За наградата имаше пет финалисти. Покрај Ѓурчинова, беа и Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на „Бегемот“, 2024 година; Екатерина Бабамова за преводот од англиски јазик на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на „Артконект“, 2023 година, Елисавета Поповска за преводот од француски јазик на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на „Илика“, 2024 година и Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на „Паблишер“, 2023 година.
Жири-комисијата во состав проф. д-р Зорица Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Владимир Јанковски од издавачката куќа „Антолог“, едногласно одлучи „Драги“ да ѝ се додели на Анастасија Ѓурчинова.
- Станува збор за превод кој на мошне суптилен начин ги задржува стилските карактеристики на книжевниот дискурс на Николо Аманити, умешно вклопувајќи ги во стилските, лексичките и синтаксичките можности на македонскиот јазик. Преводот на Анастасија Ѓурчинова се карактеризира со прецизност и верност кон оригиналниот текст, со огромна почит кон стилот на авторот. Таа вешто ги пренесува културните и јазични нијанси, одржувајќи ја специфичната динамика и литерарниот тон на делото. Онака како што Аманити мајсторски го користи јазикот во своите дела, така и Ѓурчинова тоа мајсторство го транспонира во нејзиниот превод. Текстот е јасен и се чита природно, динамично, без јазични пречки. Вешто пренесувајќи ги емоциите и атмосферата, преводот му овозможува на читателот да доживее искуство слично на она што го нуди оригиналот. Како последица на тоа, преводот на „Интимен живот“ предизвикува и големо читателско задоволство, стои во образложението на жири-комисијата.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951- 2022) – писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Целта на наградата е да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела во македонската култура.
Германскиот професор и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашнaта интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин.
- Ќе се согласиме сите дека преведувањето на романот „Пиреј“ на кој било странски јазик претставува исклучително голем преведувачки предизвик, со кој се соочил и овогодинешниот добитник на наградата „Драги“, Бенјамин Лангер. Очигледно е дека за овој голем преведувачки проект тој не само што поседува одлични и изнијансирани познавања на македонскиот јазик, туку и дека темелно ги проучил историскиот и книжевниот контекст, јазичните специфи на руралниот, архаичен живописен македонски говор, а за културолошки конотираните македонските лексеми понудил креативни германски еквиваленти. Би сакале да напоменеме и дека внимателниот читател на овој германски превод на Лангер може да го наслушне тоа што во поновите транслатолошки студии се нарекува „глас на транслаторот“, кој во овој случај, маестрално посредува и ги премостува јазичните и културолошките бариери помеѓу двете култури: германската и македонската, објаснува жири-комисијата.
Лангер е голем познавач на македонските јазик и литература. Студирал германистика и историја на уметност во Бамберг и Будимпешта, а од 2005 до 2009 предавал на Катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преку преведувачката работа ја приближил македонската книжевност до германската читателска публика, што ги вклучува делата на Гоце Смилевски, Бранко Цветкоски, Дејан Трајкоски, Румена Бужаровска, Влада Урошевиќ и Петре М. Андреевски.