Филипче: Етнизирањето на науката не носи квалитет

Етнизирањето на науката не носи никаков квалитет, а дисперзија на научни институции би значело дополнително намалување на квалитетот на науката.

Вака лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја коментираше иницијативата на Коалицијата „Вреди“ за формирање на албанска академија на науки и уметности.

Во одговор на новинарско прашање денеска на прес-конференција во Собранието тој рече дека за да има некаков прогрес во науката би требало да се зголемат средствата посветени кон научно-истражувачката дејност, додека формирање на албанска академија на науки и уметности би значело само намалување на квалитетот на науката.

– Најостро го осудуваме етнизирањето на науката, сметаме дека тоа не носи апсолутно никаков квалитет. Впрочем дополнителна фрагментација и дисперзија на некакви такви научни институции може само дополнително да го намали квалитетот на науката. Вистинска инвестиција во науката би значело зголемување на парите посветени пред се во научно-истражувачката дејност поради тоа што тоа е начинот кај нас за да може науката да има некаков прогрес, рече Филипче.

Издвојување на средства од општинските буџети за формирање на албанска академија на науки и уметности е незаконито, посочи Филипче и доколку има такви дејствија од страна на општините кои најавија дека ќе ја поддржат ваквата иницијатива, Министерството за финансии треба да ги блокира тие буџети.

– Во нашето толкување на законите за локална самоуправа не гледаме законска можност за тоа што го најавија општините како Тетово и Гостивар, дека тие може тоа да го прават. Затоа ја повикуваме министерката за финансии, доколку има најава за некакво незаконско трошење на буџетите, односно за нешто за што тие немаат дозвола, тие буџети да се блокираат, рече Филипче.

За назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Филипче рече дека претставува партиско киднапирање на најсериозните институции во сферата на безбедноста.

– Она што премиерот и Владата го направија со назначување на новиот директор на АНБ е во еден манир на диктаторство со што направија партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата за безбедноста, а тоа е Агенцијата за национална безбедност. Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори. АНБ стана институција во која работат одлични професионалци за којшто назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување, рече Филипче.

Тој најави дека партијата ќе ги извести сите стратешки партнери и ќе побара соодветно мислење и реакција од нивна страна и истовремено ја повика претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова да го запре најавеното спојување на АНБ со Агеницијата за разузнавање.

– Ја повикувам и претседателката Сиљановска – Давкова, да заземе свој став и да го запре најавеното фузионирање на АНБ со Агенцијата за разузнавање. Да не се откажува од нејзините ингеренции поради тоа што има ваква најава за партизација на оваа институција. Тоа значи дополнително зголемување на капацитети на АНБ, кога би се фузионирала според најавите на премиерот. Ќе биде тоа една многу гломазна институција којашто тешко ќе се контролира, како што впрочем видовме во едно минато време 2016 за што и како се користеше, рече лидерот на опозициската СДСМ.

Вучиќ: Разговарав со претседателот Путин, тоа беше добар и содржаен разговор

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва на РТС зборува за актуелни теми: од БРИКС до реконструкција на владата.

„Зборував со Путин и тоа е единствената причина зошто не сакав да објавам додека не му кажам на лицето од кое ја добив поканата - претседателот Путин. Тоа е израз на одговорност. Имавме добар и значаен разговор. Зборуваше за прославата на ослободувањето на Белград, како и за аранжманот со гас, и очекувам дека ќе почнеме да зборуваме за долгорочен аранжман во истата секунда кога ја добив поканата од претседателот Путин (за самитот на БРИКС). Му кажав на рускиот амбасадор дека имам договор со Туск“.

„Србија е единствената земја во Европа која не пристапила на ниту една декларација, а ги имаше 44. Путин многу го цени тоа.“

„Србија одамна ги донесе своите одлуки за европскиот пат, за да ги промени, ќе мора многу да се сменат во самата земја. На луѓето им е доста од сѐ, им е доста од приказните за територијалниот интегритет на Украина и непочитување на територијалниот интегритет на Србија Луѓето не знаат ни што значи БРИКС. Нивото на популарност во Србија е 42-42. Тоа ќе биде пониско ниво на единство од она што постои во ЕУ. Дозволете ми да ги информирам граѓаните на Србија, веќе разговарав со 71 претседател и премиер од целиот свет, ќе има постојани посети, за да се подготви Србија за што претстои.“

„Наше е да се подготвиме за Експо, тоа не е само унапредување на угледот на Србија, во следните две и пол години тоа треба дополнително да го направиме и многу повеќе отколку што направивме досега. Јас сум еден од неколкумина лидери во светот на кои им е дозволено да разговараат лидерот на Руската Федерација. Емануел Макрон, исто така ме праша за разговорот со Путин. Тој рече дека е огромна грешка на Украинците што влегле во регионот Курск за да ја прекинат специјална воена операција како што ја нарекуваат.“

„Дали патувањето во Казан на самитот на БРИКС би претставувало крај на европската интеграција на Србија и каква е општата состојба во процесот на пристапување на Србија во ЕУ? Дали дискусијата за литиумот ќе помогне да се донесе правилна одлука за рударството и кога српската економија ќе види конкретни придобивки од добивањето инвестициски рејтинг?“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ разговарал и за Косово, разговорите со Приштина, пописот во Црна Гора и изборите во САД, но и за политичката ситуација во Србија, за реконструкција на владата и за барањата на опозиција за предвремени избори, објави Телеграф.

На предвременото гласање во Џорџија за претседател на САД веќе гласале 1,2 милиони луѓе

Во Џорџија почна предвременото гласање на претседателските избори, а за помалку од една недела гласале повеќе од милион гласачи.

До вторник гласале 328.000 гласачи, соборувајќи го претходниот рекорд на државата за предвремено гласање, а државните власти во петокот објавија дека границата од 1 милион гласови е помината.

Од саботата, 1,26 милиони гласачи гласале предвреме, според веб-страницата на државниот секретар на Џорџија, објави Вашингтон тајмс.

Таа сојузна држава има околу седум милиони регистрирани гласачи, што значи дека 17 отсто од нив веќе гласале.

Џорџија, која има 16 електорски гласови, е една од седумте клучни држави кои би можеле да одлучат дали, по изборите на 5 ноември, следен американски претседател ќе биде републиканскиот кандидат Доналд Трамп или демократската кандидатка Камала Харис.

Актуелниот Џо Бајден тесно победи на изборите во Џорџија во 2020 година со 11.000 гласови.

Победата на Бајден во Џорџија ги подгреа тврдењата на Трамп за наводна изборна измама во тоа време.

Поранешниот претседател сега има два отсто предност пред Камала Харис во Џорџиа, според веб-страницата RealClearPolling.

Попов: Младите добија партнер во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

На вечерашното отворање на политичката академија организирана од УМС Битола, претседателот на УМС и пратеник во собранието, Сергеј Попов, соопшти дека младите ги чувствуваат мерките од владејачката ВМРО-ДПМНЕ .

На вечерашното отворање на политичката академија организирана од УМС Битола, претседателот на УМС и пратеник во собранието, Сергеј Попов, соопшти дека младите ги чувствуваат мерките од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и дека во првите 100 дена се докажа дека се различни и промените веќе се видливи.

„Во првите 100 дена од новата Влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски се решија повеќе проблеми и прашања за младите луѓе, за разлика од претходните 7 години власт на СДСМ. Вработување на 600 млади специјализанти, 250 евра субвенција од државата за сите студенти за купување на електронски уред, отворање на фонд од 10 милиони евра за поддршка на бизниси за млади лица до 29 години до 30 илјади евра, 18.5 милиони евра за реконструкција на студентски домови’’, посочи Попов.

Попов истакна дека се работи на подобрување на животниот стандард на младите за да останат да работат и живеат во Македонија.

„Ако денот по утрото се познава, младите добија партнер во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Јас како предводник на младината на ВМРО-ДПМНЕ и како пратеник ќе се борам за подобрување на стандардот на младите’’, истакна Попов, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер