Белгиски велосипедист е тешко повреден во сообраќајка, се бори за живот

Белгискиот велосипедист Нејтан Ван Хујдонк, денеска е тешко повреден во сообраќајна несреќа во Калмтаут на северот од Белгија.

„Тој е однесен во болница во животно загрозувачка состојба“, изјави портпаролот на локалната полиција.

Според фламанските медиуми, 27-годишниот велосипедист изгубил контрола над автомобилот откако се чувствувал лошо додека возел, а потоа удрил во друго возило додека ја минувал раскрсницата. Според првичните информации неговата бремена сопруга, која била со него не е повредена.

Натан Ван Хујдонк, по потекло од Гуреинд во руралното подрачје на границата со Холандија, се приклучи на тимот на Џамбо-Висма во 2021 година. Во Џамбо Висма се Белгиецот Воут Ван Аерт, Данецот Јонас Вингегард, кој победи на последните два Тур де Франс и Словенецот Примож Роглиќ, трикратен победник на Вуелта и победник на Џиро годинава.

Најмалку 22 жртви во напад врз училиште во Газа за кое ИДФ тврди дека било команден центар

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нападнале команден центар на палестинската милитантна група Хамас, сместен во зграда во центарот на Газа, која претходно се користела како училиште.

- Центарот за команда и контрола, кој беше вграден во комплексот што претходно служеше како училиште „Калед ибн ал-Валид“, беше користен од терористите на Хамас за планирање и извршување терористички напади против трупите на ИДФ и државата Израел, соопшти израелската војска.

Во соопштението објавено на социјалните мрежи, ИДФ не дава информации за жртвите. Војската соопшти дека „се преземени голем број чекори за да се минимизира ризикот од повредување цивили“.

- „Ова е дополнителен пример за систематска злоупотреба на цивилната инфраструктура од страна на терористичката организација Хамас што го прекршува меѓународното право, истакна армијата.

Палестинските власти соопштија дека најмалку 22 лица, претежно жени и деца, загинале во израелскиот напад врз училишниот комплекс. Портпаролот на Цивилната заштита на Газа, Махмуд Басал, рече дека проектилот го погодил училиштето Ал-Зајтун во близина на градот Газа, кое служело како засолниште за илјадници луѓе./МИА

Најмалку шест жртви во поплавите во Јапонија

Најмалку шест лица загинаа, а 10 се водат како исчезнати откако рекордните врнежи предизвикаа поплави и свлечишта во делови од јапонската префектура Ишикава.

Градовите Ваџима и Сузу, кои сè уште закрепнуваат од разорниот земјотрес што ја погоди областа на 1 јануари, беа меѓу најтешко погодените од поплавите. И двата града вчера регистрираа двојно поголема количина на дожд од вообичаеното за септември, јавија локалните медиуми.

Десетици реки се излеаја од коритата, отсекувајќи ги патиштата и изолирајќи повеќе од 100 заедници низ префектурата, се вели во извештаите. Околу 4.000 домаќинства денеска се без струја, информира компанијата Хокурику Електрик Пауер.

Јапонската метеоролошка агенција во саботата издаде највисоко ниво на предупредување опасно по живот за Ишикава и вчера го намали на нормално предупредување. Сепак, властите повикаа на дополнителна претпазливост.

Поплавите ги преплавија привремените населби изградени за луѓето кои ги загубија своите домови во земјотресот на Нова година. Снимките што ги емитуваше локалната телевизија покажаа цела улица во Ваџима под вода.

Регионот сè уште закрепнува од силниот земјотрес со јачина од 7,5 степени во јануари, во кој загинаа најмалку 236 луѓе, се урнаа згради и предизвика голем пожар./МИА

Австралија обезбедува дополнителни 10 милиони долари хуманитарна помош за Газа

Австралија издвои 82,5 милиони долари од почетокот на војната во Газа, а владата најави дека ќе обезбеди дополнителни 10 милиони австралиски долари (6,8 милиони американски долари) хуманитарна помош за Газа.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг рече дека финансирањето ќе овозможи „помош за спасување животи, со фокус на жените и девојчињата“ преку агенциите на Обединетите нации УНИЦЕФ и УНФПА.

„Поддршката на Австралија ќе помогне во решавање на тешката хуманитарна ситуација со испорака на храна и основни хигиенски и здравствени производи“, рече Вонг.

Според неа, брза, безбедна и непречена хуманитарна помош мора да стигне до цивилите, а хуманитарните работници мора да бидат заштитени за да им се овозможи да спасуваат животи.

„Продолжуваме да вршиме притисок за прекин на огнот, заштита на цивилите и ослободување на заложниците“, рече таа.

Министерот за меѓународен развој и Пацифик Пат Конрој ја оцени ситуацијата во Појасот Газа како „катастрофална“.

„Цивилите не треба да бидат принудени да ја плаќаат цената за ужасните дела на другите“, рече тој.

Канбера додели 82,5 милиони долари хуманитарна помош од почетокот на војната во Газа. /МИА

притисни ентер