Бројот на загинати од ураганот Хелена во САД се искачи на над 130, милиони без струја

 Бројот на жртвите на ураганот Хелена во шест американски држави се искачи на над 130, а милиони луѓе останаа без струја или пристап до интернет.

Спасувачките тимови во западните делови на Северна Каролина се обидуваат да стигнат до луѓето чија судбина се уште е непозната, три дена откако ураганот Хелена го опустоши југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави.

Бројот на загинати продолжува да расте бидејќи работниците за итна помош стигнаа до областите кои се изолирани поради урнатите патишта и големите поплави.

Советникот за домашна безбедност на Белата куќа, Лиз Шервуд Рандал, изјави дека до понеделник попладне, дури 600 лица кои се водат за исчезнати не се пронајдени, со проценки дека некои можеби се веќе мртви. Во тешко погодениот планински округ Бумкум во Северна Каролина, каде што се наоѓа градот Ешвил, загинаа 40 лица, изјави вчера локалниот шериф.

Залихите на вода и храна беа доставени со хеликоптери и авиони до жителите на областите кои останаа изолирани поради поплавите и прекините на електричната енергија.

Гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер, предвиде дека бројот на загинати ќе се зголеми бидејќи спасувачите се приближуваат до областите отсечени од урнатите патишта, оштетената инфраструктура и големите поплави. Повеќе од два милиони домови и деловни објекти во Флорида, Џорџија, Северна и Јужна Каролина беа без струја вчера, според веб-страницата PowerOutage.us.

Официјалните лица предупредуваат дека обновата и закрепнувањето од големите материјални штети по ураганот ќе биде тешко и ќе трае долго.

Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера разговараше со гувернерите на Џорџија и Северна Каролина и вети дека ќе ја продолжи федералната помош за жртвите од ураганот „колку што е потребно“.

Потпретседателката на САД, Камала Харис, ги откажа планираните активности во кампањата во Лас Вегас, Невада и се врати во Вашингтон порано од планираното за да учествува на брифинзи во седиштето на Федералната агенција за вонредни состојби (ФЕМА). Нејзиниот изборен штаб објави дека Харис ќе го посети регионот погоден од ураганот „што е можно поскоро без да ги попречува операциите за спасување во итни случаи“.

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ја критикуваше Харис дека не е повеќе вклучена во одговорот на ураганот и најави дека ќе го посети погодениот регион.

Тој ја посети Валдоста во Џорџија, наводно за да дознае за невремето и да помогне во дистрибуцијата на хуманитарна помош.

Трамп, исто така, рече дека разговарал со милијардерот Илон Маск за да обезбеди бесплатен сателитски интернет Старлинк (Starlink) за жителите на погодените области кои останале без интернет.

Маск претходно и официјално го поддржа Трамп како кандидат на претседателските избори. Ураганот Хелена го зафати брегот на Флорида во четвртокот навечер, носејќи неколкудневни врнежи од дожд и уништувајќи домови кои со децении се справуваат со невремето.

Фото: Ноле во зелена тренерка ја воодушеви сопругата Јелена

Најтрофејниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ веќе неколку дена вистински ужива во Кина пред стартот на Мастерсот во Шангај.

Новак Ѓоковиќ деновиве престојува во Кина, каде меѓу другото реализираше фотосесија за познат светски бренд чиј амбасадор е.

Ѓоковиќ во Кина пристигна на 28 септември, а оваа недела ќе игра на Мастерсот во Шангај. За време на паузата слободното време го искористи да се слика на посебно место за брендот, што ја воодушеви неговата сопруга Јелена.

Ноле позираше во зелена тренерка „Ла Коста“, а Јелена беше видно импресионирана од моментот, со оглед на тоа што и двајцата го сакаат стилот од 90-тите.

- „90's on“, напиша Јелена под фотките.

Кривична пријава против 18 службени лица за злоупотреба на службена положба

МВР денеска соопшти дека по преземени мерки било констатирано дека шест службени лица од патарината Романовце....

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против 18 службени лица, од кои 12 се полициски службеници - припадници на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, додека останатите шест се вработени како службени лица на наплатна рампа Романовце при Јавното претпријатие за Државни патишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека по преземени мерки било констатирано дека шест службени лица од патарината Романовце, со претходно изготвен список на регистарски таблички на приватни возила, им овозможиле на 12 полициски службеници премин без да се изврши наплата 959 пати во периодот од 01 јануари 2024 година до 15 август 2024 година, односно ја искористиле својата службена положба на полициски службеници и прибавиле материјална корист со неплаќање билет за премин на наплатна станица Романовце на автопатот Куманово – Миладиновци и обратно со своите приватни возила.

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, согласно своите надлежности и овластувања, против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, соопштија од МВР.

Наполи му нуди нов договор на Кварацхелија со плата од шест милиони евра годишно

Раководството на калчолигашот Наполи преговара за нов договор со крилниот напаѓач Квича Кварацхелија, објави новинарот Џанлука Ди Марцио.

Наполитанците контактирале со агентот на фудбалерот за да разговараат за можноста за потпишување нов договор. Двете страни ќе одржат уште една средба во следните неколку недели.

Наполи му понуди на 23-годишниот Грузиец договор според кој играчот ќе може да заработува шест милиони евра годишно со бонуси - слична плата како напаѓачот на тимот Ромелу Лукаку.

Кварацхелија игра за Наполи од јули 2022 година. Во сезоната 2024/25, фудбалерот постигна три гола и направи две асистенции на осум натпревари за тимот.

Актуелниот договор на Грузиецот со италијанскиот клуб е со важност до крајот на јуни 2027 година. Сегашната плата на Кварацхелија е 4,6 милиони евра годишно.

притисни ентер