Џенифер Лопез троши како луда после разводот

Ќе ви се заврти кога ќе ја слушнете астрономската сума на пари што ги троши за 24 часа...

Нејзиното богатство се проценува на повеќе од 450 милиони долари. Таа со шопинг ја лечи тагата, тврдат нејзините пријатели.

Џенифер Лопез (55) поднесе барање за развод од Бен Афлек во средината на август, точно на нивната двегодишнина од венчавката. По колапсот на нејзиниот брак, таа се справува со разводот трошејќи пари како луда. Како што пишува „InTouch Weekly“, латино дивата наводно се расфрла со пари како да е милијардер.

По разводот, таа прво го засили своето обезбедување, зголемувајќи го бројот на телохранители за трипати. Повикувајќи се на пријателите на Лопез, сајтот пишува дека таа тројно ги зголемила трошоците и тагата ја лечи со купување облека од познати дизајнери.

-Како и повеќето жени, таа „се лечи“ со шопинг, само што во нејзиниот случај тоа изгледа невидено. Дневно троши до 100.000 долари на дизајнерска облека за себе и својата придружба. Лудо е колку пари троши, но вели дека тоа ја прави среќна, па вреди - крај на приказната - рекол извор близок до оваа пејачка и актерка.

По разводот таа остана без дом, а поранешната куќа што ја делеше со актерот, парот ја стави на продажба пред три месеци и за неа бара 68 милиони долари. Засега нема ништо од продажбата, а таа не се ни обидува да побара нов дом за себе и своите деца.

- Таа знае дека нема да може да добие половина од парите што таа и Бен ги заработија заедно за време на нивниот двегодишен брак. Отпрвин се нервираше, тврдеше дека нема да штеди на адвокати, но сега, како што изгледа, крена раце од тоа, иако не ѝ одговара - додал изворот.

Многумина кои ја познаваат Лопез со децении, тврдат дека таа никогаш не се однесувала вака. Таа не е скржава, но никогаш не трошела пари како сега.

Сепак, нејзиното непромислено трошење и сумата од 100.000 долари дневно е капка во море во споредба со нејзиното богатство. Лопез наводно заработува околу 40 милиони долари годишно благодарение на нејзините многубројни деловни потфати.

Покрај астрономските цифри од филмските улоги и заработката од концерти, на нејзина сметка се слеваат многу пари од нејзините бројни брендови за нега и убавина. Таа исто така поседува и линија на облека со нејзино име, бренд за животен стил и најнови освежителни коктели што таа го лансираше ова лето.

Богатството на Џенифер Лопез се проценува дека вреди повеќе од 450 милиони долари, па таа може да си дозволи да троши 100.000 долари дневно на брендирани „крпчиња“.

Во Прилеп денеска е ден на жалост

Денешниот ден, петок 4 октомври е ден на жалост во Прилеп поради трагичната смрт на трите медицински лица кои вчера изутрината загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. 

Во несреќата загинаа: радиологот примариус д-р Александар Ристески, гинекологот Никола Василески и Фанче Јованоска, радиолошки технолог.

Советот на општина Прилеп одлуката ја донесе синоќа на вонредна седница.

Денеска знамињата во Општината се истакнати на половина копје, а сите културни и спортски манифестации се одложуваат за наредниот ден.

-Прилеп и Македонија загубија врвни лекари специјалисти, еминетни и почитувани луѓе, посветени и одговорни граѓани, кои спасувале илјадници човечки животи и помагале на многу луѓе со својата специјалност, но ги загубија животите, патувајќи токму, на своите работни места во Битола за да им помогнат на други луѓе. Прилеп вечно ќе се сеќава на прим. д-р Александар Ристески, спец. радиолог, д-р Никола Василески гинеколог и Фанче Јованоска радиолошкиот технолог, кои ќе бидат вечна наша тага и непребол, рече прилепскиот градоначалник Борче Јовчески по донесувањето на одлуката на Советот за денешниот ден, петок, 4 октомври, да биде ден на жалост во Прилеп.

Севернокорејскиот лидер се закани со нуклеарно оружје ако се нападне суверенитетот на земјата

Ким го критикуваше јужнокорејскиот претседател  Јун Сук-Јол за заканите упатени кон Северна Кореја, тврдејќи дека тие покажуваат кој ја загрозува регионалната безбедност и мирот.

Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун изјави дека земјата нема да се двоуми да прибегне кон сите расположливи напаѓачки сили, вклучително и нуклеарни, доколку непријателот се обиде да го загрози нејзиниот суверенитет, пренесе севернокорејската агенција КЦТА.

Ким го критикуваше јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол за заканите упатени кон Северна Кореја, тврдејќи дека тие покажуваат кој ја загрозува регионалната безбедност и мирот.

КЦТА пренесува дека Ким ги направил овие коментари за време на воената обука на специјалните единици.

Светска недела на вселената

Годишната прослава на Светската недела на вселената во земјава започнува денеска со темата „Вселената и климатските промени“. Целта на овој настан е да се истакне важноста на вселенските истражувања и нивното позитивно влијание врз човештвото.

- Секоја година од 4 до 10 октомври, луѓе од целиот свет се обединуваат за да ги прослават достигнувањата во истражувањето на вселената и да ги едуцираат и инспирираат младите, вели Марина Таневска, национален координатор на Светската недела на вселената во Македонија.

Овие датуми одбележуваат два историски настана:

● 4 октомври 1957 година: Лансирањето на првиот човечки направен сателит, Спутник 1, со што започна ерата на истражување на вселената.

● 10 октомври 1967 година: Потпишувањето на Договорот за принципи за мирно користење на вселената, Месечината и другите небесни тела.

Минатата година, Светската недела на вселената беше одбележана со 16.000 настани во 83 земји, вклучително и Македонија. Оваа година се очекува бројот на настани да биде уште поголем. Темата „Вселената и климатските промени“ има за цел да ја поврзе глобалната заедница и да го истакне значењето на сателитите и вселенската технологија во следењето на промените во животната средина и намалувањето на ефектите од климатските промени.

Одбележувањето ќе продолжи на 9 октомври со настанот #SpaceTalks: Од вселената до климатските промени. Овој бесплатен настан ќе се одржи во Стартап Клуб Скопје, со почеток во 19:00 часот, а вклучува две предавања: „Астероиди: мали небесни тела во Сончевиот систем“ на Елена Вчкова-Бебековска, професор по астрономија и физика на Природно-математичкиот факултет, како и „Климатската криза – Поглед од вселената“ на Горјан Јовановски, активист и ко-основач на EarthCare.ai.

притисни ентер