17- годишен играч на бадминтон почина на терен

Кинескиот 17-годишен играч на бадминтон, Џанг Жиџие почина за време на натпревар на младинското азиско првенство во Индонезија.

Џанг играше против Јапонецот Казума Каван кога доживеа ненадеен срцев удар додека се подготвуваше да му сервира на противникот.

Се онесвести, а лекарите не беа пуштени на терен додека судијата не им даде дозвола. Беше доцна, беше пренесен во болница, лекарите се обидоа да му помогнат, но не можеа. Пораки со сочувство до семејството на младиот кинески спортист упати кинеската асоцијација за бадминтон.

Изборна кампања во Хрватска: Приморац потроши четирипати повеќе од кампањата на Милановиќ

Крајните финансиски извештаи ќе бидат објавени во февруари, по завршувањето на изборите. 

Кандидатот за претседател на Хрватска Драган Приморац, поддржан од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), до сега потрошил 854.000 евра за предизборната кампања, додека актуелниот претседател Зоран Милановиќ потрошил 215.000 евра, според податоците на Државната изборна комисија.

Приморац собрал 387.526 евра од 637 донатори, додека Милановиќ собрал 15.362 евра од само 15 донатори.

Крајните финансиски извештаи ќе бидат објавени во февруари, по завршувањето на изборите. /МИА

Честитка од министерката Божиновска

„Божиќ да биде инспирација да продолжиме да градиме заедничка иднина втемелена на почитта и единството“.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по повод Божиќ упати честитка до сите граѓани кои го слават денот на Христовото раѓање.

-Божиќ е празник кој нè потсетува на темелните вредности на верата и човечноста – љубовта, солидарноста, разбирањето и сплотеноста. Тоа е време кога ги отвораме нашите срца и домови, споделувајќи радост и топлина со нашите најблиски, но и подавајќи рака на оние на кои им е потребна поддршка и утеха, се наведува во честитката.

Таа ја подвлекува важноста од продолжување на градењето заедничка иднина врз основите на почитта, единството и меѓусебната помош.

-Во ова време на духовна радост, нека Божиќ биде инспирација за сите нас да продолжиме да градиме заедничка иднина врз основите на почитта, единството и меѓусебната помош. Да го негуваме семејството како столб на општеството и да ги засилиме вредностите на заедништвото кои се од исклучително значење за нашата заедничка благосостојба. Нека домот на секој верник биде исполнет со мир, благослов и надеж, а празникот донесе светлина и добрина во сите аспекти од животот, стои во честитката од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Меѓународните летови на аеродромот во Дамаск повторно oбновени

Главниот аеродром во сириската престолнина Дамаск денеска целосно ја обнови својата активност, откако таа беше прекината со соборувањето на долгогодишниот претседател Башар ал Асад на почетокот од минатиот месец, пренесува ДПА.

Саад Хаир Бек, службеник на аеродромот, изјави дека утрово од аеродромот полетале два авиони за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а првиот лет од Катар се очекува да слета напладне.

Авиокомпанијата „Катар Ервејс“ најави враќање на летовите за сириската престолнина по речиси 13 години, со три неделни летови, започнувајќи од денеска.

Државната сириска новинска агенција претходно соопшти дека аеродромот од денеска повторно ќе прима меѓународни летови, откако минатата недела беа завршени работите околу неговата обнова. Аеродромот беше оштетен и ограбен по падот на режимот на Асад.

Домашните летови на аеродромот во Дамаск беа обновени на 18 декември, десет дена откако беше соборен на 8 декември Ал Асад, кој владееше со Сирија повеќе од две децении, и ја напушти земјата додека бунтовниците напредуваа кон сириската престолнина./МИА

притисни ентер