Тунискиот суд осуди висок опозиционер на 10 години затвор

Тунискиот суд денеска го осуди истакнатиот член на опозициската партија Ан Нахда, Нуредин Бири, на 10 години затвор под обвинение дека ја загрозил националната безбедност и ги свртувал жителите на земјата еден против друг, изјави неговиот адвокат.

Адвокатот на Бири, Мониа Буали, рече дека судењето било „оцрнето со многу законски прекршувања поради коментарот на Фејсбук што му се припишува на клиентот, за кој техничките тестови докажале дека никогаш не постоел“.

Бири беше притворен 18 месеци заедно со другите противници на претседателот Каис Сајед, кој ја заостри контролата на власта и почна да владее со декрет во она што опозицијата го опиша како државен удар.

Израел изврши нови напади во Либан и Појасот Газа

Израелската армија денеска соопшти дека ги продолжува нападите врз шиитската милиција Хезболах во Либан и палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа.

Во јужниот дел на Либан, Насер Абед ал Азиз, заменик командант на Хезболах во областа Бинт Џбеил во близина на заедничката граница, е убиен во најновите операции, се вели во соопштението на војската.

Копнените трупи поддржани од воздухопловните сили убиле и бројни борци и откопале складишта за оружје на милицијата поддржана од Иран, се додава.

Во Газа, каде што израелските сили во средата го убиле лидерот на Хамас, Јехја ал-Синвар, копнените трупи убиле неколку „терористи“ во јужниот град Рафа и во Џабалија на северот од затворената крајбрежна област, соопшти војската.

Израелската армија извести дека најмалку 115 гранати биле истрелани денеска од јужниот дел на Либан. Целите на нападот беа претежно во северниот дел на Израел, каде во текот на утрото се слушаа сирени за воздушен напад.

Еден човек загина откако беше погоден од остатоци од ракета истрелана од Либан, која падна во близина на градот Акра. 50-годишниот маж, кој беше тешко повреден во својот автомобил во експлозијата, подоцна почина, соопшти израелската служба за итни случаи.

За небаждарен тахограф на автобус изречена глоба од 3.000 евра за правното лице

За небаждарен тахограф на автобус изречена глоба од 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице.

На наплатната рампа Кадрифаково, вчера околу 13.00 часот полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции, запреле и извршиле контрола на автобус марка „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје, а управувано од М.З.(42) од Свети Николе.

Како што денеска соопштија од МВР, во рамки на контролата било утврдено дека тахографот не бил баждарен, односно возачот не поседувал потврда за проверка. За настанот е известен Државниот инспекторат за транспорт и врски, кој изрекол глоба од 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице.

Си побара од ракетните сили да ја зголемат подготвеноста и способностите за одвраќање

Кинескиот претседател Си Џинпинг побара од ракетните сили на Кинеската Народноослободителна армија да ги зајакнат своите „способности за одвраќање и борбена готовност“.

Си го изјави ова во четвртокот за време на инспекцијата на бригадата на ракетните сили, објавија кинеските медиуми.

Тој побара од ракетните сили на Народноослободителната војска одлучно да ги исполнат задачите што им ги довери партијата и народот.

притисни ентер