Германскиот Бундестаг му донира на македонското Собрание безбедносни скенери

 Во Собранието денеска ќе има примопредавања на безбедносни рентген скенери од Бундестагот за законодавниот дом.

Како што информираат од собраниската прес-служба, примопредавањето е цел на средбата на претседателот Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска со експерти од германскиот Бундестаг и со претставници на НДИ, како и со амбасадорките на Германија и на Швајцарија, Петра Дрекслер и Вероник Улман.

Министерката за образование апелира под итно да се најде решение за јавниот градски превоз

Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелира до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. 

Според анализата на Министерството за образование и наука од Е-дневник, како што изјави денеска Јаневска, нема значајна разлика во отсуствата на учениците.

- Претпоставувам дека учениците и родителите се организираат најдобро што можат нивните деца да стигнат во училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град да им се онезвоможи на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право со Устав. Се надевам дека ќе се најде решение за оваа ситуација затоа што е недозволиво сите напори што ги правиме, промените што се обидуваме да ги спроведеме за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат на некој начин спречувани заради неорганизираност на градските власти. Се надевам дека градските власти сериозно ќе ја сфатат оваа ситуација и под итно ќе најдат соодветно решение, изјави Јаневска пред почетокот на потпишувањето на Анексот на меморандумот за соработка меѓу МОН и Амбасадата на Франција.

Јаневска дава поддршка и на студентите кои најавија дека утре ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје доколку не се најде решение со јавниот превоз.

- Апсолутно се во право, имаат право својот револт на соодветен начин да го изразат и ако ова е единствениот начин да најдат решение, јас ги поддржувам, рече Јаневска.

Проблемите со јавниот градски превоз кулминираа вчера откако најголем дел од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие не возеа поради недостиг на гориво. Во сообраќај беа пуштени само 25 автобуси кои работат на гас.

За денеска во 18 часот е закажана вонредна сендица на Советот на Град Скопје, а дел од политичките партии побараа оставка од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсоваска.

На државните универзитети ќе се формира Унија на синдикати на високото образование

Учесниците од шесте државни универзитети, односно ние претседателите на соодветните синдикални организации, едногласно одлучивме за здружување и основање на Унија на синдикати на високото образование. 

Претседателите на синдикатите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, „Св. Климент Охридски“-Битола, „Гоце Делчев“-Штип, „Мајка Тереза“-Скопје, „Апостол Павле“-Охрид и Универзитетот во Тетово, потпишаа иницијатива за формирање Унија на синдикати во високото образование.

Синдикатите се задоволни од досегашните успешни синдикални активности, посебно во делот на законското решение и зголемување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, и сметаат дека со формирање на Унијата ќе бидат уште поефикасни, изјави за МИА, универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикалната организација при УКЛО-Битола.

-Во Битола одржавме успешен состанок во функција на работничките права. Учесниците од шесте државни универзитети, односно ние претседателите на соодветните синдикални организации, едногласно одлучивме за здружување и основање на Унија на синдикати на високото образование. На овој начин ќе може во иднина поефикасно да ги застапуваме и остваруваме работничките права, да помогнеме во унапредување на стандардот на вработените и да дејствуваме во подобрувањето на квалитетот на високото образование во интерес на студентите, истакна Дукоски.

Иницијативата е успешна, документацијата е комплетирана, претстои регистрирање на Унијата на синдикати во високото образование, а потоа и промоција која најверојатно ќе се одржи во Охрид, најави Дукоски.

-Синдикатите на државните универзитети остануваат посветени на парадигмата дека нема прогрес без достоинствена плата и работни услови, ниту автономија и слобода на мислата и говорот во академијата без достоинствен живот, што е силен мотив за синдикалните напори на универзитетите во државата. УКЛО преку својот синдикат, овие постулати силно и активно ги поддржува, посочи универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Малолетен ученик физички повредил соученик во велешкото ООУ„Блаже Конески“

Во Полициска станица Велес вчера било пријавено дека во Општинско Основно училиште, малолетник физички нападнал друг малолетник-негов соученик.

Со итна медицинска помош малолетникот бил однесен во болницата во Велес за укажување на лекарска помош.

Како што информира денеска портпаролот на СВР Велес, Биљана Ѓаковска, за настанот известен бил јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес.

Таа најави дека СВР Велес презема мерки за расчистување на случајот.

В.д. директорката на ООУ„Блаже Конески“ Маја Коруновска преку соопштение до медиумите даде појаснување за настанот.

-Училиштето, како и до сега е подготвено за соработка со сите надлежни институции за надминување на вакви ситуации. Ве замолуваме да се воздржите од ширење на дезинформации по овој случај со цел да се заштитат учениците вклучени во инцидентот, нивните семејства и другите ученици од одделенската заедница, а истовремено да се спречат несоодветни реакции од страна на потесната и пошироката јавност, апелира в.д директорката Коруновска

Таа информира дека во ООУ „Блаже Конески“ – Велес, на 20.11.2024 година пред почетокот на вториот час за време на малиот одмор се случи немил инцидент помеѓу двајца ученици од предметна настава.

Од страна на предметните наставници, стручната служба и директорот веднаш е постапено со тоа што е повикана Итна медицинска помош и се известени родителите на повредениот ученик и тој во придружба со одделенскиот раководител и секретарот на училиштето е пренесен во Општата болница во Велес. Веднаш се извршени разговори за резрешување на случајот со сите ученици од одделенската заедница, индивидуално е разговарано со ученикот кој го предизвикал инцидентот и разговори со група на ученици од одделението. Известени се и повикани на разговор родителите на ученикот кој го предизвикал инцидентот и запознаени се со целиот случај и понатамошните постапки кои ќе ги преземе училиштето за случајот. Од страна на училиштето е постапено во согласност со Законот за основно образование и се известени СВР Велес и Центарот за социјални работи Велес.

Појаснува дека во училиштето е направен увид од страна на службени лица од СВР Велес при што е објаснет целиот инцидент и дадени се индивидуални изјави од стана на неколку предметни наставници, лице од технички персонал и директорот, кои интервенирале веднаш по случувањето на инцидентот.

-Директорката и стручната служба ќе продолжат да постапуваат согласно Законските и подзаконските акти, процедури и насоки за постапување при вакви постапки со цел во иднина да не се повторуваат, најави Коруновска.

притисни ентер