Германија го освои Јунајтед купот

Репрезентацијата на Германија ја совлада Полска во финалето на Јунајтед купот 2024 со резултат 2:1.

Во првиот натпревар од финалето во поединечна конкуренција за жени, Ига Швјонтек ја победи Анжелик Кербер за водство на Полска. Во вториот меч, во машкиот сингл, Александар Зверев го совлада Хуберт Хуркач и го израмни резултатот.

Во решавачкиот меч, во мешани двојки, Лаура Зигемунд и Александар Зверев беа посилни од Ига Швјонтек и Хуберт Хуркач.

Покрај Анжелик Кербер, Лаура Зигемунд и Александар Зверев, во германскиот тим на овој куп беа и Максимилијан Мартерер, Татјана Марија и Кај Венхелт.

Јунајтед купот се одржа по втор пат во историјата. Првото издание се случи во 2023 година, кога победи тимот на САД. /МИА

Пленковиќ за изгласувањето недоверба на Владата: Уште едно памфлетче на СДП

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека барањето на опозициската СДП за гласање недоверба на Владата е уште еден лош памфлет од работилницата на оваа опозициска партија.

Барањето за гласање недоверба на Владата го потпишаа 31 пратеник од опозицијата, а за него ќе се расправа во вторник во хрватскиот Сабор (собрание).

„Како Влада, минатиот петок на телефонска седница веќе го кажавме своето мислење за предлогот да се постави прашањето за доверба на мене, како претседател на Владата. Ќе ги отстраниме сите нивни клеветнички намери. Исто така, во овој момент ја завршивме првата фаза од назначувањето на министер за здравство. Докторка Ирена Хрстиќ и јас во вторникот бевме пред Комитетот. Во ист тон, како и ова памфлетче, беше оркестрираниот напад на опозицијата, рече Пленковиќ и изрази увереност дека д-р Хрстиќ ќе биде изгласана за министерка за здравство и дека Владата ќе биде комплетирана.

Опозициската СДП покрена иницијатива за гласање недоверба на Владата по приведувањето на министерот за здравство, Вили Берош, под сомнение дека е вмешан во корупција во здравството./МИА

Во Велика Британија започна судски процес против тројца Бугари обвинети за шпионажа за Русија

 Двајца Бугари денеска пред судот во Лондон признаа дека биле руски шпиони во Велика Британија, на почетокот на случајот против уште тројца Бугари обвинети дека биле дел од истата шпионска мрежа.

Триесет и тригодишната Катрин Иванова, 30-годишната Вања Габерова и 39-годишниот Тихомир Иванчев се изјаснија за невини по обвиненијата за заговор за шпионажа, и меѓу себе и со други, вклучително и руски агент познат како Ричард Тич.

Иванова се изјасни и за невина за поседување лажни лични документи.

На почетокот на седницата на лондонскиот суд, обвинителката Алисон Морган рече дека уште двајца мажи - Орлин Русев и Бисер Џамбазов, признале дека биле дел од шпионскиот заговор.

-Помеѓу 2020 и 2023 година овие обвинети, заедно со голем број други лица, шпионирале за Русија. Сите знаеја зошто им беше наредено да ги извршуваат своите операции. Нивните активности беа преземени директно и индиректно во корист на Русија, рече Морган.

Според Морган, групата вршела надзор, користела лажни идентитети и висока технологија и изготвувала детални извештаи во замена за значителни суми пари.

Случајот доаѓа во време кога односите на Велика Британија со Русија се најнепријателски во последните децении поради инвазијата на Москва на Украина и поради извештаите дека британските ракети со долг дострел се користени на руска територија.

Русија во вторникот протера британски дипломат обвинет за шпионажа, а во октомври шефот на британското домашно разузнавање ги обвини руските разузнавачки служби дека се обидуваат да „нанесат хаос“. /МИА

Планот на Кипар за придружување во НАТО е неприфатлив за Турција

Членката на НАТО, Турција ги критикуваше кипарските планови да поднесе барање за членство во воената алијанса како „неприфатливи“.

-Администрацијата на кипарските Грци во моментов нема апликација за членство во НАТО, но дури и нејзиниот обид е неприфатлив развој на настаните за Турција, изјавија за ДПА извори од турското Министерство за одбрана.

Таквиот обид ќе ја „наруши деликатната рамнотежа“ во Кипар и „негативно ќе влијае на преговарачките процеси насочени кон решение“, рече изворот од Министерството.

Турција потсетува дека одлуките за проширување на НАТО се донесени едногласно и врз основа на „грижата за национална безбедност“ на членките, додаваат изворите. /МИА

притисни ентер