ДС: Балансерот е минато, етничката припадност не смее да биде критериум за вработување

Етничката припадност не може и не смее да биде критериум за вработување и за унапредување на раководни позиции во јавните институции.

Демократскиот сојуз ја поздравува одлуката на Уставниот суд да го укине т.н. Балансер, алатката за вработување според етничка припадност, со која директно се кршеше начелото на уставно загарантирано право на работа и слободен избор на вработување на сите граѓани, независно од нивната етничка, верска и социјална припадност. Балансерот поттикна бројни злоупотреби и направи вистинска карикатура од декларирањето на етничката припадност на граѓаните, кои само за да се доберат до работно место во државната администрација, масовно лажно се прикажуваа како Албанци, Македонци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби.

Демократскиот сојуз нагласува дека мерит-системот треба да биде единствената алатка за вработување и унапредување на повисоки раководни места во државните и јавните институции. Што се однесува до соодветната и правична застапеност на етничките заедници, која исто така е уставна категорија, важно е да потенцираме дека припадниците на етничките заедници може да имаат предност при вработувањето во државните и јавните институции на национално и на локално ниво, единствено доколку со другите кандидати се изедначени во професионалните квалитети. Тоа е суштината на позитивната дискриминација која се применува како успешен модел во некои мултиетнички општества на Запад.

Етничката припадност не може и не смее да биде критериум за вработување и за унапредување на раководни позиции во јавните институции. Законот за правична застапеност кој се најавува како замена за укинувањето на т.н. Балансер, мора да ги има предвид овие европски и светски стандарди.

За една седмица 613 хоспитализирани и 17 починати од Ковид-19 во Грција

Од Ковид-19 починале 17 лица, додека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 28. 

Намалување на позитивните, хоспитализираните и починатите од Ковид-19 е регистрирано во текот на минатата седмица во Грција, согласно официјалните податоци од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот од 30 септември до 6 октомври позитивноста кај сите тестирани примероци е намалена во однос на претходната седмица, регистрирани се 613 нови хоспитализации, што исто така бележи намалување во однос на минатата седмица, додека просекот во претходните четири седмици бил 592 лица, а вкупно 23 пациенти се приклучени на апарати.

Од Ковид-19 починале 17 лица, додека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 28. /МИА

Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Со инклузивна детска претстава Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа беше дел од одбележувањето на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела. Во МКЦ, во организација на Општина Кисела Вода, Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, пред преполна сала, се одигра инклузивната детска претстава „Малиот принц“.

-Денес сме тука заедно да го одбележиме Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела, на еден навистина посебен начин – со инклузивната театарска претстава „Малиот принц“. Оваа претстава е доказ дека инклузивноста не е само збор, туку вредност која ние како општина ја негуваме и применуваме преку конкретни проекти. Денес на оваа сцена ќе видиме како децата од Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, ни го претставуваат светот на пријателството, љубовта и храброста.

Преку овој настан јасно се гледа дека сите деца, без разлика на нивните предизвици, имаат еднакви можности да ги покажат своите таленти и да учествуваат во општествените активности. Со секој ваков проект ја намалуваме маргинализацијата и го отвораме патот за поинклузивно и поправедно општество.

Во Општина Кисела Вода, инклузивноста е приоритет во секој сегмент од нашата работа. Со бројни проекти покажавме дека секое дете заслужува шанса да сонува, создава и учествува, без пречки и ограничувања. Оваа претстава е само еден од многуте примери каде нашата општина стои цврсто зад идејата за еднаквост и поддршка за сите.

Ве уверувам дека со вакви и слични проекти ќе продолжиме да ги отвораме вратите за сите деца и да создаваме средина каде сите се прифатени и вреднувани за тоа што се. Благодарам на сите кои го поддржаа овој прекрасен проект и на сите деца учесници кои ќе ни ја пренесат магијата на театарот-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање пред присутните.

Претставници на НБ работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ

Претставници на НБ работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ

Како резултат на заедничкиот проект на експерти од Народната банка и од Чешката централна банка, изготвен е работен материјал, под наслов „Преглед на новиот калибриран модел ДСГЕ за економијата на Македонија“, од авторите Тибор Хледик, Јоана Маџоска, Мите Митески и Јан Влчек, којшто беше објавен во реномираната серија работни материјали на ММФ. Изготвувањето на трудот е во рамките на проект за техничка соработка со експерти од ММФ и од Чешката народна банка, чијашто цел беше изградба на нов динамички стохастички модел на општа рамнотежа (ДГСЕ) за македонската економија. Ова претставува прв труд од нашата институција којшто се објавува како работен материјал на ММФ, со што се дава важен придонес во афирмирањето на Народната банка во меѓународни рамки и во јакнењето на нејзината аналитичка инфраструктура, доближувајќи ја до стандардите на централните банки од развиените економии.

Работниот материјал нуди детална анализа на меѓусебните поврзаности на секторите во македонската економија со примена на софистицираниот модел ДСГЕ, којшто беше приспособен соодветно за да ги опфати нејзините карактеристики, а добиените резултати ја нагласуваат неговата корисност како алатка за обликување на монетарната политика на Народната банка засновано на информации.

Овој објавен труд не само што ја истакнува работата и посветеноста на нашиот кадар, туку ја подвлекува и улогата на нашата институција како водечка во придонесот кон истражувањата од економската област во нашата држава.

Целиот труд можете да го прочитате на следнава врска.

притисни ентер