Меморандум за соработка за поголема ефикасност во справување со организираниот криминал

Потпишан Меморандум за соработка со цел поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупција.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел двете министерства да постигнат поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупција и обезбедување на брзи, координирани и ефективни одговори, информираат од МВР.

На настанот од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и директорот на Царинската управа Бобан Николовски бил потпишан и Протоколот за спроведување на меморандумот меѓу двете министерства што, како што се вели во соопштението, ја уредува и конкретизира соработката меѓу нив со цел ефикасна борба против сите видови криминал.

Министерот Тошковски потенцирал дека ваквиот начин на соработка е круцијален доколку сакаме да имаме сеопфатен и ефективен пристап во борба против организираниот криминал.

-Овие документи кои ги потпишуваме денес се реално наоѓање начин на усогласување за како да се спротивставиме на сите предизвици коишто на некој начин го уништуваат нашето општество. Сметам дека со посветена, стручна и професионална соработка помеѓу институциите тоа може да се покаже на дело. Пример за тоа е една одлична спроведена акција како што беше акцијата при која изнесе 14 цариници и полициски службеници и други службеници во рамки на институциите, пред лицето на правдата коишто злоупотребувајќи ја довербата на граѓаните истите се стекнувале со незаконски средства. Со добра и организирана соработка помеѓу службите во МВР, БЈБ и царинските служби видовме дека можело да се остварат резултати. Тоа е нашата цел, затоа постојат овие институции и само на таков начин можеме да покажеме дека навистина имаме волја да се бориме против организираниот криминал и корупција. Сигурен сум во потенцијалот на луѓето и институциите, само треба да се фокусираме, да ја знаеме која е крајната цел и да се стремиме кон нејзино остварување, истакнал министерот Тошковски.

Министерката Димитриеска-Кочоска нагласила дека денеска потпишале два документа со кои, како што рекла, се прави еден чекор напред во борбата со криминалот којшто претставува закана за развојот на државата.

-Превенирај и спречи е целта на овој Меморандум којшто создава основа за една зајакната соработка помеѓу двете институции и органите во нивен состав, а која ќе се постигне преку координирано дејствување, размена на податоци, заеднички активности и акции, размена на информации, електронско поврзување, како и заедничка едукација и стручно усовршување на кадри, рекла министерката и додала дека потпишувањето на овој Меморандум е потврда за нашата определба за справување со криминалот имајќи предвид дека последниот Меморандум е потпишан во 2006 година.

Директорот на БЈБ Јанев потенцирал дека Бирото за јавна безбедност при МВР е главниот носител на активностите во областа на полициското работење и борба против организираниот криминал додека граничната контрола е еден од столбовите на националниот систем за гранично управување, спречување на илегално преминување на границата, контрола на прекуграничниот сообраќај и одржувањето на јавниот ред и мир на границата.

-Соработката се остварува преку усогласување на работата, координирано и заедничко дејствување и унапредување на соработката на национално ниво (централно, регионално и локално ниво) и меѓународно ниво, размена на податоци за изработка на анализа на ризик/ управување со ризици, спроведување на заеднички активности и акции, формирање на заеднички работни групи и комисии, пружање взаемна стручна и техничка помош како и заедничко користење на технички средства и опрема, побрза и поефикасна размена на информации и податоци, електронско поврзување, како и заедничка едукација и стручно усовршување на кадри, нагласил Јанев.

Според Николовски, организираниот криминал, нелегалната трговија и корупцијата постојано наоѓаат нови начини на делување и ние мора да возвратиме посилно и со здружени сили.

-Со Меморандумот и Протоколот со БЈБ ги поставуваме основите за уште пожестока борба со организираниот криминал преку унапредување на соработката и зајакнување на активностите во борбата со криминалот и корупцијата, како и спроведување заеднички криминалистички истраги со цел фаќање на сторителите, рекол Николовски.

Тој притоа потенцирал дека резултатите веќе покажуваат сериозна борба со нелегалната трговија. Од први јули до 20 ноември има 252 случаи на заплена на стока, што е за речиси 30 проценти повеќе од истиот период изминатата година. Бројот на кривични пријави е зголемен за три пати и тоа најмногу за делата криумчарење, царински измами и избегнување плаќање акциза. Притоа наплатата на приходи во септември е зголемена за 9,4 проценти, во октомври за 5,9 а во ноември заклучно со 21ви е зголемена за 8,6.

Заменик амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса подвлекла дека Меморандумот за разбирање е витална рамка за унапредување на меѓуагенциската соработка во области како што се размена на разузнавачки информации, заеднички операции и обуки.

-Преку овој холистички пристап, двете министерства ќе постигнат поголема ефикасност и ефективност во справувањето со причинителите на криминалот и обезбедување брзи, координирани и ефективни одговори. Протоколот за спроведување на Меморандумот за соработка е подеднакво важен и игра неопходна улога во операционализацијата на неговите стратешки определби. Како што се движите напред, мисијата на ОБСЕ во Скопје ви стои на располагање да продолжи со долгата историја на поддршка и соработка со владата на Македонија, нагласила заменик амбасадорката Пенкса.

Зајкова: Промена на градоначалници со референдумско изјаснување на граѓаните

Либерално демократската партија (ЛДП) предлага со референдумско изјаснување, граѓаните да може да изгласаат недоверба на избран градоначалник, истакна претседателката на ЛДП Моника Зајкова.

На панел дискусија организирана од Либерален Институт, вечерва во Битола Зајкова посочи дека во новиот Закон за локална самоуправа треба да има механизам за отчет на градоначалниците пред граѓаните.

-Ние сметаме дека треба да има механизам за отчет на градоначалниците пред граѓаните. Ваква можност постоела во законот за локална самоуправа од 1996 година, а е избришана со Законот за локална самоуправа од 2002 година. Добро е што сега се отвора темата затоа што претседателот на ЗЕЛС и министерот за локална самоправа најавија изработка на нов закон за чие донесување потребно е двотретинско мнозинство. Добро е да се искористи приликата со новото законско решение да се вгради механизам од кој градоначалниците нема да стравуваат, туку да се мотивираат да бидат што поотчетни кон граѓаните, истакна Зајкова.

Според универзитетскиот професор и дипломат Васко Наумовски, новиот Закон за локална самоуправа треба да обезбеди поголема одговорност на градоначалниците.

-Градоначалниците се меѓу ретките функционери чие отповикување е невозмножно. Прашањето е дали ние како општество сме подготвени за овој актуелен концепт на локална самоуправа да претрпи измени. Мислам дека сме во вистинско време низ дискусии да се дојде до подобар предлог кој во соработка со Владата ќе кулминира во Собранието со нов закон за поголема одговорност на градоначалниците, посочи Наумовски.

На панел дискусијата во Битола говореа и градоначалникот Тони Коњановски кој предочи дека во духот на транспарентноста и интегритетот, секој градоначалник треба чесно да ја изработи доверената задача, поранешниот претседател на Советот на Општина Битола и потпретседател на ЛДП Валентин Груевски истакна дека референдумската смена на градоначалник да не се прави во првата или последната година од мандатот, додека Златко Милошевски, прв претседател на општинското Собрание, избран во 1991 година истакна дека иако времињата кога тој бил на чело на општината и денеска се различни, но одговорноста е голема и иста.

Мицкоски:Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките,целта е што пониска камата

Премиерот Христијан Мицкоски  соопшти дека има нова позиција по денешниот состанок на банките околу условите за пласирање на средствата од унгарскиот кредит за стопанството и оти се надева  дека деновиве ќе има друга позиција.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека има нова позиција по денешниот состанок на банките околу условите за пласирање на средствата од унгарскиот кредит за стопанството и оти се надева дека деновиве ќе има друга позиција, со цел бизнисот да добие што пониска каматна стапка.

Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски вечерва потврди дека Владата со банките разговара за камата на кредитниот ризик за стопанството наведувајќи дека „банките бараат 3,25 проценти сега се приближуваме кон нулата, ќе видиме кај ќе стигнеме.

- Се преговара се уште, не можам да ви кажам колку бараат затоа што имаше една позиција, после денешниот состанок имаме нова позиција, се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција. Се уште траат преговроите, нема да завршат денеска, можеби ќе траат и во текот на викендот. Инаку како Влада сакаме што пониска камата за компаниите. Таа е камата за компаните, не е за нас. Банките бараат 3,25 проценти, сега се приближуваме кон нулата, ќе видиме кај ќе стигнеме, рече Мицкоски, по отворањето на Македонската вечер во рамки на „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

Мицкоски истакна дека целта е бизнисот да добие што е множно пониска камата стапка.

Бараме нула проценти затоа што тоа ќе биде каматна стапка за бизнисот, ние сакаме бизнисот да добие што е множно пониска камата стапка, ние рековме овие 3,25 проценти ќе ги плаќаме ние како држава. Можеби финансиската состојба на пазарите ќе биде таква да за две три години издадеме еврообврзница за каматна стапка од 1, или 1,5 проценти, па ќе ја земеме, па ќе го вратиме порано кредитот, тоа е наша одлука како Влада. Ние сега преговараме со банките за онаа каматна стапка што ќе ја плаќаат компаните, односно бизнисот, економијата. Нам ни одговара нула, да не плаќаат, да добијат пари, да вложат во својот бизнис, и потоа да креираат нови работни места итн..., изјави Мицкоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска претходно изјави дека по состаноците на Министерството за финансии со секоја од банките поединечно, тие денеска на завршен состанок треба да ги додефинираат работите за парите од унгарскиот заем.

Според Димитриеска Кочоска, се чека конечен одговор од банките за каматата што ќе биде пониска од 3,25 проценти, додека рокот останува и голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.

- Во однос на каматната стапка, секоја од нив имаше свои предлози. Ги замолив денеска да се договорат и дадат конечен предлог што ќе биде понизок од 3,25 проценти, изјави Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања.

Еврото падна на двегодишен минимум во однос на доларот

Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот, откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.

Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNBC.

Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс на менаџери за набавка (PMI) во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поен.

PMI е параметар кој се користи како показател за економската активност, а резултатот под 50 поени укажува дека економијата е во состојба на контракција, односно пад на економската активност.

Ноемвриските податоци за деловната активност во еврозоната ги подгреаа очекувањата дека Европската централна банка идниот месец значително ќе ја намали референтната каматна стапка, наведува американската медиумска компанија.

притисни ентер