Еурофарм Пелистер очекува уше една победа против ракометарите на Фредериција

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер предводен од новиот тренер Раул Алонсо очекува уште една победа над данскиот вицепрвак Фредериција.

Пред вечерашниот натпревар владее оптимизам во таборот на Еурофарм Пелистер, но тренерот Алонсо е претпазлив.

- Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и беше компетитивна во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана. Јас немав потребно време за подготовка, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали, изјави Алонсо.

Дуелот меѓу Еурофам Пелистер и Фредериција се игра вечер со почеток во 20:45 часот.

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за економска и научна соработка

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка по состаноците за трговија, економија, наука и технологија во Пјонгјанг, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.

Според руското Министерство за природни ресурси, земјите се согласиле да го зголемат бројот на чартер летови по состанокот

Помеѓу јануари и септември, бројот на туристи кои патувале меѓу Русија и Северна Кореја изнесувал повеќе од 5.000 луѓе, а повеќе од 70 отсто од нив патувале со авион. Се очекува зголемените чартер летови да полетуваат не само од источниот регион на Русија во близина на Северна Кореја, туку и од поголемите руски градови во други области, објавија руските медиуми, повикувајќи се на Министерството.

Пјонгјанг и Москва ги засилија дипломатските и економските размени во изминатите неколку години, што кулминираше со посетата на Путин на Северна Кореја во јуни, кога лидерите на земјите се договорија за заеднички одбранбен пакт.

Растечките одбранбени врски меѓу земјите предизвикаа меѓународна тревога, при што Вашингтон, Киев и Сеул ја осудија Северна Кореја за испраќање воена опрема и повеќе од 10.000 војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.

Литванија трет противник на македонските кошаркари во квалификациите за ЕП 2025

 Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува квалификациите за Евробаскет 2025. Во ноемврискиот „прозорец“ противник на „црвено-жолтите“ е селекцијата на Литванија.

Литванците се фаворите на двете средби, но од таборот на нашата репрезентација ветуваат максимална борбеност за секоја топка и искористување на секоја шанса.

Селекторот Александар Јончевски за првиот меѓусебен дуел ќе ги нема на располагање Ненад Димитријевиќ, Ти-Џеј Шортс ниту Итан Хап и ова е огромен хендикеп.

Првиот натпревар ќе се игра вечер од 18 часот во СРЦ „Кале“, додека реваншот се игра во Клаипеда на 24 ноември.

По две кола во Х-групата, Естонија е прва со 4 бодови, Македонија и Литванија имаат по 3, Полска е последна со 2 бода.

На Евробаскет 2025 година пласман автоматски како домаќин пласман обезбеди Полска, а нејзе ќе и се приклучат уште две најдобропласирани репрезентации.

На Попова Шапка измерен -1, во Битола 10 степени

Утрово најниска температура од -1 степен е измерена на Попова Шапка, а  највисока од 10 степени целзиусови во Битола. 

УХМР информира дека 1 степен е измерен во Лазарополе, Крива Паланка и Куманово, 2 во Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Штип, Тетово, Виница и Маврови Анови, 3 во Велес и Кавадарци, 4 во Демир Капија и Крушево, 5 во Берово, 6 во Струмица и Гевгелија, 7 во Охрид, 8 во Претор и 9 во Прилеп.

Во изминатите 24 часа, до 7 часот, наврнат талог од 59 литри на метар квадратен има во Лазарополе, 40 во Маврови Анови, 29 на Попова Шапка, 13 во Крушево, 11 во Тетово, 8 во Скопје-Петровец, Крива Паланка и Куманово, 6 во Охрид, Штип, Велес и Виница, 5 во Берово и Битола, 4 во Скопје-Зајчев Рид, 3 во Кавадарци и Гевгелија, 2 во Демир Капија и Струмица и еден во Претор.

Во текот на ноќта и изутринава времето беше променливо облачно со локални врнежи од дожд, кои во северозападните делови беа обилни. Дуваше умерен, а на повеќе места силен ветер од јужен и југозападен правец. Според податоците од нашите мерни станици силен ветер дуваше во Штип каде достигнуваше брзина до 80км/ч, а во Крива Паланка и Битола над 60 километри на час.

Денеска времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува засилен ветер од северозападен правец, наместа над 80 километри на час. Максималната температура ќе достигне од 6 до 13 степени.

Во Скопје променливо облачно, претпладне со повремен дожд, а попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.

притисни ентер