„Фајзер“: Антимикробната отпорност убива 1,3 милиони луѓе ширум светот секоја година

Во светот, околу 1,3 милиони луѓе годишно умираат од антимикробна резистенција (АМР), односно отпорност на телото на антибиотици.

Во светот, околу 1,3 милиони луѓе годишно умираат од антимикробна резистенција (АМР), односно отпорност на телото на антибиотици, и поради тоа, Генералното собрание на Обединетите нации донесе декларација со која се предвидува намалување на смртноста за 10 отсто до 2030 година, соопшти денеска фармацевтската компанија „Фајзер“, по повод Светската недела за подигање на свеста за антимикробната отпорност.

Таа политичка декларација на ОН беше поддржана од земјите членки, како и од членките на Европската унија, и со тоа се обврзаа на конкретни процедури за решавање на антимикробната отпорност.

Светската недела на свеста за АМР се одбележува од 18 до 24 ноември под слоганот „Биди и ти дел од промената!“, а граѓаните се поканети одговорно да ги користат антибиотиците.

-Околу 35.000 луѓе умираат во Европската економска област. Доколку овој предизвик не се реши веднаш на вистински начин, тој број би можел да достигне загрижувачки 390.000 смртни случаи годишно во европскиот регион до 2050 година, се вели во соопштението.

Наведено е дека АМР ја чини ЕУ повеќе од 11 милијарди евра годишно, а се проценува дека здравствените системи на глобално ниво ќе ги чини уште една милијарда долари годишно до 2050 година.

Во Европа, како што се наведува, секоја петта бактериска инфекција е отпорна на антибиотици, додека во некои земји-членки оваа бројка е 40 проценти.

Европската комисија, исто така, ја препозна сериозноста на антимикробната резистенција за здравјето на населението и во борбата против овој отпор ја вклучи својата најголема реформа на законодавството на ЕУ за лекови во последните 20 години.

-Комисијата е за намалување на употребата на антибиотици и им препорачува на земјите-членки утврдување соодветни национални цели - намалување на потрошувачката на антибиотици во ЕУ за 20 отсто до 2030 година, се наведува во соопштението.

Антибиотиците и антимикробните лекови, како што е објаснето, престануваат да делуваат поради прекумерна и неправилна употреба, бидејќи бактериите развиваат отпорност кон нив. Се додава дека овие лекови не треба да се користат во борбата против вирусните инфекции, бидејќи не се ефикасни, туку само против бактериски инфекции.

Констатирано е дека имунизацијата е клучен начин за спречување на инфекции, проследена со одговорно однесување, хигиена, едукација и одговорно препишување и употреба на антимикробни лекови, како и управување со антимикробната резистенција.

Средба Коцевски-Рокас, во фокусот препораките во последниот извештај на ЕК

Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации за сите овие реформи. 

Јавниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со евроамбасадорот Михалис Рокас. На средбата, како што информира Јавното обвинителство, Коцевски информираше дека Обвинителството веќе презема активни чекори за подобрувања во сите области кои се наведени како препораки во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја и интензивно работи на подготовка за задачите од Реформската агенда која наскоро треба да започне да се реализира.

Како клучен предизвик кој го навел Коцевски, а кој и Европската комисија го констатира во извештајот, се недоволните ресурси кои и се овозможуваат на институцијата за сите активности кои ги реализира.

- Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации за сите овие реформи. Тоа и го направивме. Но, за реформите што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година. Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ на буџетот за Обвинителството во висина од 0,4 отсто од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2 отсто, што е половина од законскиот минимум, соопштил Коцевски.

Тој го запознал евроамбасадорот Рокас и со предизвиците од аспект на кадровска неекипираност на обвинителствата, односно недостатокот и од јавни обвинители и од јавнообвинителска служба, како и застареноста на опремата.

- Соговорниците разговараа дека буџетските приоритети мора да бидат во согласност со приоритетите и планот за работа на Јавното обвинителство и реформите за владеење на правото воопшто за да се постигне напредок во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата. Ова е клучно за земјата да се движи кон ЕУ. Двете страни се согласија да продолжат со напорите за пренесување на овие пораки до одговорните органи во земјата, се вели во соопштението.

Европската комисија во последниот извештај за нашата земја посочува дека за зајакнување на перформансите во борбата против корупцијата треба да им се овозможат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка на обвинителствата и на нивните истражни центри.

„Растечкиот дефицит во ресурси во правосудството ја зголемува загриженоста дека ќе влијае врз квалитетот и ефикасноста на правдата“, стои во Извештајот на ЕК, со кој Обвинителството како институција целосно се согласува.

Саутемптон сака да го ангажира Ендрик од Реал

Премиерлигашот Саутемптон е заинтересиран за напаѓачот на Реал Мадрид, Ендрик, пренесува „Sport.es“.

Англиски клуб може да позајми играч за време на зимскиот преоден рок. За 18-годишниот Бразилец се заинтересиран уште и Рома и Ваљадолид.

Ендрик се пресели во Реал Мадрид од Палмеирас за 47,5 милиони евра во јули 2024 година. Оваа сезона за мадридскиот тим на 10 натпревари постигна два гола и една асистенција.

Саутемптон по 11 кола е на последното место во поредокот на Англиското фудбалско првенство.

ПАСОК станува главна опозициска партија во Грција по распадот на Сириза

Грчката социјалдемократска партија ПАСОК стана водечка опозициска сила во парламентот откако повеќе пратеници ја напуштија левичарската партија Сириза.

ПАСОК, кој во минатото беше доминантна партија во Грција, сега има шанса да се натпреварува со десноцентристичката Нова демократија, предводена од премиерот Киријакос Мицотакис. Сириза, која до неодамна беше водечка опозициска партија, сега има само 29 пратеници, додека ПАСОК располага со двајца повеќе.

Падот на Сириза започна со серија внатрешни проблеми, вклучувајќи борби за лидерската позиција. Клучен момент беше напуштањето на двајца пратеници, кои дополнително ја ослабнаа партијата.

Со новиот статус како главна опозициска партија, ПАСОК добива и поголеми привилегии, вклучувајќи повеќе време за говор во парламентот. Партијата планира да го искористи овој момент за да привлече гласачи кои се незадоволни од владејачките партии.

ПАСОК беше на власт во Грција повеќе од три децении, но изгуби голем дел од поддршката на граѓаните по 2010 година, кога прифати меѓународен пакет помош во замена за строги мерки за штедење.

Сириза дојде на власт во 2015 година со ветување дека ќе ја прекине политиката на штедење, но подоцна го промени курсот и прифати нов пакет помош. Последниот изборен пораз на Сириза во 2023 година доведе до оставка на лидерот Алексис Ципрас, кој беше заменет од Стефанос Каселакис. Сепак, неговото раководење предизвика незадоволство кај пратениците, што доведе до нивно напуштање и формирање нова група. Каселакис подоцна најави создавање нова политичка партија, со што дополнително ја ослаби Сириза.

притисни ентер