Борозан нападнат од кучиња скитници, неизвесен за натпреварот со Порто

Тренерот на Вардар, Владо Недановски се соочува со проблеми пред утрешниот меч со Порто во 3. коло од ЕХФ Европската лига.

Најверојатно во тимот ќе го нема црногорскиот лев бек, Вуко Борозан кој викендот бил нападнат од кучиња скитници и добил повеќе повреди. Покрај Борозан има уште неколку повредени ракометари од редовите на „црвено-црните“.

- Имаме четири-пет повредени ракометари. Вчера Вуко Борозан додека ги шетал своите деца беше нападнат од улични кучиња и заврши во болница на шиење. Не знаеме дали ќе биде подготвен за настап, изјави Недановски.

Предводникот на вардарци најави бескомпромисна борба на теренот во обид да се дојде до победа.

-Знаеме колку е важен овој натпревар. Нема штедење, една и единствена опција е победата.

Натпреварот Вардар – Порто ќе се игра утревечер од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

„Самсунг“ го претстави специјалниот модел на „Галакси Зед фолд-6“

„Самсунг“ (Samsung) официјално го претстави моделот од специјалната серија на својот паметен телефон „Галакси Зед фолд-6“ (Galaxy Z Fold6).

Дебелината на новиот уред е 10,6 мм, а тежи 236 грама. Тоа значи дека е 1,5 мм потенок и три грама полесен од стандардниот модел. Покрај сѐ тоа, новиот модел има и малку поголем надворешен и внатрешен екран, како и нов изглед на задната страна.

Стандардно има 16 ГБ РАМ-меморија, но и повеќе меморија за „Галакси АИ“ (Galaxy AI), а има и надградена камера од 200 мегапиксели.

За жал, моделот засега е достапен само за купувачите во матичната држава Јужна Кореја, каде што чини околу од 1.850 евра. Продажбата ќе почне в петок, на 25 октомври. Се чини дека следниот пазар ќе биде Кина.

Лимани од Женева: Само родовата еднаквост го прави едно општество повитално и просперитетно

 Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир  Лимани денеска имаше обраќање на Регионалниот состанок за следење на напредокот на Пекингшката декларација и Платформа за акција за родова еднаквост (Пекинг +30) што се одржува во Женева.

Лимани во своето обраќање зборуваше за досегашното спроведување на Пекингшката декларација за родова еднаквост и заложбите на земјата за наредниот пет годишен период, соопшти Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Тој истакна дека Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи да се залага за зајакнувањето на позицијата на жената, како потребна основа за просперитет и одржливост, затоа што силни жени значат силно општество, а во тој контекст за остварување на Пекиншката декларација за родова еднаквост.

- Ќе продолжи процесот на донесување на нови законски решенија усогласени со ЕУ директивите, стратешки документи, програми и мерки за унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените особено во областите на заштита од дискриминација, насилство врз жените и родово базирано насилство, економското зајакнување и родово одговорното буџетирање, здравствената заштита и пристапот до сексуално и репродуктивно здравје, со посебно внимание кон маргинализираните и ранливи групи жени. Ќе се подобри инклузивниот/партиципативен процес во подготовката на политиките, со консултација на целните групи/засегнатите страни (на пример, жени од руралните области, Ромки, жени со попреченост и други маргинализирани групи). Ќе се продолжи со подобрување на производството и дисеминацијата на родовата статистика преку градење на капацитетите на ДЗС и другите актери во статистичкиот систем, посочи Лимани.

Најави и дека ќе се направат напори за зголемување на финансиската поддршка и партнерството со граѓанските организации кои работат на родова еднаквост и зајакнување на жени за да се овозможи спроведување на активности на ниво на локалните заедници, а ќе продолжат и напорите за намалување на родовиот јаз во економијата и подобрување на положбата на жените на пазарот на трудот.

- Ќе се засилат реформите во образовниот процес за спроведување на родово-сензитивни програми кои работат на искоренување на родовите стереотипи, спречување на насилство и сексуално образование во насока на унапредување на репродуктивното здравје. Ќе се работи континуирано на едукација и информативни кампањи за подигање на свеста за справување со родовите стереотипи и дискриминаторски практики, кажа Лимани.

Истакна и дека демографската динамика во државата и регионот е силно препознаена од Владата и е дел од клучни стратешки документи.

- Земајќи предвид дека половина од населението кај нас и во светот се жени, нивното зајакнување и учество во развојот на државата е едно од клучните решенија за градење на демографски отпорно општество. Само родовата еднаквост го прави едно општество повитално и просперитетно но потребно е да работиме заедно за зајакнување на позицијата на жената насекаде во светот. Жената во центар на нашето внимание за да обезбедиме посветла иднина за идните генерации, рече министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани во обраќањето на Регионалниот состанок за следење на напредокот на Пекингшката декларација и Платформа за акција за родова еднаквост (Пекинг +30) во Женева.

Филипче: Етнизирањето на науката не носи квалитет

Етнизирањето на науката не носи никаков квалитет, а дисперзија на научни институции би значело дополнително намалување на квалитетот на науката.

Вака лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја коментираше иницијативата на Коалицијата „Вреди“ за формирање на албанска академија на науки и уметности.

Во одговор на новинарско прашање денеска на прес-конференција во Собранието тој рече дека за да има некаков прогрес во науката би требало да се зголемат средствата посветени кон научно-истражувачката дејност, додека формирање на албанска академија на науки и уметности би значело само намалување на квалитетот на науката.

– Најостро го осудуваме етнизирањето на науката, сметаме дека тоа не носи апсолутно никаков квалитет. Впрочем дополнителна фрагментација и дисперзија на некакви такви научни институции може само дополнително да го намали квалитетот на науката. Вистинска инвестиција во науката би значело зголемување на парите посветени пред се во научно-истражувачката дејност поради тоа што тоа е начинот кај нас за да може науката да има некаков прогрес, рече Филипче.

Издвојување на средства од општинските буџети за формирање на албанска академија на науки и уметности е незаконито, посочи Филипче и доколку има такви дејствија од страна на општините кои најавија дека ќе ја поддржат ваквата иницијатива, Министерството за финансии треба да ги блокира тие буџети.

– Во нашето толкување на законите за локална самоуправа не гледаме законска можност за тоа што го најавија општините како Тетово и Гостивар, дека тие може тоа да го прават. Затоа ја повикуваме министерката за финансии, доколку има најава за некакво незаконско трошење на буџетите, односно за нешто за што тие немаат дозвола, тие буџети да се блокираат, рече Филипче.

За назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Филипче рече дека претставува партиско киднапирање на најсериозните институции во сферата на безбедноста.

– Она што премиерот и Владата го направија со назначување на новиот директор на АНБ е во еден манир на диктаторство со што направија партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата за безбедноста, а тоа е Агенцијата за национална безбедност. Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори. АНБ стана институција во која работат одлични професионалци за којшто назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување, рече Филипче.

Тој најави дека партијата ќе ги извести сите стратешки партнери и ќе побара соодветно мислење и реакција од нивна страна и истовремено ја повика претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова да го запре најавеното спојување на АНБ со Агеницијата за разузнавање.

– Ја повикувам и претседателката Сиљановска – Давкова, да заземе свој став и да го запре најавеното фузионирање на АНБ со Агенцијата за разузнавање. Да не се откажува од нејзините ингеренции поради тоа што има ваква најава за партизација на оваа институција. Тоа значи дополнително зголемување на капацитети на АНБ, кога би се фузионирала според најавите на премиерот. Ќе биде тоа една многу гломазна институција којашто тешко ќе се контролира, како што впрочем видовме во едно минато време 2016 за што и како се користеше, рече лидерот на опозициската СДСМ.

притисни ентер