Експлозии низ Бејрут во текот на ноќта, напаѓани финансиерите на Хезболах

Бејрут ноќеска беше потресен од експлозии веднаш откако Израел се закани со „непосредни напади“ на локации поврзани со финансирањето на Хезболах.

Израелските одбранбени сили (ИД) синоќа објавија дека планираат да нападнат „голем број“ локации. Повеќето од нападите беа насочени кон филијали на Ал-Кард Ал-Хасан, банка без лиценца која се смета за еден од главните извори на готовина на Хезболах.

Експлозиите најпрво се слушнаа во јужниот дел на главниот град и долината Бека, но висок израелски разузнавач нагласи дека цели биле погодени „ширум Либан“. Еден од нападите беше извршен во близина на меѓународниот аеродром Рафик Ал Харири.

Се појавија снимки на кои се гледа уривање на зграда погодена од Израелците. Споменатата зграда беше прогласена за цел само неколку часа претходно.

Портпаролот на ИД Даниел Хагари ги предупреди цивилите: „Секој што е во близина на места кои се користат за финансирање на терористичките активности на Хезболах мора веднаш да си замине“.

Вечерашниот напад се случи откако Израелците вчера објавија дека ја нападнале разузнавачката служба на Хезболах во Бејрут.

„ИАФ (Израелските воздухопловни сили) извршија напад врз командниот центар на разузнавачкиот штаб на Хезболах и подземната работилница за оружје во Бејрут“, се наведува во соопштението.

Како одговор на овие напади, израелската армија соопшти дека вчера беа истрелани 160 ракети преку либанската граница кон северен Израел.

Тензиите меѓу израелската армија и Хезболах се зголемија откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври минатата година.

Струмица доби 1.212 нови канти за смет за домаќинствата и 59 контејнери

Набавени се нови 1.212 канти за отпад, односно канти за хартија и пластика коишто бесплатно ќе ги добијат домаќинствата и 59 контејнери исто така за овој вид отпад.

Посебно сакам да нагласам дека за прв пат почнуваме и со трета канта за селекција на хартија и вакви канти ќе добијат околу 600 домаќинства, изјави денеска градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов по пристигнувањето на кантите и контејнерите во дворот на комуналното претпријатие.

Според него, тоа е значителен влог на Општината и ЈПКД „Комуналец“ во селектирањето на отпадот и заштита на животната средина и тој е убеден дека и домаќинствата коишто ќе ги добијат овие канти ќе знаат да го вреднуваат тоа и правилно да го селектираат отпадот.

-Дополнително преку Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедуваме контејнери со капацитет од еден метар кубен, вкупно 50 и дополнително имаме нови полуподземни контејнери со што бројката на овие контејнери достигнува 27 и ја подигнува Струмица во капацитетот за добро менаџирање за отпад, истака Костадинов.

Тој апелира до граѓаните за домаќинско однесување и кон кантите за селектирање на отпадот и кон полуподземните контејнери, кои во неколку наврати, дел од нив, беа опожарени. Додаде дека проектот „Струмица безбеден град“, кој беша изгласан на Форумот на заедниците, преку поставување на камери во градот ќе придонесе за намалување на вандалското однесување и уништување на урбаната опрема.

Стабилно време со студени утра и во наредните денови

Продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и утрински температури кои наместа ќе се спуштаат до неколку степени под нулата, соопшти УХМР.

По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура до средината на неделата ќе биде во постепен пораст.

Браќата од „Оејзис“ сепак ќе имаат одделни соблекувалници и одвоен превоз

Браќата од поп-дуото „Оејзис“ (Oasis) - Ноел и Лијам Галагер наводно ќе бидат „одделени“ вон сцената при нивната долгоочекувана турнеја во 2025 година.

Тоа значи дека ќе имаат посебни, одделни гардероби и ќе патуваат одвоено, што според познавачите, не е невообичаено со оглед на нивните долгогодишни несогласувања и расправии, пишува „Дејли мејл“.

Лошиот однос меѓу раскараните браќа го достигна својот врв во 2009 година, откако Ноел (57) го напушти култниот бритпоп-состав по кавга зад сцената на концертот во Париз. Со Лијам (52) оттогаш се скарани. Сепак, двајцата браќа успеаја да ги тргнат своите несогласувања настрана за да се вратат на сцената.

Според нивните агенти, тие ќе имаат посебни соблекувални и одвоен превоз „за да се избегне потенцијален конфликт и ПР и финансиски кошмари“.

„Ќе работат заедно за промотивниот дел од турнејата и за настапите. Освен тоа, поголемиот дел од времето ќе бидат одделени. Секако, ќе одржуваат заеднички проби, но атмосферата ќе биде наелектризирана“, изјави неименуван извор за „Мирор“.

Лијам претходно изјави дека сега веќе поранешната сопруга на Ноел, Сара Мекдоналд е виновна што составот престанал да постои. Но, откако лани разводот на Ноел, „тежок“ 20 милиони фунти, беше привршен, постариот Галагер бил поуверен „во финансискиот успех на повторното обединување“ на дуото.

Ноел и Сара ѝ открија на јавноста дека се разделуваат во јануари 2023 година, по речиси 12 години брак.

Билетите за 14-те датуми во јули и август, за настапи во Велика Британија и Ирска се пуштени во продажба на 31 август. Поп-составот ќе одржи концерти во Кардиф, Велс; Манчестер, Англија; Лондон; Единбург, Шкотска; и во Даблин, Република Ирска.

притисни ентер