Блинкен: Светот е побезбеден без „бруталниот терорист“ Насрала

 Светот е побезбеден по убиството на шефот на Хезболах Хасан Насрала од страна на Израел, изјави највисокиот американски дипломат Ентони Блинкен.

Тој го опиша лидерот на либанската терористичка група поддржана од Иран како „брутален терорист“.

- Регионот, светот се побезбедни без него, рече Блинкен но инсистира дека „дипломатијата останува најдобриот и единствениот пат за постигнување поголема стабилност на Блискиот Исток“. Тој вети дека САД ќе продолжат да работат „итно“ да се обезбеди прекин на огнот меѓу Израел и палестинската терористичка група Хамас во Газа./МИА

Директорат на ЕК за проширување: До крајот на годината првата исплата за Западен Балкан

Директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман денеска изјави дека првите средства од Програмата за развој на Западен Балкан ќе им бидат исплатени на земјите од регионот до крајот на годинава.

По презентацијата на Планот за регионален развој во Европскиот парламент, тој изјави дека првите средства ќе бидат префрлени на Црна Гора, Албанија и на Северна Македонија, кои постигнале најголем напредок во реформите.

„Очекувам првите од земјите од Западен Балкан да се приклучат на СЕПА на 1 јануари 2025 година - Црна Гора прва земја, а Албанија и Северна Македонија набрзо, Србија е исто така силно заинтересирана за тоа, како и Косово и, се надевам, БиХ ќе следи не многу подоцна“, подвлече Копман, додавајќи дека тоа е „сведоштво за нов моментум“.

Копман додаде дека сите шест земји од регионот очекуваат инвестиции од Европската унија, дека работат на напредок во реформите и дека таа работа може да се види. /МИА

Пленковиќ најави самит за Украина во Дубровник

Хрватска во октомври ќе организира состанок на врвот на Југоисточна Европа и на Украина во Дубровник со цел да и даде целосна поддршка на таа нападната земја.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ во интервју за ТВ Блумберг нагласи дека главната намера на самитот е да се покаже солидарност и поддршка за Украина од група земји кои имаат историски врски со украинскиот народ.

- Сакаме да ги поддржиме во нивните напори за слобода и територијален интегритет, но сакаме и да видиме како можеме да обезбедиме добро функционирање на украинската економија во околности кои често се многу тешки, рече Пленковиќ. /МИА

САД: Израел „во моментов спроведува“ ограничени операции во Либан

Израел „во моментов спроведува“ ограничени операции насочени против Хезболах во соседен Либан, соопшти Стејт департментот.

„Тоа е она што не информираа дека во моментов го спроведуваат, а тоа се ограничени операции насочени кон инфраструктурата на Хезболах во близина на границата“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Либанската армија ги репозиционира војниците стационирани на нејзината јужна граница, изјави либански воен претставник, откако САД соопштија дека Израел ги информирал за ограничените копнени операции во Либан.

Либанската армија ги „репозиционира и регрупира силите“ на јужната граница по заканите за израелски упад, рече претставникот, барајќи анонимност.

Либански медиуми јкавија дека има гранатирање во близина на пограничните области Вазани, долината Киам, Алма Ал Шааб и Накура.

Вазани и Киам се веднаш спроти Метула во северен Израел - една од трите локации што израелската војска денеска ги прогласи дел од затворена воена зона.

Во изминатата недела, Израел силно бомбардираше цели во источните, јужните и јужните предградија на Бејрут на земјата, убивајќи стотици луѓе и раселени до еден милион, според либанските власти. /МИА

притисни ентер