Најмалку три лица загинаа во невремето. 34-годишен маж загинал откако неговиот автомобил се излизгал од замрзнатиот пат и удрил во ѕид во Западен Јоркшир непосредно пред 1 часот по полноќ.
Маж на возраст од 60 години починал вчера откако дрво паднало врз неговиот автомобил во близина на Винчестер, додека десетици домови се поплавени во Северна Ирска.
Потоа, околу 08:20 часот, еден човек загина кога на автопат во близина на Нотингем се судриле сребрена Тојота Корола и темносив Hyundai i30.
Жолто предупредување за ветер и дожд е воведено денеска за западните делови на Шкотска и Велс, југоисточна Англија и Северна Ирска.
Во меѓувреме, има 81 предупредување за поплави низ Англија, Велс и Шкотска. Бурата Берт донесе обилни врнежи од дожд кои ги поплавија патиштата и домовите, а предизвикаа и прекини во електричната енергија. Без струја низ земјава се околу 26.000 домаќинства.
Петмина возрасни и пет деца, исто така, синоќа биле спасени од куќа во северен Велс, откако одрон ја погодил областа.
Надлежните соопштија дека групата спасени лица сега е на топло и безбедно место далеку од погодените подрачја.
Градот Понтиприд, во јужниот дел на Велс, е под тревога поради поплавите предизвикани од бурата Берт, а жителите се евакуирани.
На видеата и сликите кои се споделуваат на социјалните мрежи се гледаат потопени автомобили, додека мештаните со кофи се обидувале да исфрлат вода од куќите, пишува Скај Њуз.
Патишта, домови, бизниси и паркови исто така се погодени од поплавите, а центар на заедницата се подготвува да прими луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови.
Локалните власти на Фејсбук објавија дека се уште не е познат целосниот обем на штетата, но дека првичните проценки „не изгледаат добро“.
Бурата Берт усмрти најмалку три лица ширум Британија, а десетици милиметри дожд паднаа во најтешко погодените области во текот на ноќта, додека повеќе од 200 метеоролошки предупредувања остануваат на сила.
„Влијанијата на бурата Берт ќе продолжат да предизвикуваат нарушувања, со повеќекратни предупредувања за ветер и дожд. Иако ризикот од снег сега е намален, врнежите ќе зафатат голем дел од Британија, особено некои југозападни делови на Англија и Јужен Велс, но најсилните дождови во овие области ќе се повлечат во текот на денот“, рече Енди Пејџ, шеф на британската метеоролошка служба.