените на производите.

Го повикуваме пратеникот Бојан Стојановски сега да излезе пред граѓаните, да признае дека мерките на Владата на Мицкоски се погрешни, без резултат и да го поддржи Законот за минимална плата предложен од СДСМ.

Граѓаните не се само статистика, зборуваме за вистински животи, за родители, за млади, за возрасни сограѓани кои секојдневно се борат да обезбедат достоинствен живот за своите семејства.

Токму затоа, зголемувањето на минималната плата е итно и неопходно.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Посетителка во Зоолошката градина побарала да се тестира за птичји грип

Жената прво отишла на Инфективната клиника, од каде ја препратиле во Институтот за јавно здравје. Таа била тестирана и се чекаат резултатите од тестот.

Посетителка во скопската Зоолошка градина побарала да се тестира за птичји грип. Информацијата за МИА попладнево ја потврди директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.

Жената прво отишла на Инфективната клиника, од каде ја препратиле во Институтот за јавно здравје. Таа била тестирана и се чекаат резултатите од тестот.

Директорката Андоновска за МИА вели дека нема простор за паника кај граѓаните. Штом вработените кои секојдневно биле во контакт со животните во Зоолошката се негативни на тест за птичји грип, многу мали се шансите некој од посетителите да го има вирусот.

Претходно, и директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Фадил Цана во куса изјава за МИА, посочи дека нема простор за паника кај граѓаните, кога е во прашање птичјиот грип. Тој нагласи дека како што е состојбата моментално, нема простор за паника ниту кај сезонскиот грип, а камоли кај птичјиот.

Украинскиот град Енерходар без струја

Во окупираниот град Енерходар во близина на јужната украинска нуклеарна централа Запорожје нема струја, соопшти денеска највисокиот функционер во регионот поставен од Москва.

- Во градот нема напојување, напиша Евгениј Балицки на Телеграм, барајќи од жителите „да останат смирени и да заминат во засолништа“.

Балицки рече дека затемнувањето следело по напад со дрон од страна на Киев и оти еден човек е убиен.

Блиската нуклеарна централа Запорожје е окупирана од руски војници од март 2022 година. Сите шест реактори беа затворени од безбедносни причини неколку месеци подоцна. Сепак, снабдувањето со електрична енергија, кое е важно за ладење, редовно се прекинува со артилериски напади. Неколку украински обиди за повторно преземање на централата не успеаја.

Во меѓувреме најмалку три лица, меѓу кои и едно дете, се убиени во североисточниот украински град Суми за време на напади со руски беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти воената администрација на регионот.

- Утрово непријателот погоди катна станбена зграда и критична инфраструктура, напиша управата на Телеграм, пренесе ДПА.

Соопштено е дека се соборени вкупно 25 руски борбени дронови.

Напади со украински дронови се пријавени и во региони на самата Русија. Руското Министерство за одбрана соопшти дека биле соборени 18 украински беспилотни летала, главно над регионот Брјанск.

Според извештаите на медиумите, цел биле и фабрика за гума и комбинирана централа за топлинска и електрана во регионот Тула. Локалните власти соопштија дека пад на дрон во просториите на неодредена индустриска компанија во регионот Воронеж предизвикал пожар, кој бил изгаснат.

Информациите не можат независно да бидат проверени.

Украина се брани од руската инвазија од февруари 2022 година.

притисни ентер