Ултра-националистичкиот министер за безбедност на Израел дојде на теренот на џамијата Ал Акса во Ерусалим за, како што рече, „да се помоли“ за заложниците во Газа, уште еднаш да ги доведе во прашање правилата околу едно од најчувствителните места на Блискиот Исток.
Официјалниот став на Израел е дека прифаќа децениски правила кои ја ограничуваат немуслиманската молитва на местото, третото најсвето место во исламот, кое Евреите го нарекуваат Планина на храмот и го почитуваат затоа што во него имало храм од библиско време.
Според деценискиот договор со муслиманските власти, Ал Акса е управувана од јорданска верска фондација и, според децениските правила, Евреите можат да ја посетат, но не можат да се молат таму.
„Денеска стигнав до нашето свето место во молитва за благосостојба на нашите војници, за брзо враќање на сите заложници и целосна победа со Божја помош“, напиша тврдокорниот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир на социјалната мрежа Х.
Објавата вклучува и фотографија на која се гледа како Бен-Гвир шета низ област на врвот на ридот во Стариот град во Ерусалим, но нема фотографии или видеа од него како се моли.
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху веднаш објави соопштение во кое го повтори официјалниот став на израелската држава.
Палестинската милитантна група Хамас киднапираше околу 250 луѓе во својот напад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе. Во војната што следеше во Газа, израелските сили убиле над 45.300 Палестинци, според здравствените власти во енклавата под раководство на Хамас.
Предлозите на израелските ултранационалисти дека Тел Авив би можел да ги промени правилата на теренот на џамијата, во минатото предизвикаа насилни судири со Палестинците.
Во август, Бен-Гвир го повтори своето барање на Евреите да им биде дозволено да се молат таму, што доведе до остри критики.