Австрискиот канцелар го прими лидерот на радикалната десница за да му каже дека не го сака

Лидерот на конзервативната Австриска народна партија (ОВП), канцеларот Карл Нехамер, денеска, по средбата со лидерот на Партијата на слободата (ФПО), Херберт Кикл, го повтори своето противење за учество на неговата партија во владата заедно со него.

На 29 септември евроскептичната, проруска ФПО за првпат победи на парламентарните избори во Австрија со 29 отсто од гласовите, но потребна им е коалиција за формирање влада и мнозинство во парламентот. Кикл смета дека треба да биде канцелар, но другите партии не сакаат сојуз со него.

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен, кој го координира формирањето на влади, минатата недела рече дека лидерите на трите партии со најмногу гласови треба да се состанат оваа недела за да видат „дали навистина го мислат она што го зборуваат“. „Нема да му помогнам на Херберт Кикл“, рече Нехамер на кратката прес-конференција по средбата со лидерот на ФПО, прва од трите планирани.

ФПО јавно предложи ОВП да го смени Нехамер за да овозможи коалиција, но раководството на конзервативната партија останува кај канцеларот. Кикл смета дека секоја коалиција без ФПО би била недемократска бидејќи неговата партија победила на изборите, но ОВП не се согласува и тврди дека мнозинството Австријци гласале против ФПО.

За ФПО не постои можност за владеење без ОВП, а ОВП би можела да води коалиција со третопласираните социјалдемократи и помалите партии како либералната Неос.

Филипче: Категорично сум против етнички поделби во науката

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, изрази сериозна загриженост за идејата за формирање на паралелна академија за науки и уметности.

Во пост на фејсбук, Филипче остро реагира против ваквиот проект, нагласувајќи дека е категорично против етнички поделби во науката.

-Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање на паралелна нова академија за науки и уметности. Преседан е создавање на “етнички чисти” институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици, вели Филипче.Тој потенцира дека СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите. Изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ молчи за ова прашање, што според него значи одобрување на иницијативата и најави дека СДСМ ќе се спротивстави на ваквите проекти со сите механизми.

.

Во Кривичен продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Со испитување на сведоци на предлог на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На денешното рочиште ќе бидат испитувани сведоците Музафер Калишиќ и Ристе Самарџиев.

На минатото рочиште во понеделникот сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков.

Мајката на убиената Вања Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека го нема Жежовски, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Адвокатот Марјан Витановски, бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по рочиштето изјави дека исказот на мајката на Вања, не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела кои му се ставаат на товар на првообвинетиот Љупчо Палевски, додека адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е исто така осомничен во случајот, вели дека со исказот на Зорица Ѓорчевска се расчистиле сите шпекулации.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите

Јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите за академската 2025/2026.

Централноевропската програма за размена во областа на универзитетски студии (CEEPUS-Central European Exchange Program for University Studies) објави јавен повик за партиципација на високообразовните установи во CEEPUS-мрежите за академската 2025/2026 година.

Република Северна Македонија како потписник на Договорот меѓу Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Молдавија, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Косово за промовирање на соработката во областа на високото образование во рамките на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUS IV - Central European Exchange Program for University Studies), им овозможува на високообразовните институции да партиципираат, како координатори или партнери во универзитетските мрежи од различни области.

-Согласно CEEPUS IV договорот има одредени промени. Имено, CEEPUS-мрежата треба да ја сочинуваат најмалку пет високообразовни установи од најмалку пет држави членки на CEEPUS-програмата, при што еден член ја има улогата на координатор на мрежата. Координаторите и партнерите на мрежите можат да бидат високообразовни установи и нивните придружни членки. Од академската 2024/2025 година еден професор со наставно знаење може да координира само една мрежа, додека бројот на мрежите во кој еден професор со наставно знаење може да ја има улогата на контакт лице ограничен е на четири академски мрежи, наведува МОН во објавениот повик.

Програмата има цел да промовира мобилност на студенти и наставен кадар и соработка и развивање заеднички програми што води до заеднички дипломи (Joint degree).

Поднесувањето пријави за вмрежување односно за учество во CEEPUS-мрежите е онлајн на официјалната платформа на CEEPUS-програмата: www.ceepus.info

Рокот за аплицирање е 30 ноември 2024. Во јавниот повик објавен од МОН се содржани повеќе информации за условите и начинот на аплицирање, потребната документација што треба да се приложи со електронската пријава, како и контакти од Националната CEEPUS-канцеларија за подетални информации.

притисни ентер