ЕУ воведува правила за кибер безбедност на критичните субјекти и мрежи

Европската комисија усвои правила за имплементација за кибер безбедноста на критичните субјекти и мрежи, согласно Директивата за мерки на кибер безбедност на ниво на Унијата. 

Оваа прва досега Регулатива од ваков вид, ги детализира мерките за справување со ризиците од кибер напади и условите кога еден инцидент ќе се смета за значаен.

Дополнително, со овие правила компаниите што обезбедуваат дигитални инфраструктури и услуги, меѓу кои и провајдерите на компјутерски услуги во „облак“ и на центрите за податоци, сајтовите за електронска трговија, онлајн пребарувачите и платформите за социјално вмрежување, се обврзуваат да ги пријават евентуалните кибер напади до националните власти. - Ова е уште еден голем чекор во зајакнувањето на кибер отпорноста на критичната дигитална инфраструктура во Европа, посочува ЕУ.

Усвојување на регулативата се совпаѓа со периодот кога истече крајниот рок до кога земјите членки на ЕУ беа обврзани да ја имплементираат Директивата за мерки на кибер безбедност во своите национални законодавства. Рокот за имплементација на Директивата истече вчера.

Според извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера, Маргрете Вестагер, во современиот пејзаж на кибер безбедноста, усвоената Регулатива има огромно значење во зајакнувањето на капацитетите и на безбедносните барања и брзото споделување информации.

- Кибер безбедноста е еден од главните столбови за заштита на нашите граѓани и нашата инфраструктура. Ги повикувам земјите членки да ги спроведат овие правила на национално ниво што е можно побрзо, за да се осигуриме дека услугите кои се клучни за нашите општества и економии се безбедни од кибер напади, истакна Вестагер.

Инаку, Директивата за мерки на кибер безбедност на ниво на ЕУ, што стапи во сила во 2016 година, има за цел да ја прилагоди Европа на дигиталната ера и да обезбеди високо ниво на кибер безбедност во Унијата. Таа се однесува на сектори кои се сметаат за критични за економијата и општеството, како јавните електронски, ИКТ и дигитални услуги, управувањето со отпадни води и отпад, здравството, енергијата, транспортот, производството на критични производи, поштенските и курирски услуги и јавната администрација.

Путин: Саудиска Арабија би била добар домаќин за мировни преговори

Саудиска Арабија би била добар домаќин на потенцијалниот самит за ставање крај на украинскиот конфликт, изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин.

На прес-конференција на различни теми, саудиски новинар го праша Путин за неговите размислувања за посредничките напори на арапското кралство и дали Русија ќе присуствува на мировен самит доколку Ријад биде домаќин на таков настан „до крајот на оваа година“.

Путин потврди дека Русија ја гледа Саудиска Арабија како „пријателска земја“. Тој го пофали саудиското раководство за нивните „искрени“ напори да донесат мир.

-Значи, доколку се организира таков настан во Саудиска Арабија, очигледно самиот простор би ни бил прилично удобен, рече претседателот. Тој, сепак, истакна дека секое конечно решение треба да се заснова на нацрт подготвен за време на прекинатите разговори во Истанбул, Турција, пролетта 2022 година.

Според Путин, украинската делегација првично го одобрила нацрт-договорот кој ќе ја трансформира Украина во неутрална земја и ќе ја ограничи големината на нејзината војска, но потоа нагло ја напуштила преговарачката маса. Официјални лица во Киев подоцна изјавија дека немаат доверба во Русите и дека западните лидери ги советувале да не ги прифаќаат условите на Москва.

По раскинувањето на договорот, Фергусон нема да биде на „Олд Трафорд“

По раскинувањето на договорот, Фергусон нема да биде на „Олд Трафорд“ за дуелот Јунајтед - Брентфорд.

Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед – Сер Алекс Фергусон нема да биде на трибините на „Олд Трафорд“ на натпреварот на „црвените ѓаволи“ против Брентфорд. Средбата може да биде одлучувачка за судбината на Ерик Тен Хаг на чело на тимот. Доколку исходот од натпреварот е поинаков од победа на домаќините, Холанѓанецот ќе добие отказ.

За време на репрезентативната пауза, раководството на Манчестер Јунајтед донесе љубопитна одлука за раскинување на договорот на Алекс Фергусон како амбасадор на тимот. Според него, Шкотланѓанецот инкасирал 2 милиони фунти годишно. Во обид да ги намалат трошоците на клубот, новите сопственици ИНЕОС одлучија да го раскинат договорот на еден од најголемите менаџери во историјата на фудбалот.

Сепак, неговото денешно отсуство од натпреварот не е поврзано со раскинатиот договор. Според медиумите на Островот, Фергусон има „поважна обврска“ која ќе го спречи да биде на стадионот на важниот натпревар.

Минчев: Укинувањето на „балансерот“ не претстaвува ризик за дестабилизација во државата

„Балансерот“ беше предмет на злоупотреба. Гаранција за секое вработување на припадниците на сите етнички заедници мора да се темели на стручност, знаење и квалитет. 

Можноста да конкурира секој за секое работно место е уставно право, потенцира министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

Тој вчера во телевизиска емисија „Трилинг“ нагласи дека од самиот почеток како Министерство, укажувале на злоупотреба на „балансерот“.

-Ние како Министерство, од самиот почеток укажувавме на злоупотреба на „балансерот“ и нашиот став беше дека тој треба постепено во фази, како дигитална алатка, да биде укинат. Тоа го направи Уставниот суд. Гаранција за етничката припадност и нивното вработување во јавната администрација не може да биде ниедна институција, ниту било кој државен орган. Јас тука тргнувам обратно, сосема по друг пристап. Значи гаранцијата за секое вработување на припадниците на сите етнички заедници, мора да се темели на стручност, знаење и квалитет. Можноста да конкурира секој за секое работно место е уставно право, појасни Минчев.

Зборувајќи за интегрирање на државата во Европската Унија, Минчев нагласи дека државата нема друга алтернатива освен ЕУ, но потенцираше дека се неопходни гаранции дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање.

-Нема сила која може да го натера македонскиот народ да каже дека постои од 1945 година. Нема сила која може да го натера македонскиот народ дека има заедничка историја со Република Бугарија. Нема Македонец кој може да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин. Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ, но таму сакаме да влеземе како и сите други – со дигната глава, според Копенгхашките критериуми, базирани на европските начела за еднаквост и рамноправност, бидејќи досега Македонија во рамки на 30 години постоење, направи доволен број на отстапки и жртви. Потенцираше дека се неопходни гаранции од ЕУ, дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање, рече Минчев.

На прашањето за можните граѓански немири, Минчев одговори дека тоа е популизам од страна на опозициската партија ДУИ.

-Тоа е еден популизам од страна на опозициската партија ДУИ. И повторно ќе се навратам, зошто немаше тензии од 2001 до 2015 година. Постоеше ли тогаш „Балансер“? Не. Ова што го прави ДУИ, кој постојано го држи општеството во тензија дека нешто ќе се случи, дека ќе се протестира, дека ќе се наруши безбедноста, го нарекувам со работен наслов „ДУИ против ДУИ“. Во рамки на Националната стратегија за реформи на јавната администрација за 2023-2030 година, ДУИ и нивните министри во тогашната Влада констатираа дека „балнсерот” се злоупотребува и донесоа одлука дека тој треба да биде укинат, рече Минчев.

притисни ентер